Свечена промоција на новиот и на уште три евергрин романи од Влада Урошевиќ
Најновиот роман „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од академик Влада Урошевиќ ќе биде промовиран на 23 февруари (четврток), со почеток во 19 часот, во кино „Фросина“, Младински културен центар. На свечената промоција ќе бидат претставени и неговите евергрин-дела „Вкусот на праските“, „Мојата роднина Емилија“ и „Невестата на змејот“, кои се реобјавени во ново руво и со нови поговори. Книгите се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
Промотори на книгите ќе бидат Јелена Лужина, Лидија Капушевска-Дракулевска и Владимир Мартиновски, а ќе се обрати и претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев. Настанот ќе го модерира уредникот на четирите книги, Ведран Диздаревиќ.Приказната во романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ почнува летото 1898. Во преодните денови помеѓу веќе исцрпениот XIX век и тукушто родениот XX век – Никола се враќа од своите студии на Ecole supérieur de pharmacie во Париз. Со себе го носи научното знаење од Западот и етосот на модерниот, просветлен човек, желен да ги примени во своето родно Скопје. Дома – во големата куќа на крајот на градот, покрај течението на реката Вардар – го чекаат татко му Харалампие, трговецот на ангро, мајка му Евдокија и трите помлади братучетки. На прв поглед животот на ова семејство изгледа нормален, пристоен, па дури и здодевен. Но, работите не се такви како што изгледаат. Нешто страшно и неискажливо ја фрла својата сенка врз семејството Пустополски. Старата куќа крие свои тајни што се протегаат сè до Ориентот и кои се однесуваат на богатството на дедото на Никола. Приказната за еден прстен купен во Старата скопска чаршија го втурнува Никола во низа настани чиешто потекло, смисла и цел не му се целосно јасни...Влада Урошевиќ (17.10.1934, Скопје) е еден од најпознатите македонски книжевни и културни дејци. Твори во речиси секој жанр и секоја форма: поезија, расказ, роман, есеј, патопис, книжевна и ликовна критика, книжевна теорија и превод. Дипломира на Филозофскиот факултет, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во родниот град. Во 1982 година е избран за доцент на новоотворената Катедра за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет при УКИМ, каде што докторира во 1987 година. На истата катедра држи курсеви по историја на европските литератури од 19 и 20 век. Покрај професорската кариера, работи и како соработник и уредник на Редакцијата за култура и уметност на Телевизија Скопје и како уредник на списанието „Разгледи“. Неговото творештво е обемно и разновидно. Почнувајќи со „Еден друг град“ (1959), објавува 11 збирки поезија, како и шест романи: „Вкусот на праските“ (1965), „Мојата роднина Емилија“ (1994), „Дворскиот поет во апарат за летање“ (1996), „Дива лига“ (2000), „Невестата на змејот“ (2007), „Маџун“ (2018). Зад себе има три книги записи и патописи, повеќе книги во кои се собрани критиките и есеите за македонските писатели и две книги за фантастиката во сликарството. Се афирмира и како антологичар на повеќе изданија. За своите дела и преводи е добитник на многубројни награди и признанија: трипати на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на „Струшките вечери на поезијата“, двапати на наградата „Стале Попов“, двапати на наградата „Григор Прличев“ за најдобар препев. Освен домашните, носител е и на неколку странски признанија. За својот книжевен и преведувачки опус, пак, именуван е првин за витез на Редот на уметноста и литературата, а потоа и за офицер на истиот Ред од Владата на Република Франција. Книгите на Влада Урошевиќ се преведени на повеќе јазици: англиски, бугарски, германски, дански, полски, руски, словенечки, српски, хрватски, француски и шпански.
*Пр објава