Момчиња и девојчиња: Girls night

Момчиња и девојчиња: Girls night

„Вечер, така“ - со возбуда прашува Теди - „Има грицки, мама ќе прави пици, донесете лакови за нокти и пижами“. Има едно непишано правило уште од 5-то одделение. Секоја сабота Нина, Марија, Теди и Ина се собираат кај една од нив и до доцна во ноќта разговараат, си прават фризури, се лакираат и преспиваат заедно. Girls night.

„Имам син лак и жолт, неотворени. Штета што ќе мора да ги отстраниме за во понеделник“ - се прозева Ина. Нина и Марија го бртат најновиот број на Наш свет и се кикотат, шепотејќи нешто.

„Вие две слушате или не?“ - подвикнува Теди.

„Ахаааааа“ - отсутно одговара Нина - „Лакови, пижами, пици, дрдорење и спиење“ - си набројува.

Ина си ја собира косата со ластиче и и’ вели на Марија: - „Да ми сплетеш од оние ситните плетенчиња“.

„Важи, до понеделник ќе ги сплетам сите. Вие ќе се забавувате, јас ќе плетам“ - се шегува и си го спрема ранецот за следниот час.

Во соседната училница Јован и Борјан ги преместуваат клупите кои се растурени од учениците од претходниот час. Сергеј се затрчува со кошаркарската топка и зад грб им свикува:

„Бу!“ - се смее на сиот глас - „Дечки, што ќе правиме утре?“ - прашува - „Кај мене дома се собираат девојчињата и ќе биде неподносливо, не се дише од мирисот на лаковите. Некој ден ми се чини дека и мене на спиење ќе ме излакираат“ - го мршти челото.

„Брат, како ќе ти стои розев лак“ - Филип се појавува зад него - „Има да бидеш најпознатиот кошаркар во цело училиште“ - го задева Сергеј.

„Ќе одиме во кино, а?“ - вели Јован - „Па после може и да ги изненадиме девојките со колачи и да ги нервираме малку дека се како мали женички“.

Завршува и последниот час. Сергеј и Јован застануваат под кошот и се преправаат дека играат за NBA, додека Филип и Борјан навиваат. Полека се полни училишниот двор. Петок е, а никому не му се оди дома. Некои си муабетат, некои застануваат на игралиштето и ги гледаат 9-то одделенците. Две девојчиња од петто одделение заљубено го гледаат Јован, кој ги приметува и веднаш почнува да се прави важен. Нина и Теди одат до кај момчињата.

„Јован, мама рече дека ако не дојдеш на ручек денес ќе ти се скара и нема да ти даде џепарлак“ - Нина го задева Јован. Тој се мршти и погледнува накај девојчињата кои го загледуваат, а потоа со погледот ја стрела Нина.

„А ти ако не замолчиш, нема да одиш утре кај Теди“ - тивко процедува низ заби.

„Туф, туф, ме уплаши ептен“ - му се потсмева Нина и под око го загледува Сергеј кој е занесен во давање кошови.

Доаѓаат Марија и Ина. Сите заедно се упатуваат накај дома, односно до раскрсницата од која секој си го фаќа својот пат. Со смеа и довикување се поздравуваат и заминуваат. Попладнето минува брзо. Бак повторно ја турна вазната на мама со опашот, која не успеа да преживее овој пат и се скрши на парчиња, а немиркото го подви опашот и се стутка во ќошот од собата на Нина. Папагалот Кики беше распеан на сиот глас додека тато не го покри кафезот и почна да се мурти дека куќата повеќе наликува на зоолошка градина отколку на дом. Нина и Јован се погледнаа. Уште никој нема кажано дека следно за посвојување е мало маче, кое треба наскоро да прогледа.

Саботата дојде. Каква возбуда! Нина ја пакува торбата...пижами, четка за заби, чешел, папучи, одбира лакови за нокти, зема книга за читање (иако знае дека нема да има време за тоа), го спема полначот за телефон и мобилниот. Јован доаѓа со неа, за заедно со Сергеј да заминат по Филип и Борјан и да одат во кино.

„Оооооо, ете ги“ - извикува од терасата Теди - „Сергеј, побрзај, Јован те чека пред зграда“ - вика на сиот глас.

„Еве, еве“ - поспано вели Сергеј и со рацете минува низ косата. Грабнува едно јаболко и се стрчува по скалите надолу. За малку ќе се судреа со Нина која со слушалките на уши не го слушна трчањето на Сергеј по скали.

„Полека де“ - го крева погледот кога некој ја удира по раката и поцрвенува - „Каде си се затрчал толку?“ - му вели на Сергеј.

Тој го загризува јаболкото и со полна уста промрморува нешто што личи на “Јооаанн, киоооо, чаоооо” и ја скокотнува додека продолжува по скалите.

„Цела вечност те чекам, што си таква заруменета?!“ - ѝ вели Теди на Нина.

„Брзав по скали“ - одговара Нина и ја менува темата - „дојдоа другите?“

Влегуваат во собата на Теди. Грицки и пици, сокови, парфеми и лакови. Ина ги зела и шминките од мајка ѝ, се разбира со нејзина дозвола и им кажува на останатите дека мајка и’ рекла да не се прават како индијанци. Музиката е пуштена, косата на Ина е спремна за плетенки, а Марија со парче пица во устата плете ли плете.

„Да ви кажам една тајна“ - вели Марија - „Знаете дека сосетката моја учи во другото одделение, така? Изгледа дека Мила од 7-мо Б е вљубена во Сергеј, а Јована во Филип и побарала од него да ја научи како да слика природа. Ама да не сте кажале никому“ - им мавта со прстот пред очи.

„Пффффф, Мила не е ич убава“ - вели Ина и вреснува кога Марија случајно ѝ скубнува едно влакно.

„Ич, ама ич“ - жестоко се сложува и Нина додека со полна рака зема смоки и ги пика во устата.

„Сергеј не го интересира ништо освен кошарката, иако во последно време нешто многу си ја подместува косата“ -замислено вели Теди.

Денот минува брзо... вечерта веќе се сите во пижами и во вреќи за спиење. Има доволно место и во креветите, но повозбудливо е вака. На тивката светлина од лампата девојките си шушкаат и си раскажуваат тајни. Само Нина молчи за својата. Во полусон ја слуша надворешната врата и гласот на Сергеј кога се поздравува со родителите. Заспива со насмев на усните.

-ПРОДОЛЖУВА-

Може да ве интересира:

Момчиња и девојчиња: Нина и Јован

Можеби ќе ве интересира: