Ќара и возот од стакло (Епизода 13)

Ќара и возот од стакло (Епизода 13)

Ќара, Огнен и Роберто се сместија во еден хотел близу центарот на Париз, а трошоците за нивното ноќевање ги плаќаше таткото на Ќара. Тензијата уште беше присутна, а погледите беа избегнувани, таткото кој трага по своето чедо, дознава дека има уште едно дете, а Ќара, убавата Ќара, во својот штотуку откриен татко го гледа и убиецот на својата мајка. Денот е долг, а Париз, тој секогаш е убав. Огнен, заљубениот Огнен конечно собра храброст да ја покани Ќара на состанок, или нешто слично на тоа. Секако дека таа се согласи. Парез денес беше нивен дом, нивно скривалиште и нивно гнездо.

Двајцата млади пријатели најпрво појадуваа во една пекара, а подоцна пиеа и кафе во едно Париско кафуле. Денов беше за нив, иако се познаваа, денес и двајцата дознаа кај себе по една нова страна, двајцата ги собореа своите штитови и си ги раскажаа своите болни приказни, зборуваа и за нивните соништа, за нивните желби и фантазии, си раскажуваа еден на друга за работте кои ги сакаа, си ги кажаа и најголемите стравови... Времето брзо истече, а ноќта си ја посла својата црна прекривка врз градот на љубовта. Седејќи во паркот пред Ајфеловата кула, Огнен си ја отвори душата.

„Ќара“.

„Огнен“.

„Имаш ли некој во твојот живот?“

„Не. Ти?“

„Мислам на сакан, момче?“

„Не, ти?“

„Не“.-прави кратка пауза и ја голта плунката. „Прости ми за ова“. Потоа ја повлекува кон себе и ја бакнува. Неговите усни ги галат усните на Ќара, тие танцуваат под ноќното небо, танцуваат усни врз усни, кажувајќи си ги и работите за кои немаат храброст поинаку да ги кажат.

Огнен

Бакнеж,

Твоитеусни на моите,

Јас и ти,

Ние,

Барем за момент постоиме, 

Барем за миг сме живи.

Бран,

Водата нека однесе сè, ама ти остани со мене,

Оган,

Нека изгорат сите, но јас и ти, ние да постоиме за вечност,

Земја,

И да ме затрупаат јас не те оставам, мила моја,

Ти, моја божице, 

Ти, мој рај, 

Ти, 

Ќара, 

Ти,

Јас те сакам тебе.

Бакнежот со својата сакана Огнен го заврши со неколку стихови поезија, од него за неа, од неговото срце за нејзините уши, а Ќара, таа остана без зборови, можеше само со на еден начин да му каже колку ѝ значи, да дозволи да ја има целосно, но таа немаше шанса за тоа, бидејќи го доби новото писмо.

Ќара,

Се гледаме за два дена на твојот роден остров, во Италија, на карпите каде мајка ти си го одзеде животот.

Ќара од иднината

Дванаесетата епизода од оваа неверојатна приказна може да ја најдете ТУКА.


Ивона Марковска- Нона, 16 години, ученик во СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“-Битола, автор на „Пронаоѓање“- самостојно издадена книга и „Аурора“- издавачка куќа Култура. Исто така автор на приказната „За да те пронајдам“, како и на голем број колумни и текстови. Го уредува и инстаграм профилот @a_soul_of_paper

Можеби ќе ве интересира: