ДЕВЕТТА УМЕТНОСТ: Давор Драмиќанин и Игор Јовчевски стрип уметници кои имаат што да ни кажат
Деветта уметност - вака најчесто ги нарекуваат цртежите кои со неколку збора раскажуваат големи приказани. Стриповите се уникатна уметност заради посебното спојување на визуелниот и литературниот начин на создавање на приказните кои често се пренесуваат и на филмското платно. Оваа единствена форма на уметност на хартија секогаш била многу повеќе од филмски хит. За деветтата уметност кај нас поразговаравме со Давор Драмиќанин, стрип - сценарист и со Игор Јовчевски стрип – цртач и илустратор, момците кои го создадоа првиот македонски суперхерој – АЈВАРМЕН.
Игор и Давор, веројатно се едни од ретките пасионирани читатели, но и собирачи на стрипови. Тие со години се дружат со стриповите имаат бројни колекции кои постојано ги надополнуваат. Еве што велат тие за тоа колку стрипот се чита кај нас, колку тинејџерите се запознени со оваа култура, но и даваат предлози за задолжителна стрип - лектира.
„Стрипската уметност можеби не е исто раширена како во некои подобри времиња, но сепак е присутна. Предноста е што последниве 10 години ги имаме најдобрите стрипски филмови (а сите знаеме која машинерија е филмската индустрија и како напаѓа од сите страни), па тоа помага во приближување на тие ликови до помладите фанови.“ , открива Давор.
„Ситуацијата генерално кај нас никогаш не била многу розова кога станува збор за стрип културата и тоа дали и колку се читаат стрипови, но фер е да признаеме дека е многу поповолна од пред 10-тина години. Сè повеќе и полесно младите доаѓаат во допир со стрипот.“, вели Игор.
Стрип - школите и работилниците што се одржуваат последниве
неколку години се место каде младите стрип- цртачи ги добиваат вистинските насоки и
можност да ги објавуваат своите дела.
„Последниве неколку години се одржуваат стрип школи и работилници, мора да си кажам дека сум пријатно изненаден од младите дечки и нивната запознаеност со стрипот. Сепак е потребен и поттик за младите таленти, некој да ги насочи, да има каде да ги објават своите дела. Ако млад автор добие прави насоки од старт, лесно ќе влезе во креирањето стрип. Може е долг и поспор процес, но голем е меракот кога ќе го споделите своето испечатено дело. Доколку некој само започне со смислување стрип, мислам дека веднаш би го засакал. Стрипот е медиум кој нуди многу забава при креирањето. Дали додека се измислува приказната, дали додека се замислуваат карактерите или пак додека се цртаат таблите стрип.“, ни открива Давор кој постојано е дел од овие работилници.
„Сите стрип - школи им се на дофат, преку најраспространетите Бонели стрипови (италијанска школа: Загор, Текс Вилер, Мр. Но,...), американска суперхеројска школа, француско-белгиска, се до манга стриповите. Совет до младите кои освен што сакаат стрипови чувствуваат дека можат и да создаваат, без разлика дали повеќе им оди пишувањето или цртањето на истите. Бидете тврдоглави и упорни. На крајот едноставно мора да има резултати. Ако не во државава можеби би создавале стрипови за надвор, а тоа е сосема друга приказна.“, вели Игор.
Има тинејџери што сакаат стрипови, но има и такви што сè уште не се запознаени со оваа уметност, па едноставно не знаат од каде да почнат. Еве неколку предлози од Давор и Игор окулу тоа кои се задолжителните стрип - лектири.
„ Доколку сакаат модерни акциони суперхерои, тогаш е лесно - Американскиот пазар нуди бесконечно многу стрипови, Бетмен и хероите од Justice League, Марвеловите X-Men i Avengers, помрачните Hellboy i Spawn...Доколку се повеќе по олдскул стрипови (црно бели цртежи) со вестерн тематика - прво ми доаѓаат на памет стриповите на Бонели (Италијански стрипови кои беа и сеуште се најзастапени во ексЈу) - Текс, Загор... Од таа куќа мора да го споменам и стрипот од кој добив и многу енциклопедиско знаење - Марти Мистерија,а за крај го оставив Дилан Дог, стрип лик кој мислам дека најлесно допира до денешните тинејџери. Следно би ги споменал и јапонските Манги, на оваа генерација растена со Аниме цртани - овој стил на стрипови им е лесно прифатлив. Тука немам многу читано, но има наслови со илјадници табли стрип, која од која по динамична и оригинална. Би ги напоменал Akira, Naruto, One Piece... За крај би ги спомнал фрнацуско-белгиските стрипови, каде акцентот е повеќе ставен на авторот и неговата константна работа на свои стрипови (за разлика од американската машинерија)“, вели Давор.
„Мое мислење е дека сепак помеѓу тинејџерите најпопуларни и најчитани стрипови сепак се суперхеројските односно јунаците и универзумите кои доаѓаат од американската школа.Како јунаци би ги издвоил Бетмен, Супермен, Икс-мен, Спајдермен,... Ова го кажувам и од директно искуство кое го стекнав преку многуте стрип - школи кои сум ги држел. Секогаш најинтересно на младите им било да креираат свој супер херој. Од италијанските ликови дефинитивно најомилен кај младите е Дилан Дог, а потоа Загор. На крај околу тоа што младите сакаат да читаат од стрипови би додал и тоа дека и мангите (јапонска школа) се мошне интересни за нив. Мојата генерација не ја фати таа манга “грозница” и многу не сме упатени во тоа, но ете, кај младите “пали”.“, открива на оваа тема Игор.
Стрип културата во Македонија е сè уште на маргините, но сепак постои надеж дека ќе има подобрување особено заради залагањето на македонските стрип автори.
„Кај нас стрипот е на маргините затоа што е оставен самите автори да се борат за подобрување. Од време на време ќе се организира некоја стрип школа или тематска работилница, но сè уште не постои нешто што би траело со години во континуитет. Среќа што имаме автори кои имаат што да покажат, па последниве години се случуваат и промоции на стрип албуми и стрип списанија. Не е премногу, ама сепак ИМА стрип и кај нас. Голема предност е што последниве години има и 2-3 книжарници во градов каде што можеш да се подновиш со нов наслов. Посебно би ги пофалил Стрип книжарницата Бункер (специјализирана за стрипови и сите пропратни работи околу стрип, со акцент на изданија преведени на некој од балканските јазици) и книжарницата Академска книга (која ги носи новите американски наслови, но и јапонски манги).“, вели Давор.
Б.М.