Онлајн промоција на „Биди среќна ѕвездичка“ од Радмила Костова-Мила

Онлајн промоција на „Биди среќна ѕвездичка“ од Радмила Костова-Мила

Објавена во: После „Школо“ // PR

Илустрираната книга „Биди среќна ѕвездичка“ на писателката Радмила Костова-Мила е составена од 11 кратки поучни приказни за деца, а ова издание ќе биде промовирано онлајн на 27 ноември (петок) во 18.30 часот на фејсбук-страницата „Литература.мк“. Делото е објавено од „Либи“, импринт на „Арс Ламина – публикации“ и може да се најде во книжарниците „Литература.мк“ или да се нарача онлајн на www.literatura.mk.

Промоцијата ќе ја води уредничката на „Биди среќна ѕвездичка“, Бисера Бендевска, а книгата ќе биде претставена преку разговор со авторката.
 
Главни ликови се малите авантуристи Виктор и Леона, братче и сестричка, кои учат лекции низ ситуациите и предизвиците со кои се соочуваат. Целта на оваа книга е децата да се мотивираат да ги гледаат убавите страни на секоја навидум безизлезна ситуација и самите да стигнат до решението на „проблемот“, помогнати од возрасните во нивното опкружување. Секоја приказна на Виктор и Леона завршува со поука и со прашања што произлегле од предизвикот, а кои треба да си ги постави секое дете кое на некој начин го доживеало истото искуство и е на пат да стигне до поучната порака. Прашањата ќе му помогнат да ја согледа ситуацијата од различни агли и ќе го потсетат на некои суштински нешта кои, ако редовно ги практикува – ќе биде посреќен и подобар човек.
 
Во книшката е вклучена и друштвена игра „Среќна ѕвездичка“, која треба да им овозможи забава и оддишка на децата откако ќе ги исчитаат приказните за Виктор и Леона, но и да им посочи колку е важно да се биде среќен и дека среќата е синџиреста појава и во нејзиното креирање учествуваме сите.


 
Радмила Костова-Мила е автор на текстови за личен развој на друштвените мрежи и тренер за личен развој и мотивациски говорник. Ја има објавено книгата „Инспирирај се за промени“, а „Биди среќна ѕвездичка“ е нејзино прво дело за деца.

* ПР-објава

Објавена во: После „Школо“ // PR

Можеби ќе ве интересира: