Лично се имам запознаено со Jack Harlow, Cody Simpson, Jimmy Fallon: Македонецот Никола Тефов за животот во Америка

Лично се имам запознаено со Jack Harlow, Cody Simpson, Jimmy Fallon: Македонецот Никола Тефов за животот во Америка

Објавена во: Stars // Интервјуа

Никола Тефов веќе неколку години живее и твори во Америка. Изреволтиран од политичките случувања во државата, решил да замине и да почне сам, од нула, живот далеку од семејството, пријателите, татковината. И додека тој имигрира во САД, неговото семејство истото го прави, но во Велика Британија.

Никола живее во Њу Џерси, тој е уметник . Таму ја работи работата од соништата, онаа која во Македонија му била оневозможена, се занимава со музика, претприемништво, продукција и маркетинг. 

Тефов во Америка е сопственик на маркетинг-консултантска компанија а за неговата приказна читате во редовите подолу.


*Родени сте во Неготино, кога и зошто заминавте од Македонија?

-Точно така Неготино е мојот роден град, мислам дека беше 2016-та година кога првпат дојдов во САД. Бев скоро пола година во САД, па повторно се вратив Македонија, но како што сите се сеќаваме тие две, три години беа доста стресни за Македонија. Од протестите, политичките конфликти, кривичното осудување и затварање на артисти и жители кои што само го користеле правото за слободен говор, се до инцидентот во парламент.

Поради овие настани беше мојата најголема причина за да одлучам и да најдам начин како да се преселам во САД. Најмногу за мојата сигурност и безбедност, и можност за стабилна иднина. За остварувањето на моите цели и соништа не се двоумам каде и да сум со доволно труд се би можел да постигнам.

Дополнително што ми ја направи полесна одлуката е тоа што не бев задоволен од тогашните прилики и можности што ни беа пружени на сите нас, посебно на уметниците.

На врвот на сите нешта, лошото лидерство на нашата држава ми ја зацврсти мојата одлука, и гледајќи што сé случува во последните шест-седум години ме доведе до реализација дека ја донесов правилната одлука.

Додека јас имигрирав во САД, мојата фамилија во истиот период имигрираше во Велика Британија. Возбуден сум дека за брзо време после повеќе од пет години ќе се видам повторно со моите родители и постар брат.


*Раскажете ни за вашите почетоци таму, како се снајдовте, ви помогна ли некој?

-Како секој почеток во било што, не беше лесно. Немав никого овде ни блиски пријатели, ни фамилија, горд сум да кажам дека сум сам се снајдов, без никој да ми помогне. Но, како и да е благодарен сум на семејството и моите блиски кои може не директно, но индиректно ми помогнале да бидам тој што сум јас.

Се додека студирав Jazz Акадамија во Македонија, заработував како Freelancer изработувајќи дизајни за музички албуми, битови/инструментали, продуцирајќи за наши и странски артисти. Исто така заработував од неколку YouTube и Facebook канали на кои што креирав регуларно контент. На пример како туторијали, музички преработки, мотивирачки видеа и слично.

Скоро се што заработив си заштедив на страна за да имам доволно за било која пречка, па најмногу ми беа од корист кога се доселив во САД.

*Уште од најрани години се занимавате со музика. Од каде желбата или талентот ви е фамилијарно наследство?

-Уште како дете секогаш бев заинтересиран за уметност и креативност, така и желбата за музика. Татко ми како мал ме запознава со различни жанрови на музика, исто така и инструментот гитара.

Растејќи во мојот дом често се слушаше музика од Bob Dylan, Michael Jackson, The Beatles, Bob Marley, Pink Floyd, а понекогаш и југословенските поп-рок групи. Од македонска музика, Тоше Проески, Леб и Сол, Нокаут, и други, доста разновидна музика.

Во нижо музичко почнувам да го изучувам клавирот - класична музика и подоцна гитарата како самоук. Средно почнав да свирам и флејта, но да бидеме искрени не сум свирел повеќе од 5 години (се смее). И во академијата изучував тапани и перкусии (Drums & Percussion). Не би рекол дека талентот ми е фамилијарно наследство, со мал изклучок дека татко ми знае да свири малку гитара. Јас мислам дека е целосно моја желба која се формира од голем интерес кон музика и уметност. Со многу труд и многу часови сега сум мулти инструменталец и свирам клавир, гитара и тапани.


*Каков е животот во Њу Џерси-што ви се допаѓа најмногу таму?

- Па има и добри и лоши страни, во врска на годишни времиња мислам дека климата е доста слична на нашата во Македонија, и така лесно ми беше прилагодувањето. Ми се допаѓа многу што има доста разновидности, од исхрана, култура и уметност. Можеш буквално да најдеш автентична Македонска храна, да се почувствуваш исто како да си дома. Исто така во близина на петнаесет минути ми е New York City, каде што нема што нема, толку блиску, но доволно далеку од гужвите и метежот.

Исто така на еден час патување имам безброј плажи каде што во лето е одлична дестинација за одмор или забава.

*Каде во САД би сакале најмногу да живеете, каде имате живеено?

-Најмногу би сакал да живеам во Флорида, Техас или Калифорнија, очигледно за прекрасното време, но исто така Флорида и Техас за даночни причини и пониските трошоци за живеење. Калифорнија е една од најскапите за живеење, но има преубави локации, и премногу развиена уметничка, филмска и музичка индустрија.

*Имате ли соработувано со некоја позната личност, покрај индустриските гиганти, каков е твојот впечаток од соработката?

-Имам соработувано со многу продуценски куќи, како на пример Def Jam, Universal Music, Republic и Island Records кои што менаџираат артисти како Big Sean, Chris Brown, Justin Bieber, Ariana Grande и други. Лично се имам запознаено со Jack Harlow, Cody Simpson, Jimmy Fallon и Scooter Brown итн.

Најчесто ако им се допаѓа музиката што сум им ја испратил, ги откупуваат сите авторски права 100%, во рап музиката тоа е познато како како Ghost Writting, каде што некој друг ја пишува песната, тие ја откупуваат и познат артист ја изведува и ги зема сите авторски права.

Како продуцент тешко е да влезеш во играта се додека не си изградиш име за самиот себеси, дали преку менаџирање на индипендет артист или да бидиш самиот успешен артист и воедно продуцент.

Па искрено мојот впечаток е дека треба да бидеш многу упорен и дури досаден, да си голем екстроверт и да создаваш конекции. Колку и да работиш во студиото колку и да си добар без конекции, се ти пропаѓа во вода!

*Имаш создадено многу дела, песни...кое/која ти е најдрага, посебна, со големо значење, ако можеш да издвоиш таква-или соработка што ти е највредна?

- Најдрага соработка ми е со Island Records каде што моја композиција беше избрана за најновиот албум на Justin Bieber - Justice, но за жал песната не стигна на крајната листа за да биде ставена на албум, иако е снимена и целосно завршена. Јас ја имам демо снимката, но не смеам да ја објавувам или споделувам со никого, бидејќи многу често подоцна има шанси да ја извадат на друг албум или како сингле или дел од компилација.


*На што си сконцентриран моментално најмногу во поглед на работата?

-Моментално се фокусирам на ефикасен раст во компанијата и поголемо инвестирање на креативниот дел, тука мислам на продуцирање повеќе музика, видеа и други материјали.

*Сопственик си на маркетинг-консултантска компанија. Лесно ли е да основаш своја фирма во Америка, какви се предизвиците, раскажи ни нешто повеќе за Just Get Known?

-Да, сопственик сум на Маркетинг компанија, Just Get Known каде што нудиме сервиси како маркетинг, бизнис консултација, креација на контент, PR итн. Моментално имаме клиенти од медицинскиот оддел, транспорт индустријата и се разбира музичката индустрија. Исто така сум сопственик и на NT Media која што повеќе е за креирање на музички дела, видео записи, и видео шоуа.

*Со кои предрасуди, стереотипи, навики мораше да се збогуваш кога почна да работиш во оваа индустрија во Америка?

-Па искрено не сум личност што има предрасуди, отсекогаш сум пристапувал само ако имам фактуелни и коректни информаци.

Во врска со стереотипи едноставно повеќето не држат вода овде, секогаш ќе ги има, но мое мислење е дека се поретко употребувани овде. Како на пример некои работни позиции каде што во Македонија би биле само за понежниот пол или обратно, во САД скоро во секоја индустрија можете да видите поголема разновидност.

