Промоција на „Микрохируршка ендодонција“ од д-р Арналдо Кастелучи во Скопје
Стручната книга „Микрохируршка ендодонција“ од д-р Арналдо Кастелучи ќе биде промовирана на 13 мај (сабота), во периодот од 15.25 до 17 часот, во хотелот „Double Tree By Hilton“, Скопје. Гостувањето на италијанскиот автор во нашата метропола е во рамките на 26-тиот конгрес на BaSS (Balkan Stomatological Society), најголемата стоматолошка научна и професионална организација на Балканот, што се одржува од 11 до 14 мај.
Книгата „Микрохируршка ендодонција“ на македонски јазик ја објави издавачката куќа „Арс Ламина“. Пораката што авторот сака да им ја пренесе на специјалистите по ендодонција е дека микрохируршката ендодонција треба да биде гранка на професијата што е резервирана исклучиво за специјалистите по ендодонција. Тоа е неопходно за ендодонтските интервенции да се планираат и да се извршат преку хирургијата, а не обратно. Ова е единствениот начин за да се избегне повторен ендодонтски третман. Собирајќи ги во еден текст целото негово клинички искуство, темелната дискусија за дијагностичките пристапи и техничките интервенции, најнапредните и надградени алатки и можните компликации што се поврзани со микрохируршката ендодонција, авторот нуди фундаментален и висококвалифициран придонес во ова поле. Читањето на „Микрохируршка ендодонција“ треба да биде задолжително во обуката на еден искусен специјалист по ендодонција, кој ќе ги прошири и ќе ги продлабочи познавањата во ендодонцијата.
Д-р Арналдо Кастелучи дипломирал медицина на Универзитетот во Фиренца во 1973 година и специјализирал стоматологија на истиот универзитет во 1977 година. Од 1978 до 1980 година учествувал на курсевите за континуирана едукација по ендодонција на Универзитетот во Бостон и во 1980 година поминал четири месеци на Одделот за ендодонција на проф. Херберт Шилдер. Оттогаш, тој практикува ендодонција. Тој е поранешен претседател на Италијанското ендодонтско друштво С.И.Е. и активен член на Европското друштво за ендодонција Е.С.Е., во кое бил секретар од 1981 до 1983 година. Активен член е на Американската асоцијација на специјалисти по ендодонција А.А.Е. од 1985 година. Бил претседател на Меѓународната федерација на ендодонтски здруженија И.Ф.Е.А. од 1990 до 1992 година.
Доцент е по ендодонција на Универзитетот во Калјари, Факултет за стоматологија, и професор по микрохируршка ендодонција на специјализацијата по орална хирургија на Универзитетот „Федерико Втори“ во Неапол. Има објавено повеќе од 60 труда од областа на ендодонцијата во најпрестижните ендодонтски списанија. Како меѓународен предавач, има одржано презентации на национални и меѓународни конгреси во повеќе од 50 земји во светот.
Книгата „Микрохируршка ендодонција“ ќе биде достапна за време на промоцијата на Кастелучи, на конгресот на BaSS (Balkan Stomatological Society) во хотелот „Double Tree By Hilton“, Скопје.
Исто така, може да се нарача онлајн преку literatura.mk на следниот линк.
* ПР - објава