Зимско сметање на времето: Какви здравствени проблеми носи оваа пракса која чека да замине во историјата?
Викендов не очекува менување на стрелките на часовникот.
Тоа значи дека во три часот по полноќ, часовниците ќе се вратат еден час наназад, и времето во три ќе се смета како два часот.
А какви здравствени проблеми носи оваа пракса која ќе замине во историјата?
Експертите ја доведуваа многупати досега во прашање оваа пракса укажувајќи на здравствени ризици и економска штета.
Веќе некое време критичарите на поместувањето на часовникот два пати годишно се обидуваат да докажат дека таа промена веќе не е корисна. Сега, за да го докажат својот став и се свртеле на науката.
На една коференција, неодамна во Брисел професор по неврохирургија од Оксфорд, Расел Фостер и професор по психологија од Минхенскиот универзитет ги претставиле своите анализи за тоа како поместувањето на часовникот влијае на луѓето, посебно на спиењето.
Нивниот заклучок е дека враќањето на часовникот не донесува заштеда на енергија, претставува значаен здравствен ризик и многу ја чини економијата.
Научниците настојуваат да докажат дека промената на времето има „драматични ефекти“ на физичката и ментална функција бидејќи прави збрка во биолошкиот часовник.
Како што се наведува, на децата и повозрасните им се потребни недели за да се навикнат на таа промена. Истовремено во тоа време се бележи зголемен број на сообраќајни несреќи и компликации после хируршки интервенции.
Покрај штетното влијание по здравјето на луѓето, страда и економијата. Експертите сметаат дека промената на времето два пати годишно ја чини ЕУ помеѓу еден и два отсто од БДП, што е воглавно директно поврзано со здравствените проблеми. Тоа значи дека годишно се губат речиси 300 милијарди евра.
Австрискиот европратеник Хајнц Бекер вели дека постојат доволно научни податоци дека од Европската комисија се бара „конечно да преземат мерки“ и да се стави точка на праксата со која се прави „само штета“.
Извор: faktor.mk