Шерлок Холмс се врати во Скопје!

Шерлок Холмс се врати во Скопје!

Објавена во: После „Школо“ // PR

Меѓународниот ден на Шерлок Холмс, што се прославува во светски рамки во чест на роденденот на авторот Артур Конан Дојл (22 мај 1859 – 7 јули 1930), беше одбележан и во Скопје. Во рамките на новиот фестивал за литература и општа култура – „Видик“, вчеравечер (22 мај), во „Литература.мк“ во „Скопје сити мол“, се одржа тематскиот интерактивен настан за фанови, „Враќањето на Шерлок Холмс“.

На настанот беше претставена новата едиција „Шерлок Холмс“ во издание на „Арс Ламина“, која содржи девет новопреведени наслови („Студија во скарлетна боја“, „Знакот на четворката“, „Баскервилскиот пес“, „Долина на стравот“, „Авантурите на Шерлок Холмс“, „Мемоарите на Шерлок Холмс“, „Враќањето на Шерлок Холмс“, „Пред да падне завесата“, „Архивата на Шерлок Холмс“), кои имаат нов дизајн на корици од илустраторката Александра Софрониеска. Исто така, беше претставен и серијалот „Шерлок Холмс за деца“, со десет книги адаптирани за најмладите читатели.
За својата лична и професионална конекција со Шерлок Холмс на настанот зборуваа: Александра Софрониеска, преведувачот Игор Котески, уредничката од „Арс Ламина“ – Надица Фирфова и Андријана Ѓорѓевска, која стои зад популарниот профил на социјалните мрежи, „Девојката на Шерлок Холмс“.



Кориците нацртани од Александра Софрониеска му даваат нов визуелен идентитет на серијалот, доближувајќи го Холмс до новите генерации читатели. Корицата за една од првите книги во оваа едиција, „Баскервилскиот пес“, го освои првото место во категоријата за оригинален дизајн на корица, на доделувањето признанија од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) во рамките на Саемот на книгата минатата година. Софрониеска е родена во Кичево во 1991 година, живее во Скопје и е магистер по графички дизајн на Факултетот за дизајн и мултимедија при Универзитетот ФОН – Скопје. Повеќе од осум години се занимава со графички дизајн, илустрација и 2Д-анимација. Моментално работи како графички дизајнер/артист во „Фајнал фронтир гејмс“. Кога ја добила поканата да ги илустрира кориците на новите книги, Александра била пресреќна, бидејќи е голема обожавателка на Шерлок Холмс.
– Тоа што сум долгогодишен фан на Шерлок ме натера и посериозно да навлезам во проектот, а и повеќе да уживам во процесот на дизајнирање. Задоволството кога стигнавме крајниот резултат да го видиме во печат е уште поголемо. Драго ми е дека конечно имаме нов превод на целосната едиција на приказните со Шерлок Холмс, кои убаво спакувани се надевам дека ќе стигнат и до нова читателска публика. За мене, ова објавување значи многу и на лично и на професионално поле... За Шерлок Холмс и Артур Конан Дојл веројатно првпат има слушнато како дете, на часовите по англиски јазик. Потоа, полека ги откривав приказните, па старите серии и филмови, па потоа видеоигрите, па новите филмови итн. Сега најмногу ми се допаѓаат видеоигрите. Факт е дека многу ми влијаело творештвото на Конан Дојл низ годините, уште од студентските проекти. Првиот студентски проект ми беше стрип за новонапишана приказна за Шерлок Холмс. Првата анимација што ја направив беше инспирирана од приказната „Празната куќа“. Потоа работев на уште неколку проекти што, иако не беа директно поврзани, беа сигурно инспирирани од таа викторијанска естетика... Иако тешко е да се избере која книга ми е омилена, сепак, често им се навраќам на „Знакот на четворката“ и на „Баскервилскиот пес“ – рече Софрониеска.

Игор Котески, кој е дипломиран филолог на катедрата по англиски јазик и книжевност (отсек превод и толкување), стои зад преводите на две книги од едицијата за возрасни и четири од изданијата за деца.
– Преведувањето на книгите од едициите за Шерлок Холмс претставуваше огромен предизвик поради раскошниот и виртуозен раскажувачки стил на Артур Конан Дојл како еден од најистакнатите автори во историјата на детективската литература. Истовремено беше вистинско задоволство, поради личниот афинитет кон Шерлок Холмс како лик. Омилена од книгите за Шерлок ми е „Баскервилскиот пес“, но можеби поинтересна беше работата на „Студија во скарлетна боја“ поради нејзината важност како прво дело од опусот за ексцентричниот Шерлок. Притоа, преведувањето на „Студијата во скарлетна боја“ за мене претставуваше прв професионален контакт со делата за Шерлок Холмс и, бездруго, чувствував обврска да создадам читлив и современ превод што во голема мера ќе ги задржи особеностите на оригиналот и што ќе ги поттикне читателите да продолжат да го истражуваат возбудливиот свет на Шерлок. Преведувањето книжевни дела има многу заеднички особини со дедуктивниот метод на Шерлок, а заедничка ни е љубовта кон музиката и нејзината мистична моќ при одгатнувањето на загатките и мистериите. Покрај тоа, кај Шерлок особено ме привлекува речиси еднаквата застапеност на авантуристичкиот дух и летаргичните тенденции – рече Котески.

Андријана Ѓорѓевска, алијас Девојката на Шерлок Холмс, е студентка по криминалистика, претседател на Книжевниот клуб Куманово, во кој редовно организира книжевни настани, автор на „Зад очигледното“ – збирка текстови издадена 2021 година. Веќе неколку години пишува на „Инстаграм“ под псевдонимот Девојката на Шерлок Холмс.
– Како голем љубител на книгите, филмовите и серијата за Шерлок Холмс отсекогаш ме фасцинирал ликот на Шерлок Холмс, неговата непогрешлива интуиција, интелигенција, забележување на деталите, наоѓање решение по секоја цена – бидејќи секогаш има решение... Тој беше инспирација и за изборот на студиите по криминалистика. Името „Девојката на Шерлок Холмс“ е инспирирано од ликот и појавата на Ирене Адлер, која можеби не е буквално прикажана како негова девојка, но Шерлок негува кон неа пријатен восхит, а тоа дури во еден момент успева и да го надмудри Шерлок – рече Ѓорѓевска.

Во едицијата „Шерлок Холмс за деца“ се застапени следниве наслови: „Студија во скарлетна боја“, „Знакот на четворката“, „Синиот гранат“, „Марамата со точки“, „Сојузот на црвенокосите“, „Велепоседниците од Рајгејт“, „Поморската спогодба“, „Вампирот од Сасекс“, „Дамата со превез“ и „Тројцата студенти“. Познатите книги од авторот Артур Конан Дојл се адаптирани за помладата публика од страна на Стефани Бодет. Уредничка на изданијата во превод на македонски јазик е Надица Фирфова.
– Tиe се наменети, пред сè, за деца од училишна возраст, односно за млади читатели над осум години. Тука се работи за истите дела како оние за возрасната читателска публика и истите приказни, со истите ликови и дејство, но во скратена верзија и мајсторски изведена адаптација. Изданијата од едицијата „Шерлок Холмс за деца“ се богато илустрирани со цртежи што се во функција на текстот, што придонесува кон едно комплетно читателско доживување. Секоја книга има отпечатен т.н. „кју-ар“ (QR) код, за едноставен пристап до оригиналното англиско издание, но како аудиокнига. Ова му додава дополнителна вредност на секое издание, бидејќи на децата им нуди можност да ја слушнат книгата на изворен стандарден англиски јазик и изговор и со тоа да си ги збогатат вокабуларот и знаењата по англиски јазик – рече Фирфова.



На настанот се појави и маскиран Шерлок Холмс, поделувајќи неколку интересни факти поврзани со овој феномен, потсетувајќи дека и 137 години по објавувањето на првата книга сѐ уште е актуелен и е инспирација за сите сфери на поп-културата и книжевноста.
Програмата на фестивалот „Видик“ вечерва (23 мај), во 20 часот, во „Литература.мк“, „Дајмонд мол“, продолжува со изведба на монодрама „Железно небо“ од популарниот битолски стендап-комичар Марјан Георгиевски. Тој ќе ја претстави и својата книга „Железно небо“, која е во издание на „Арс Ламина“. Утре, во чест на Денот на сесловенските просветители – светите Кирил и Методиј (24 мај, петок), во 21 часот во „Литература.мк“, „Дајмонд“, ќе се одржи настанот „Џез на кирилица“, со еден од најнадежните македонски џез-состави „Мојра“Групата настапува во состав: Јасна Трпкова, Дарко Јованов, Зоран Павлоски, Павел Ренџов и Петар Христов.

Целосната програма можете да ја проследите на следниот линк: https://www.literatura.mk/vidik

*Пр објава


Објавена во: После „Школо“ // PR

Можеби ќе ве интересира: