Изгледај стилски и кога си замотана од глава до петтици: 7 мали модни трикови за постудените денови
Ова се мали трикови што ќе направат вашите комбинации да изгледаат уште поубаво.
Освен што е важно да ни биде топло, облекувањето на неколку слоеви облека, а потоа соблекувањето на истата може да биде заморно. Но, некогаш ова се исплати, особено доколку одиш некаде каде што сакаш да ги освоиш другите луѓе со својот изглед. Со овие совети нема да се чувствуваш како Џои од „Пријатели“ кога на себе имаше неколку парчиња облека, туку ќе се чувствуваш како да си заминала на модна писта. Ова се малите трикови кои есенските и зимските комбинации ќе ги кренат едно скалило погоре.
# Ролка може да оди под сè
Како што кажавме, повеќеслојното облекување е еден од „трендовите“ кои ги сакаме во зима. Топло ни е, а дури и да стане претопло, лесно може да соблечеме нешто. Важно парче во овој начин на облекување е ролката. И тоа некоја обична, едноболна, здодевна која ти стои во плакарот и немаш чувство дека ти е потребна. Ролката може да ја облечете под маичка со кратки ракави, под џемпер, под фустан, под џемпер без ракави...
# Иста боја на шал и џемпер
Овој трик е идеален за зимските месеци кога изгледаме како мали шарени волнени топки. За комбинацијата да ти изгледа многу поубаво, послужи се со трикот кој вели дека шалот и џемперот да ти бидат во иста боја.
# Кожените кошули даваат дополнителна топлина и изгледаат супер
Оваа година се носи кожа. Кожените здолништа или фустани не се за оние кои се зимурливи, но за нив може да бидат кожените кошули. Тие ќе дадат дополнителна топлина, бидејќи се еден дополнителен слој во твојата комбинација.
# Чизми над колена се „must have“ за сите девојки кои сакаат здолништа
Само затоа што е поладно не мора веднаш своите здолништа да ги спакуваш. Важно е само да се одберат вистинските додатоци кои ќе ги носиш со нив. Еден од нив, оној најважниот, се високите чизми над колена. Тие се голем моден хит и можеш да ги пронајдеш во различни бои и модели.
# „Fluffy“ парчињата изгледаат слатко и добро топлат
Овие модни парчиња не се за секој. На оние кои им се допаѓаат ваквите парчња, ова зимо без размислување нека ги носат. Ова е тотално ИН и штета е да не се придружите на трендот. Ќе имате чувство како да сте замотани во ќебе, што никако не звучи лошо. Ќе изгледате одлично и ќе ви биде топло.
# Немој да се држиш до темните бои
Секогаш некако се случува со доаѓањето на есента и зимата да почнеме да носиме темни бои, најчесто црна, сива или кафена, што е голема штета. Само затоа што времето е тмурно, не мора да биде тмурна и твојата комбинација. Сети се дека во зима постојат и други бои кои може да се носат, а со тоа инстантно ќе се издвоиш од другите и ќе изгледа како да си вложила повеќе труд во подготвувањето.
# Јакна под јакна
Кој вели дека во зима не може да се носат две јакни одеднаш? Зимските капути и јакни често се поголеми од она што е потребно, но тоа добро ни доаѓа кога се облекуваме слоевито. Под зимската јаква облечи нешто како тенок капут, сако, кожена јакна или нешто слично, не е забрането, а нема ни да изгледаш лошо.