Преку дисциплината во спортот, научив да сум дисциплинирана и на училиште: Интервју со каратиската Магдалена Божиноска

Преку дисциплината во спортот, научив да сум дисциплинирана и на училиште: Интервју со каратиската Магдалена Божиноска

Магдалена Божиноска е 17 – годишна девојка на која амбициозноста, посветеноста, одговорноста, лојалноста и динамичноста и се едни од главните водилки во животот. По овие критериуми, сигурно ќе ви стане јасно зошто таа се одлучила своето слободно време, но и целата своја енергија да ги посвети на каратето.

Спортува од најмали години или како што кажува и самата – „со спорт се занимавам од кога знам за себе“. Со каратето се запознава на шест години, а денес на 17 години може да се пофали дека веќе осум години е државен првак во карате.

Ученичка е во СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“, а за Хаштаг откри од каде идејата да седне во клупите од кои што го изучува правото.

#Кој ти ја пренесе љубовта кон овој спорт?

Љубовта кон овој спорт во најголем дел ми ја пренесе мојот татко, заедно со сестра ми Марија, која со гордост можам да кажам дека е европски и светски вицешампион во кик бокс. Како што кажав на почетокот, со спорт се занимавам од кога знам за себе, а за сето тоа главниот виновник е мојот татко, кој и кај мене, и сестра ми ја разбуди љубовта кон боречките вештини. Не беше возможно покрај него, кој несебично вложуваше во нас и таков пример до мене, успешна и амбициозна сестра, кај мене да не се јави таа желба за успех.

#Се сеќаваш ли кој беше твојот прв натпревар и секако кој пласман го освои?

Конкретно на мојот прв натпревар не се сеќавам, но се сеќавам на мојот почетен натпреварувачки период. Неколку натпревари и месеци по ред губев, немав освоено прво место и бев многу разочарана. Многу често знаев да му кажам на мојот татко, реченица што и ден денес знаеме да си ја кажеме: „Тато, дали јас некогаш ќе победам?“. На ова, тој секогаш ме охрабруваше и ми одговараше: „Немој да се разочаруваш, само ако продолжиш со твојата посветеност, дисциплина и труд, што е твое ќе си дојде.“ На почетокот сето тоа ми звучеше безнадежно, но некаде околу мојата 10 - годишна возраст, зборовите на татко ми навистина почнаа да се остваруваат и премногу сум му благодарна што кога најмалку сум верувала во самата себе, тој бил до мене за да ми ја врати самодовербата и да ме упати кон патот по кој чекорам сега.

#Веќе осум години си државен првак во карате, а за толку млад човек тоа е голем успех. Има ли некоја друга награда настрана овие, на кои си особено горда?

Горда сум за секоја награда која сум ја освоила, затоа што секоја барала посебен труд и зад секоја стои одредена приказна. Како понови и позначајни од изминатата 2020 година можам да ги издвојам првото место на интернационалното првенство во Хрватска и пласманот седмо место на европското првенство во Будимпешта.

#Те прогласија и за млада спортиска на 2020 година. Какво е чувството кога ќе си го слушнеш своето име помеѓу најдобрите?

Чувството да си млада спортистка на годината е навистина прекрасно. Покрај толку успешни спортисти во нашата држава, ти да си носител на тоа признание претставува голема чест и задоволство.

#Каратето и не е толку едноставен спорт и со себе си носи одредена тежина. Си добила ли некоја повреда во текот на годините, која те спречила одреден период да тренираш и да се натпреваруваш?

Не верувам дека постои спортист кој професионално се забави со спорт, а да немал некоја повреда. Низ текот на годините сум имала разни повреди, започнувајќи од исекотини кои требало да се шијат, сѐ до скршеници на нозете и рацете. Најтешкиот период воопшто на еден спортист е периодот кога си приморан да паузира поради повреда, и потоа повторно да се врати во форма, па се надевам во иднина повредите ќе се сведат на минимум. 

# Како се изведуваат тренинзите и карате натпреварите сега во време на пандемија?

Карате тренинзите ги изведуваме секој ден и секако според соодветните мерки предвидени од министерството за здравство, а натпревари не беа одржани веќе една година, откако започна пандемијата. Се надевам оваа 2021 сѐ ќе се врати во нормала и ќе можеме да се натпреваруваме како некогаш.

#Колку пријателите и луѓето околу тебе се плашат околу тебе, поради твоите карате вештини?

Во поглед на ова прашање можам само да кажам дека моите пријатели со мене секогаш се сигурни.

#Ученичка си во трета година, на правниот смер во СЕПУГС „Васил Антевски - Дрен“. Како една спортистка како тебе заврши на оваа насока?

Ова училиште и правниот смер беа во моите мисли уште кога бев седмо одделение. Сметам дека за да си правник пред сѐ треба да си амбициозен, посветен, одговорен, лојален и динамичен човек со цврст карактер, па можеби и овие карактеристики биле причината поради која сум се пронашла во правото.

#Можеш ли да најдеш некоја поврзаност помеѓу правото и каратето? Кога би требало да бираш која професија би ја избрала и зошто?

Помеѓу каратето и правото можам да најдам поврзаност, а тоа се горенаведените карактеристики кои ги набројав. Очигледно е дека и за да си правник, и за да си спортист, потребно е да ги поседуваш истите. Всушност лично јас, со тие карактеристики се имам здобиено во текот на годините преку спортот. Каратето и спортот пред сѐ го имаат изградено мојот карактер на многу посебен начин. Преку мојата дисциплина во спортот, јас научив да сум дисциплинирана и во училиштето и да ги завршувам своите обврски подеднакво одговорно. Сега за сега не би се ставила самата себеси во позиција да треба да бирам, но во овој момент и блиска иднина приоритет ми е каратето, затоа што имам многу големи предиспозиции за успех и ќе се трудам максимално да ги остварам своите зацртани цели. 

# Од кој ја добиваш најголемата поддршка?

Најголемата поддршка пред сѐ ми е од семејството, како што напоменав татко ми, сестра ми и секако мајка ми која несебично се ангажира во поглед на мојата исхрана која е од огромна важност за секој спортист. Понатаму следен е мојот матичен клуб „КК Олимпик 2007“, на чело со тренерите Александар Кузмановски и Кристијан Младеновски кои се како мои втори родители, со мене се од самиот мој почеток и без кои ниту една мисија немаше да биде успешна и секако сите мои клубски другари. Исто така значајна е и поддршката која ја добивам од карате федерацијата и Агенцијата за млади и спорт, а не е изоставена и поддршката и разбирањето кое го добивам од страна на моето училиште. Благодарност до сите професори кои ме бодрат и секако во најголемиот дел мојата класна Олга. Навистина сум благодарна на сите горенаведени кои веруваат во мене и ме поддржуваат на патот кој го чекорам. 

# Каде се гледаш за 10 години?

За 10 години се гледам како веќе остварена каратистка, на европски и светски пиедестали, а со ваква посветеност, дисциплина и тренинзи, навистина се очекуваат такви резултати.

# Кој хаштаг најчесто го користиш на социјалните мрежи?

#girlpower

И. Мисајловска


Можеби ќе ве интересира: