Ќара и возот од стакло (Епизода 11)
Авионот слета на аеродромот во Париз, а тројцата патници во мисија се симнаа и го чекаат својот багаж, кога еден стар, подгрбавен човек ѝ се доближи на Ќара.
„Ќара?“
„Да?“
„Ова е ваше“.
Ќара го доби следното писмо.
Ќара,
Добредојде во градот на љубовта!
Пред да те упатам натаму во овој процес, ти ќе мора да му ја кажеш вистината на твојот татко, за тебе, за мајка ти...
Среќно!
Нозете на Ќара се пресекоа, ама остана цврста. Кога дојде до воздух и кога собра храброст , таа ги повика Огнен и Роберто во малото кафуле на аеродромот, со цел да ја исполни својата задача, да го раскаже болното минато.
Осумнаесет години назад во времето...
Младата Дона својата бременост ја помина сама, згрижена само од својата кутра мајка. Луѓето зборуваа, оговараа, но Дона гордо го носеше своето дете, иако душата и беше парче. Таа страдаше. Разделбата со Роберто за неа беше полошо и од смртта. Таа го сакаше, но во тој момент таа мораше да постапи како жена, како мајка. Го избра своето дете, наместо љубовта на нејзиниот живот. Се надеваше дека ќе ѝ се јави, дека ќе ја побара, ама од него немаше ни трага ни глас. Низ малиот остров во убавата Италија се раширија гласини дека тој се прославил во уметноста и има свое ателје во убавиот и боженствен Рим, но никој не знаеше ништо конкретно. Женската гордост беше поголема од желбата да го побара, Дона, дење и ноќе, девет месеци војуваше сама со себе, против себе. Нејзината војна заврши на 31 мај, кога нејзиното бебе пристигна на овој свет. Тогаш, Дона беше најсреќната жена, таа беше мајка, таа ја имаше Ќара, нејзиниот ангел, нејзината нова љубов и нејзиниот нов живот. Еден месец по раѓањето на девојчето со ангелско лице, Дона доби писмо.
Дона,
Зарем не ти реков да се ослободиш од детето? Зарем не ти стана јасно дека не сакам да сум татко? Доколку ти не ставиш крај на ова, тогаш ќе бидам приморан јас самиот да изнајдам решение на приблемов, за чиј крај веројатно не сакаш да знаеш.
Роберто
Дона знаеше на што сè е подготвен нејзиниот поранешен љубовник. Таа знаеше дека решението до кое тој ќе дојде ќе биде смрт на нејзиното дете. Таа тоа не можеше да го дозволи. Го мразеше Роберто, ѝ се гадеше што била со него, се мразеше и самата себе, Дона го мразеше животот. Писмата доаѓаа секој ден, а таа кутрата исплашена, се обрати на својата мајка. Ја преколнуваше мајка ѝ да го земи малото девојче и да изчезнат од островот, да ја напуштат Италија, а таа сама ќе најде решение што ќе му каже на Роберто. Мајката на Дона гледајќи ја беспомошноста и страдањето на своето чедо се согласи да замине заедно со малата Ќара, далеку, некаде каде никој не ги познава. Дона денот кога се збогува со своето дете, знаеше дека е денот кога потпиша договор со ѓаволот. Таа немаше веќе сила да се бори. Убавата и млада Дона, ја изгуби волјата за живот, а своето дете, самата си го испрати далеку од себе. Болката беше преголема, горчината стана отров, а копнежот се зголемуваше со секој изминат ден. Младата мајка не можеше да се справи повеќе со товарот кој тежнееше врз неа. Еден месец после разделбата со своето новороденче таа се самоуби, скокна од високите карпи право во морето. Стави крај на нејзиниот живот, на нејзината болка и на нејзините гревови. Таа за вечност се збогува со своето дете кое има ангелско лице, таа за на век се раздели од малата Ќара.
Денес...
Ќара со солзи во очите ја раскажа својата болна приказна, ја раскажа приказната на својата кутра мајка.
„Ти си тој Роберто така?“- Со голем гнев, додека солзите и се сливаа по лицето го праша Роберто.
„Јас сум...“
„Проклет да си. Ја уништи, ја закопа жива и ѝ тоа не ти беше доволно. Што ти пречеше моето раѓање? Зошто беше толкав кретен?“
„Јас... Јас не знаев дека ти си се родила, точно е дека со Дона се разделивме на плажата, точно е дека јас отворив свое ателје тука, но тоа писмо, јас никогаш не го испратив. Впрочем, јас сега дознавам дека Дона го родила нашето дете и дека тоа си ти“.
Ќара се гушеше во својот плач, а Огнен силно ја прегрна, тој неа и беше утеха, спас од темнината која надвиснала врз неа.
Тогаш Ќара доби уште едно писмо.
Ќара,
Браво дете, браво! Се гордеам со тебе! Сега да ти ја кажам причината за твоето доаѓање тука. Ова е од мене за тебе подарок, за одлично извршената мисија до сега. Денов е твој! Париз е уметност, а ти си жедна за убавина, така што повели. Уживај во раскошот кој го дава овој град, диши ја љубовта и напиј се совршенство. Вечерва, токму на полноќ ќе добиеш уште едно писмо од мене, а таму ќе биде и адресата од местото каде што јас и ти конечно ќе се сретнеме.
Ќара од иднината
Десетата епизода од оваа неверојатна приказна, може да ја најдете ТУКА.
Ивона Марковска- Нона, 16 години, ученик во СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“-Битола, автор на „Пронаоѓање“- самостојно издадена книга и „Аурора“- издавачка куќа Култура. Исто така автор на приказната „За да те пронајдам“, како и на голем број колумни и текстови. Го уредува и инстаграм профилот @a_soul_of_paper