Твој профил, твој живот, твои спомени: Јана Мишо со кул совети за пишувањето, читањето, социјалните мрежи и патувањата!

Твој профил, твој живот, твои спомени: Јана Мишо со кул совети за пишувањето, читањето, социјалните мрежи и патувањата!

Објавена во: Stars // Интервјуа

Таа е урбана, млада девојка, со свој посебен стил на пишување и облекување. Девојка која многу патува, чита, пишува и ужива во секој момент од денот. Читателската публика веќе добро ја знае по нејзините книги „Како се оди во Париз - прирачник со дневник за патување“,  „Скоро парижанка“ и „Анаис од Монмартр“.  Се обидовме да ја вратиме Јана во тинејџерските години и да ја прашаме како таа гледа на денешниов модерен начин на создавање спомени и на тоа колку тинејџерите денес се поразлични од оние во минатото. Во нејзин стил таа ви дава многу кул совети и предлози што би можеле да прочитате, како повеќе да уживате во патувањата и како да имате успешни Instagram приказни.

Photo Credits korr_02

·  Што читаше како тинејџерка и дали пишуваше и тогаш?

Уживав да читам хорори и романтични комедии, тие жанрови имаат една возбуда во нив, без разлика што се многу различни. Пишував секакви работи додека не ми текна да отворам блог. А тој блог беше и дневник, и збир од приказни (некои и во епизоди) и глупости и сликички… И беше многу забавен период и топло препорачувам да се проба. Отварајте блогови за тоа што најмногу ве интересира и пишувајте што сакате.

·  Водењето дневник или лепењето слики во споменарите, во сиот овој налет на социјални мрежи како да е подзаборавен кај тинејџерките. Водеше ли ти дневник како тинејџерка и би им препорачала ли на сегашниве генерации да го прават истото, ако не во текот на целата година барем за време на патувањата?

Сите имавме дневници :) И беше многу забавно да се запишува денот, да се лепат слики од омилени ствари и да се трескаат глупости. Ама забавата околу пишување на дневникот е неспоредлива со читањето неколку години подоцна. Особено 10-15 години подоцна, кога сосема си пораснал и си се сменил. Знам дека денес е подзаборавено, ама ова мора да го направите: не мора сами да водите дневник. Купете тетратка заедно со другарите и другарките. Носете ја во школо, на излегување, кога ќе се собирате кај некого по дома… Пишувајте свашта. Киксови, глупости, цртежи, муабети, настани во текот на денот, сите заедно, и кога ќе се потроши, купете нова и не престанувајте. Не можете ни да замислите колку ќе ви биде забавно додека пишувате, па кога ќе го отворите тоа да го читате 10-15-20 па и којзнае колку години подоцна. Тоа ви е како временска капсула на еден период кога ви било презабавно и прејако и само вие и друштвото сте биле важни.

Photo Credits iampredrag

·  Дали според тебе Фејсбукот и Инстаграмот се еден вид споменари на денешниве генерации?

Да. И многу е добро што денес има толку спремни мобилни телефони за сликање и толку многу социјални мрежи за споделување на секојдневието. Има фантастични блогови и профили со неверојатни мисли и фотографии. А не мора да бидат јавни. Можат да бидат и само за тебе. Со тоа што, би било попаметно да се користат  социјалните мрежи за умни работи. Луѓе  денес се на Инстаграм, Фејсбук и Твитер за да се закачаат, да се расправаат, да се натпреваруваат, а може да биде толку пофино - да следиме инспиративни луѓе, цитати, да се учиме дека човек сосема поразличен од нас може да биде многу закон и да споделуваме нешта од сопствениот живот со кои се гордееме - без разлика што значи тоа. Ако ти е јавен профилот (споменарот) направи си го одраз на себе и не попуштај. Се гордееш со шминка? Објави. Се гордееш дека уживаш во атмосфера со кафе и книга? Сликни и објави. Сакаш да кажеш што мислиш за филм? Пиши на статус, и не дозволувај некој да те убеди дека не треба. Твој профил, твој живот, твои спомени. Се додека не наштетуваш на себе или на некој друг - правиш што сакаш. И многу е важно да правиш што сакаш.

