Дарко Јованов: Паб квизовите се далeку од нова работа

Дарко Јованов: Паб квизовите се далeку од нова работа

Објавена во: Интервјуа, Таленти

Последниве неколку години во светски рамки стана актуено одржувањето паб квизови, тимски натпревари во општи познавања на различни теми. Овие квизови најчесто се одржуваат по пабови и кафулиња. Освен прверка на знаењето тие се одлична можност за дружење и забава во опуштена атмосфера без користење  мобилни телефони. Веќе подолг период и кај нас кружи успешната приказна за овие квизови. Дарко Јованов е еден од организаторите на вакавите квизови што секоја среда се одржуваат во Beerтија pub. Тој за Hashtаg.mk открива како се организираат овие квизови, кој може да се пријави, но открива и дел од неговите интересни приказни...

„Епа, јас сум Дарко Јованов, имам 25 години и сум студент на Природно Математичкиот Факултет при УКИМ. Попрецизно, студирам Астрономија и Астрофизика на катедрата за Физика...Знам дека делува малку „wooow“ но стварно не е толку сајнс фикшн колку што звучи. За жал малку го завлечкав факултетот последниве неколку години од многу обврски, интереси и огромна доза прокрастинација, но мислам дека во следниве неколку месеци конечно ќе го завршам за да можам да продолжам понатаму со мастер студии итн“, открива тој.

Дел од многуте активности на Дарко е и успешната приказна за паб квизовите што се одржуваат во Beerтија pub.

„Па вака, паб квизови се далeку од нова работа, долго време може да се најдат низ Скопје, но мислам дека беа организирани за помала група луѓе. Уште од 2013/2014 г. во Стара чаршија дечките од Радио МОФ организираа пабски квиз од сличен калибар кaко „мојот“ во Beerтија. Тогаш имав екипа од неколку другари со кои секоја среда учествувавме на квизовите...изгледа среда си остана оттогаш ден за квизање хахах..“, открива Дарко.

Концептот за овој квиз многу му се допаднал па одлучил и сам да направи нешто слично.

„Тоа беше совршена комбинација меѓу Jeopardy, рандом паб квизови и дружба со доста смеење и учење. Затоа, за време на бојкотот на факултетите во 2015 г., додека се одржуваше алтернативната настава, јас предложив да одржам еден таков ПМФ-квиз, со прашања од сите институти на нашиот факултет, за да се направат мешани екипи, да се здружат институтите и да научиме нешто еден од друг. За жал, темплејтот го спремив, прашањата ги напишав, но денот кога требаше да се одржи квизот, сопре бојкотот бидејќи беше постигнат договор со Министерството за Образование...Така што квизот ми остана во компјутер да ми фаќа дигитална прашина хахах.“, вели тој.

Приказна за успешните квизови во Beerтија pub започнува ова лето.

Летово, со мојот бенд Bona Dea свиревме во Beerтија, бидеќи имавме многу добра соработка со газдите на локалот, им предложив да пробаме пабски квиз и така првиот квиз го одржав на 4 јули и оттогаш секоја среда има сѐ повеќе и повеќе луѓе кои доаѓаат и учестувуваат и ме знаат како „gamemaster Dare“. 

Тој открива дека воопшто не е комплицирано и тешко некој да се пријави на еден ваков квиз и дека правилата се едносатвни.

„Правилата за учество се доста едноставни. Квизот е направен за групи, максимум 6 члена, но може да се пријават и индивидуалци. Секој играч дава по 50 денари, кои понатаму се собираат и се ставаат во кригла, позната како The Mug of Champions. Тимовите се запишуваат на листа и се натпреваруваат по тој редослед. Квизот е поделен во два дела, првиот блок има 5 теми со по 5 прашања од секоја тема, за 10, 20, 30, 40 и 50 поени во зависност од тежината, а потоа во вториот блок следи истото. Тимот кој е на ред одбира прашање, доколку го погодат ги земаат поените, ако го утнат, прашањето се префрла на следниот тим и така сѐ додека некој не го одговори прашањето или не заврти цел круг до тимот кој го одбрал. Тимот што ќе добие најмногу поени е победник и добива гратис пиење од кафичот. Доколку тимот што победи нема утнато ниту едно прашање од тие што самите ги имаат одбрано, тогаш тој е добитник на џекпотот кој е собран во The Mug of Champions. Ако не се исполни овој услов, парите се префрлаат во следниот квиз и така се додека некој не ги земе. Главно правило кое треба да се почитува е да не се користи google бидеќи нели, која е поентата, а и да се биде фин со останатите учесници.“

Дарко не застанува тука, продолжува да организира и да помага во одржувањето на многу интересни настани во Beerтија pub.

„По успехот на паб - квизот, во Beerтија pub секој петок се организира beer pong. Освен ова, планираме неколку нови активности во блиска иднина, вклучуваќи музичко бинго, storytelling night, Jackbox night и други друштвени игри. Исто така мала најава, бидејќи оваа година Halloween Night се паѓа во Среда (31 октомври), што е ден за квиз, подготвуваме тематски квиз – забава под маски заедно со македонското LARP друштво. Ќе има маскенбал, квиз, дружење и журкање. Во Beerтија pub често има и свирки на многу различни бендови. “, открива тој.

Кога сме кај свирките и добрата музика, Дарко освен тоа што ги организира овие квизови, тој е дел и од бендови - Bona Dea и Lorekeepers.

„Дел сум од бендот Bona Dea. Таму свирам гитара, но освен тоа, свирам и бас, мандолина, укулеле, хармоника, мелодика и во последно време и пијано. Како бенд на репертоарот имаме сѐ од џез, блуз, рок, француски шансони, италијански канцони, руски песни, влашки песни, англиски, ирски, шпански, португалски, германски, турски, македонски, грчки..каша попара. Со тој бенд сме настапувале на многу настани, на Лузерфест, на Пиволенд, за француска амбасада, за официјалниот ден на Италија и уште многу рандом дешавки. Бендот некако од трио стана колектив, бидејќи многу музичари имаат свирено со нас, Петар Митев на труба, Филип Петрески на саксофон, Дарко Поповски на контрабас, Слободан Танасковски на флејта, Елена Чадикова, Кристијан Тодоров и Синиша Ѓорѓевиќ на тапани, Ива Дамјановски на пијано,...така што станавме една аморфна маса која што може да функционира со било која комбинација на инструменти. Бидејќи Александра, која свири гитара и Марија која свири укулеле моментално не се во Македонија, активен состав сме јас, Слободан и Ива од последниве неколку недели. Освен Bona Dea, со Слободан сме дел од еден интересен проект/бенд познат како Lorekeepers Guild. Овој бенд е започнат со концептот еснаф од музичари кои раскажуваат приказни преку музика. Кога зборувам за приказни и музика, мислам на традиционални приказни од традиционални земји и народи. Бендот го сочинуваат Слободан Танасковски на флејта и главен вокал, Виктор Танасковски на мандола и вокал, Ивона Митревска на вокал, Бојан Матовски на tin whistle и вокал, Андреј Колавски на бас, Кристијан Тодоров на тапани и јас на гитара. Работиме на вториот дел од нашата „приказна“, европски песни од сите земји, кои имаат добра приказна, изведени на наш начин. Се надеваме дека ќе успеат овие наши проекти. Исто така, ќе напоменам дека со Lorekeepers подготвуваме американски кантри бенд како sideproject. Се гледа дека сме големи љубители на светската музика, па сакаме да го опфатиме и америчкиот фолк, кантри и блугтрес момент бидејќи ем ни се свири, ем мислиме фали нешто такво моментално на нашата сцена...“, открива Дарко.

Б.М.


Објавена во: Интервјуа, Таленти

Можеби ќе ве интересира: