Релаксација во зимски амбиент: Искрено со Лина Пејовска во Банско
Дома си ја накити новогодишната елка, не верува во Дедо мраз, сака да скија, да гњури во термални бањи, повеќе ја сака зимата од летото. Во зимски амбиент, во Банско, во удобни агс чизмички и во екстравагантни чизми на „Гес“, младата и атрактивна пејачка Лина Пејовска (17), една од најследените личности на Инстаграм ни откри каде ќе пее за новогодишната ноќ, од кого го има наследено музичкиот талент и кој е нејзиниот моден стил.
- Задоволна сум од своите песни, во соработка со композиторот Дарко Димитров, кој ми помогна за мојот пробив на српскиот пазар и да се поврзам со Меџик рекордс кои се грижат за мојата кариера во соседна Србија. Сега сум актуелна со песната „Нека те боли“ (на текст на Игор Џамбазов) која ја испеав на фестивал во Албанија, но и на српски. Сите мои четири песни (Топло-ладно, Крив си сам, Нема...) имаат српски верзии. Песната „Ако ме сакаш“ има веќе има два милиони прегледи на Јутјуб - среќна е Пејовска која замина во Банско како специјална гостинка на „Фибула Ер Травел“.
Талентот, овој хороскопски Рак, го има наследено од татко ѝ, а ѝ го открил наставникот по музичко во основно училиште. И постарата сестра има талент за пеење, ама не го избрала нејзиниот пат.
- Заради моите ангажмани во регионот и настапи на музички шоуа често отсуствувам од школо. Ама моите професори од гимназијата „Јосип Броз Тито“ имаат разбирање за мене и јас сум им бескрајно благодарна - вели Лина.
Новата македонска Јутјуб ѕвезда која пее од 14 години, во Банско каде и да се појавеше привлекуваше внимание со својот урбан изглед. Ја придружуваше нејзиниот другар, фризерот и шминкер Бобан Тодоровски.
- Мојот стил е претежно спортски, ама кога треба на важни настани, знам да се облечам и елегантно. Секаде носам брендирана облека од „Фешн груп“ кои се моите најверни модни пријатели. И приватно, и на сцена тие ме облекуваат, во консултација со нивниот стилист Алмир, но и на мајка ми и сестра ми - открива Лина.
Нема дечко. За нова година ќе пее во ресторанот „Рагуза“ во Скопје како специјална гостинка на српската пејачка Теа Таировиќ.
- Во Новата година ќе си посакам успеси, здравје и љубов. Да бидам опкружена со семејство и со пријателите - ни изјави Лина.
Л. Сабит