·  Твој совет за младите девојки што сакаат да патуваат, што прво да посетат во еден град?

Прво, знам дека ќе отидат во Мекдоналдс. Ама после! Да седнат на кафе, не во најизвиканиот и најпопуларниот кафич, туку во некој обичен и локален. Да го почувствуваат градот онака, од прва рака. Па после да одат на местото што сите викаат дека мора да се посети во тој град, и да не го прошетаат ‘безвезе’. Баш истражете за местото, интересно е кога знаеш повеќе и не ти е само една обична зграда каде што ‘некој таму нешто праел, шознам’. Толку многу муабет лежи во такви работи, би се фасцинирале. Да шетаат по улици. Да ѕиркаат во локални продавнички. Многу, многу да сликаат. Да бараат инспирација по неочекувани ќошиња. Да снимаат луѓе, себе, храна, простор. Да уживаат.

·  Колку Париз според тебе е дестинација во која би уживале и тинејџерите?

Париз не е првата дестинација што би ја препорачала за тинејџери, а сепак, секогаш ќе биде прв град што ќе го препорачам на било кого. Ако си тинејџер/ка што сака урбани места и големи градови, ако сакаш да видиш локации што си ги видел на еден куп филмови, ако сакаш да видиш стотици  различни типови на луѓе на едно место, ако сакаш феноменални фотографии за на Инстаграм и плус ако сакаш опција да откриеш дали си уметнички настроен/а - оди во Париз. Плус - Дизниленд, дечки. Па за неколку години одете пак, затоа што Париз е како „Малиот принц”, различно се доживува на различна возраст.


·  Кои книги од твоите тинејџерски години би им ги препорачала на дешениве генерации?

Би им препорачала да ја прочитаат „Улавите години” од Бранко Ќопиќ, да видат дека тинејџерите во 2018-та, со мали исклучоци се ИСТИ како тинејџери во ’60-ти. Сите мислиме дека само на нас ни се случува нешто и дека никој не не разбира, а ништо не е сменето со децении. Прашајте по дома дали уште чуваат стрипови и читајте стрипови. Многу е јако. И „Малиот принц”. Тоа е една од најубавите книги на светот и шокантно е колку е комплицирана и истовремено едноставна. И се чита цело време, засекогаш, а само годините ќе ви објаснат зошто.

·  Што читаш во моментов?

Последно што го прочитав беше една од најдобрите работи што сум ги прочитала во животот: „Сендмен” од Нил Гејман (меѓу сите важни дела е и авторот на „Коралајн”). Сендмен е серија стрипови со многу добра и сериозна приказна и истовремено забавна. Од него може да ви се свиѓа и „Книга за гробиштата”. А да, ми го подарија целиот „Хари Потер” серијал, и да залади уште малку, заради атмосфера, ќе се фрлам и на тоа.

·  Кои се последните филм или серија што си ги изгледала?

Баш синоќа, „Хотел Трансилванија”, третиот, само што, заспав на пола, не од што ми беше досаден (многу ми беше интересен) туку од умор и денес ќе го догледам. Пред него, What A Way To Go!, од ’64-та, што прв пат го открив кога бев тинејџерка и ме воодушеви, па решив да го видам пак. За серија, ја почнав новата сезона American Horror Story. Чекам да видам дали и оваа ќе ја зезнат како претходните три. А сакам да го гледам и To All The Boys I’ve Loved Before. Го гледав The Nun, тапа беше, џабе очекував толку.

·  Која е твојата следна дестинација и дали можеби таа ќе биде инспирација за твојата следната книга?

Следна дестинација ми е Абу Даби, што ми е многу возбудливо затоа што и таму има Лувр. Дали ќе биде инспирација - не знам, допрва треба да пишувам за Барселона, па ќе видиме.

Јана може да ја следите на:

 @janamisho, фејсбук тука, блог тука и на офф.нет тука

Б.М.



Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: