„Среќен сум што настапувам со маестро Влатко Стефановски“: Интервју со Иван Кукиќ
Иван Кукиќ е 21 годишно момче. По презимето сигурно ви делува познато и да не се лажете, тој е син на Ленче и Горан Кукиќ. Тој е младо и талентирано момче кое неуморно работи на својот талент. Во изминатиот период често настапува со реномираниот Влатко Стефановски, а исто така се појави и на сцената на музичкото натпреварување „Никад није касно“ како поддршка на неговите родители. Еве што откри Иван за музичките успеси, омилени настапи и идни планови.# Потекнуваш од
музичко семејство. Колку тоа влијаеше за да ти се роди љубов кон музика?
Потекнувам од музичко семејство и уште од мал ја имам љубовта кон музиката, свирам на повеќе инструменти бас гитара, контрабас, клавир, гитара и народни инструменти.
# Свириш на повеќе инструменти, но можеш да одвоиш еден како омилен?
Ги сакам сите инструменти бидејќи секој инструмент си има своја убавина, но мој омилен инструмент е бас гитарата.
# Како дојде во идејата да студираш на Музичка продукција и дизајн на звук на Белградската Академија за уметностите?
Белград како град ме поврзува бидејќи мојот дедо потекнува од Белград и уште како мал одев таму и го засакав градот. Истражувајки по интернет ја најдов Академијата на уметностите и така одлучив да студирам таму.
# Кој е твојот идол или испирација кога е во прашање музиката?
Има повеќе басисти што ги земам како инспирација, најмногу ги слушам Victor Wooten, Jaco Pastorius и Marcus Miller.
# Често те забележуваме на настапи со реномираниот Влатко Стефановски. Како дојде во оваа соработка?
Со Влатко стапивме во контакт преку еден наш заеднички пријател и така после некое време Влатко дојде до идеја да ме покани да бидам гостин на неговиот концерт во Нови Сад. Тоа за мене е едно прекрасно искуство и голема чест што имав прилика да свирам заедно со маестро Влатко Стефановски. Среќен сум што таа соработка продолжува.
# Можеш ли да одвоиш некој настап, кој ќе го паметиш до крајот на животот?
Настап што ќе го паметам до крајот на животот е настапот со маестро Влатко Стефановски во Нови Сад, бидејќи ја почувствував вистинската магија на сцената и настапот беше прекрасно прифатен од страна на публиката.
# Создаваш ли твоја авторска музика?
Создавам своја авторска музика, имам неколку песни а сега активно работам на еден прекрасен инструментал и се надевам дека наскоро ке биде промовиран.
# Каков е Иван приватно?
Во слободното време сакам да се дружам со моите другари, сакам да компонирам, да го организирам времето како што јас сакам.
# Ќе може да ни раскажеш некоја интересна случка?
Како нешто најинтересно би ја одвоил случката со еден господин додека имав настап. Беше пресмешно, доаѓа тој до мене и ми вели „Дали може да направиме една македонска песна“, на ова јас го прашав која, а тој по некое време ми вика „Кад би био рањен“.
# Каде се гледаш за 10 години?
Сите си имаме свои соништа, но јас би оставил времето да покаже каде ќе бидам за 10 години. Треба да ги следиме своите соништа и со многу работа и труд да ги оствариме.
# Кој хаштаг го користиш најчесто?
Што се однесува до хаштаг најмногу користам #bass.
Ивана Мисајловска