„Ема“ – првиот филм кај нас снимен од тинејџери за тинејџери
„Ема“ е секој од нас. Ема е лик во кој верувам дека секој од нас може да се пронајде. Таа е една реална, сурова претстава на она што се крие зад насмевката на една, навидум обична тинејџерка.“, вака накусо го опишува главниот лик Ема, во истоимениот филм, сценаристката Лина Бојаџиева.
Лина има само 14 години, учи во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“, горда на успехот што го постигнаа не надевајќи се дека филмот ќе добие и своја кино проекција, таа ни раскажа како започнала целата оваа приказна.
„Идејата беше сосема случајна и неочекувана! Првично идејата дојде кога после долго време анализирање на некои тинејџерски, американски филмови, со мојот другар Мартин режисерот на „Ема“ со кој заедно напорно работевме и на сценариото, си помисливме дека треба да направиме нешто ново и досега невидено за животот на тинејџерите во Македонија од наша гледна точка. Ако ништо друго, барем да укажеме на некои работи кои се случуваат секојдневно за кои не се сите свесни.“
Сценариото и идејата за филмот се на Лина и на нејзиниот другар Мартин Чичовски, кој исто така снимал и монтирал заедно со Оливера Каменаровска која ја толкува улогата на Александра во филмот. Актерите кои дадоа сè од себе да ги доловат нивните улоги најдобро што можат се: Ангела Спировска, Аника Чорбеска, Вања Тројачанец, Виктор Јовановски, Ана Бела Петреска, Антонио Кухар и други. За костимите и шминката беше задолжена Кони Маркова.
„Сценариото со Мартин успеавме да го напишеме за 10 тина дена. Идеите ни доаѓаа толку брзо и филмов ни беше главен приоритет! Снимањето траеше околу месец дена, но секој ден само тоа правевме. Обично можевте да не забележиме низ скопските улици со камерите и микрофоните како шетаме до следната локација за снимање. Помош немавме многу, а не ни требаше искрено. Научивме сами да правиме многу работи и сакавме што е можно повеќе да вложиме наш труд. Поддршката од страна на нашите родители, пријатели и познаници ни беше најбитна, другото беше под контрола хахаха.“, вели Лина.
Филмот е сниман за време на летниот распуст, негде кон крајот на август и септември месец, на неколку локации низ Скопје.
„Снимањетоодеше прилично брзо, секојдневно по цели денови се работеше се снимаше и се монтираше. Снимавме на повеќе локации низ Скопје, многу од сцените се снимани во Градскиот парк, Кисела Вода, Црниче, Центар итн..
Лина ни откри дека најчесто поставувано прашање околу снимањето на овој филм се токму финансиите и како група тинејџери успеале да остварат толку голем проект без некоја поголема финансика поддршка.
„За добар филм не треба ни денар да потрошите ако навистина е толку голема желбата. Опрема има Мартин, не бевме многу професионално опремени, но се снаоѓавме. Една камера, едно друштво и една многу добра идеја. Ништо повеќе не ни требаше! За добар филм е потребна добра приказна. За добар филм се потребни луѓе кои се спремни да вложат се од себе. Посветеноста и идејата се плод на сите успешни нешта. “
Се разбира овој проект немаше да биде толку успешен доколку немале безрезервна поддршка од најблиските.
„Поддршка добиваме од сите страни! Од дома, од училиште, пријатели, познаници.. .Па сега дури и добиваме многу голема поддршка и заинтересираност од многу медиуми кои се заинтересирани во нас и нашиот труд. Среќата моментално не се опишува со зборови! Единствено што никој не веруваше, па дури и ние самите дека ќе прерасне во нешто волку големо! Последното нешто што го очекувавме од ова е да добиеме волкава поддршка и да постигнеме волку големо нешто! На крајот на денот ние сме само деца што решија летото да го поминат дружејќи се и снимајќи филм.“. Открива Лина.
За крај Лина ја откри и пораката што „Ема“ сака да им ја пренесете на врсниците.
„Ема“ не е филм само за нашите врсници, „Ема“ е за сите. На врсниците сакаме да им укажеме дека колку и да стане лошо, за сè има решение. Дека треба да најдат нешто или некој, што ги исполнува, а тоа да не бидат дрогата и сите останати пороци на нашата генерација. Да не се плашат да направат нешто големо. Филмот за нас беше голем ризик и цело време го посветивме на тоа, но пробавме, не се плашете да се покажете и да пробате нешто ново! А како што споменав, не само за врсниците, туку и за повозрасните луѓе имаме една порака. Сакаме да ги видат денешните тинејџери во поинакво светло. Да видат дека не е сè така едноставно како што изгледа. Дека има многу тинејџери, како нас, како вас, како Ема, што сонуваат за многу поголеми работи, но кога ќе се разбудат од тој сон реалноста не е секогаш убава. Преку ликот на Ема сакавме да пренесеме некои важни поенти, што сме ги преживеале не само ние туку и многу наши врсници. Секако, тоа феноменално го пренесе нашата пријателка, актерката која ја игра Ема, Ангела Спировска.“
Филмот својата премиера ја имаше на 3 ноември во киното Синеплекс. Во продолжение погледнете го официлајниот трејлер за филмот.
Б.М.