Една од стереотипите што ја имаме во Македонија, е дека Американците се мрзливи и дека не сакаат да работат. Таа е една од поголемите невистини, голем дел од Американците работат повеќе од шеесет часа неделно, исто и постојат личности што работат две целосни работни позиции. Но, во кратки црти, мое искуство е овде си форсиран или да бидеш повоочлив и да просперираш, или да се затвориш и да станеш личност без просперитет.

За навиките ...  спиење до доцна, секојдневните кафиња со пријатели, изговори дека некој или нешто ти е виновен, излегување секој викенд, нездрава исхрана итн. Сите напоменати навики моментално не постојат во моето секојдневие. Едноставно не можеш да си ги пружиш ако сакаш да станеш успешен. Конкуренцијата овде не престанува и не се одмара, така да ако сакаш да просперираш мораш целосно да бидеш посветен на својата работа.


*Може ли да се каже дека го живееш Американскиот сон?

Па искрено зависи, зависи што е вусшност Американскиот сон, и дали е всушност тоа што ние го имаме во замисла. Мое мислење е дека Амерканскиот сон како што го знаеме, не постои. Скоро секоја успешна личност, или основач на успешен бизнис, работи дупло повеќе и има многу повеќе обврски отколку обичниот работник. Тоа е американскиот сон, се разбира ќе можеш да си дозволиш поскапа кола, куќа, луксузен одмор и повеќе материјални работи, но истовремено губиш слободно време, време со фамилија, време со пријатели. И најтешкото е да најдеш баланс, без да изгубиш премногу.

*Како изгледа еден твој ден?

-Станувам рано, најчесто шест - седум часот, си дозволувам еден час само за себе си, дали би читал или би слушал некоја книга, дали ќе си го планирам распоредот за денов, дали би размислувал на нови идеи и планови или едноставно би го пиел утринското кафе, тој еден час е само мој и ми е најдрагото нешто во денот. Почнав да го практикувам ова откако ја прочитав книгата „Miracle Morning“ од Хал Елрод, и ја препорачувам книгата на секого. Потоа почнуваме со работа во компанијата. Штом дојде 12 часот одам на ручек тој е мојот прв оброк, веќе подолго време го прескокнувам појадокот. После ручекот со работа до пет часот. Доаѓам дома вечерам, па идам на тренинг четириесет минути до еден час или свирам на гитарата или клавирот еден до два часа. После тоа почнувам пак со работа неколку часа, од седум до девет часот некој пат и подоцна. Го завршувам денот со читање на книга, гледајќи некое шоу, учејќи од YouTube University (се смее) и се поретко да вклучам PS5 и да поиграм некоја игра.

Во викенди работам само по три - четири часа, и потоа најчесто одам на кино, прошетка или да се видам со пријатели. Но, и понекогаш се што сакам е да се одморам дома.

*Кој е твој следен предизвик во поглед на работата и успехот во Америка?

-Па искрено да се пронајде начин за поефикасно растење и проширување на компанијата. Исто и би сакал да посветам повеќе време на мојата музичка кариера, и да постигнам некои цели како изведувач.


*Што мислиш за поп-сцената и за фестивалите во Македонија денес?

-Има доста артисти што ми се допаѓат, и се радувам што има доста нови млади артисти што работат напорно и се трудат да остават впечаток во индустријата. Би сакал да видам повеќе Поп или РнБ пеачи, и повеќе текстописци и композитори на таа музика, веќе долго време се истите продуценти и текстописци и мислам дека треба нови лица да дојдат на сцната. На пример во Хип Хоп музиката има толку многу нови артисти, како Пајак, ZeeBomb, Matej Foltz и  insertakick и други од кои повеќето сами си пишуваат и продуцираат песни, тоа е тоа што најмногу го почитувам. И мислам дека и пеачите треба да почнат самите да си пишуваат и компонираат песни. Пример Тоше Проески, беше комплетен артист, и предобар изведувач, солиден текстописец и композитор. Не ги следам фестивалите последните неколку години, така да не би коментирал за нив.

*Ви недостасува ли Македонија? Што носиш во срцето од татковината?

-Секако дека ми недостига, и пријателите и фамилијата. Во срцето го носам Македонското сонце и многу сум горд што сум Македонец.

*Размислувате ли за враќање, или можеби некоја работа, бизнис некогаш во Македонија?

-Сега за сега немам планови за враќање, но за работа и бизнис сум размислувам да организрам некои работи во врска со музика и видеографија, но сега за сега не можам да откривам многу информации.


Ирена Ставрова


Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: