Херојска приказна на Киро Стојов од Кочани кој гради човештина: Неописливо е чувството кога знаете дека сте спасиле еден живот

Херојска приказна на Киро Стојов од Кочани кој гради човештина: Неописливо е чувството кога знаете дека сте спасиле еден живот

Објавена во: Moj стил, Семејство

Големите луѓе се препознаваат по делата кои ги прават. Вака велат многумина, но малкумина се оние кои навистина може да се пофалат со големо дело какво што неодамна направи 49 годишниот Киро Стојов од Кочани.

Ниту за момент не се поколебал во хуманиот потег а вербата во доброто била она кое му го осветлувало патот напред во намерата да и помогне на сограѓанката Ленче Манова.


-Јас се чувствувам одлично и многу сум среќен што успеав да донирам орган доброволно. Чувството е неописливо -вели Стојов за Фактор раскажувајќи ја накратко приказната која од скромност не сакал да ја кажува.

Доброволното донирање на дел од црниот дроб на лице со кое нема роднински врски на Киро Стојов му донесе општинско признание за хуманост за 2018та година, а завчера хуманиот потег му донесе уште една награда за истото хумано дело  – Стори Личност на годината која лично му ја врачи министерот Венко Филипче.

Сепак, целата таа приказна се случувала во 2015/16 година кога завршила успешно трансплантацијата во Анталија.

Да и даде шанса за нов живот на сограѓанката Ленче, Стојов вели дека не се двоумел а ниту ризиците кои ги носел самиот зафат не го предомислиле.

(Фото: Фејсбук) 

-Во ниту еден момент не се колебав. Одлуката ми беше цврста и имав верба во себе дека се ќе заврши добро.

За ризикот бев известен, но тоа не ме предомисли да се откажам-додава Киро.

Сепак, не изостанала ниту поддршката која ја добил од семејството.

-Кога на мојата сопруга и деца им соопштив каква одлука сум донел, тие ме поддржаа. И покрај тоа што сите бевме свесни за опасностите и можните несакани последици, јас воопшто не се откажав и решив да помогнам за да може друг млад живот да продолжи-посочува Стојов.

Со семејството Манови, како што раскажува Киро, имал деловни контакти повеќе години и знаел со какви здравствени проблеми се соочува нивната ќерка. Животот на Ленче и бил загрозен поради автоимуно заболување.

Тој со еден потег направи нешто несекојдневно, и ретко кој би се осудил во македонски прилики, да биде едноставно хуман како него.

-Денеска се ретки хуманите луѓе. За да бидеш хуман треба да бидеш решителен и да не мислиш на последиците- вели Киро кој испрати порака до јавноста да го следи неговиот пример и преку добри дела да се спасуваат човечки животи.

Киро Стојов работи во печатница а слободното време го користи за релаксирање со неговиот велосипед кој вели дека го одржува во живот.

Со потегот Киро ни покажа дека некои луѓе се херои кои треба да бидат пример за секој од нас. Тој гради човештина.

(Фото 1ТВ) 

Пофални зборови му испрати и министерот Филипче кој вели дека вредностите во општеството ги враќаме самите со нашите постапки, а посака и ваквите херојски приказни во македонското здравство да ги има се повеќе.


Ирена Ставрова

(Фото: Фејсбук) 

Објавена во: Moj стил, Семејство

Можеби ќе ве интересира: