За три години има учествувано на повеќе од 30 натпреварувања во Македонија и надвор од неа: 10-годишниот пијанист Стефан Ончев за своите успеси од светски размери
Талентираните деца се најдобрите амбасадори на една држава, а кај нас ги
има навистина во голем. Еден од тие амбасадори, заради кои ширум светот се
слуша името на Македонија е и 10-годишниот Стфан Ончев. Овој млад струмичанец е
петтоодделенец во основното училиште „Никола Вапцаров“ во Струмица, а паралелно
е ученик и во основното музичко училиште „Боро Џони“, исто така во Струмица.
Иако има само 10 години, зад себе има безброј успеси, на кои би можеле да му подзавидат и многу искусни музичари. Тој е млад пијанист, кој својот талент го открил пред само 3 години, а денес може да се пофали со безброј награди, признанија, освоени медали и пехари. За Хаштаг тој ја раскажа својата приказна, ни откри од кој го има наследено талентот, кој му е омилен пијанист, на која награда е особено горд, колку време посветува на вежбање...
# Кога почна да свириш на пијано? Кој го откри твојот талент?
- Со пијаното се дружам од мојата седма година. Кога тргнав во прво одделение мајка ми ме запиша во основното музичко училиште, каде што прво изучував солфеж и теорија на музика. Во второ одделение почнав да свирам пијано. На почетокот свирев едноставни вежби, а како поминуваше времето, ми беше сѐ поинтересно и сѐ повеќе време поминував на инструментот. Така почнав да напредувам и мојата наставничка Ана Цунева реши да ме пријави на првиот мој натпревар на кој постигнав голем успех. Од тогаш редовно ме пријвуваат на разни натпреварувања, како во Македонија така и надвор од неа.
# Од кој го имаш наследено талентот? Дали има некој друг музичар во твоето семејство?
- Јас потекнувам од музичко семејство. Мајка ми е професор по виолина, а татко ми е музички уредник и техничар во радио. Можам да кажам дека мојата љубов кон класичната музика произлезе многу природно и спонтано од секојдневието што ме опкружуваше.
# Која композиција ти беше најтешко да ја совладаш?
- Секоја композиција која ја работам е со одредена тежина, а јас ѝ се посветувам максимално. Начинот на кој ги бирам композициите е така што мојата наставничка секогаш ми задава повеќе композиции. Потоа, се консултираме меѓусебно што сакам да свирам, па заеднички одбираме што следно ќе биде на мојот репертоар.
# Колку време во текот на денот посветуваш на вежбање?
- Секој ден вежбам различно. Понекогаш еден час, понекогаш час и половина, во зависност од тежината на програмата која треба да се изведува (во која фаза е изучувањето на делото, дали е во почетна фаза или завршна кога работам на деталите). Но, најмногу вежбам пред да отидам на натпреварување. Тогаш може да вежбам и по 2 часа дневно.
# Досега имаш учествувано на многу важни натпреварувања - која награда ти е омилена, поточно на која награда си особено горд?
- Во овие три години колку што свирам на пијано, имам учествувано на повеќе од 30 натпреварувања во Македонија и надвор од неа (Србија, Шпанија, Босна и Херцеговина, Италија, Америка), на кои имам освоено многу први награди како и неколку специјални награди. Имам освоено многу медали и трофеи, и разни други музички награди. Немам омилена награда, и на сите им се радувам подеднакво. Од оваа 2023 година можам да го издвојам натпреварувањето во Хилверсум, Холандија, каде влегов во финале со најдобрите деца од целиот свет. Тоа беше многу интересно искуство за мене, каде запознав многу деца од различни држави, свирев во голема концертна сала на еден од најскапите и најубавите клавири во светот. Исто така сакам да го издвојам и натпреварувањето во Белград, Србија каде во конкуренција од 61 учесник добив висока прва награда и златен медал. Во меѓувреме го посетив и градот Алексинац во Србија каде имаше меѓународно натпеварување, а каде исто така освоив прва награда и медал, додека на престижниот меѓународен натпревар Голден пијано освоив Голден Гранд и максимални 100 поени.
# Дали подготовките за натпреварите те попречуваат во исполнувањето на училишните обврски? Имаат ли разбирање твоите наставници?
- При подготовките за натпревар никогаш не заостанувам со училишните обврски, бидејќи секојдневно ги сработувам домашните задачи кои ни ги задаваат наставниците и никогаш ништо не оставам за утрешниот ден. Моите наставници секогаш ме мотивираат да бидам подобар во тоа што го правам, ме бодрат да се развивам и ми ракоплескаат на успесите. Кога ќе ме пофалат при секој мој успех тоа ми дава уште поголем поттик да работам и ме прави горд на себе и на моите успеси.
# Од кој ја добиваш најголемата поддршка?
- Мојата најголема подршка е моето семејство. Тие секогаш ме охрабруваат при секој мој настап и ми даваат сила да застанам и да се претставам најдобро што можам кога ќе застанам на сцената пред публиката или пред жирито.
# Кој пијанист е твој идол? За каква кариера сонуваш?
- Мој идол е една млада пијанистка која има специфични настапи. Нејзиното име е Yuja Wang.
# Каде се гледаш за 10 години од сега?
- За сега неможам да се замислам каде ќе бидам после 10 години. Пијаното е мојата прва љубов, но уште сум малечок за да зборувам за мојата идна професија.
И. Мисајловска
фото: Приватна архива