Интервју со Дани Димитровска: Секој сам може да им стави крај на војните во себе
Сини очи, кадрава руса коса, доза на сексапил и нескротлива енергија се првата асоцијација кога ќе се спомене нејзиното име. Дани Димитровска која повеќе од 20 години успешно опстојува на македонската музичка сцена по кратка пауза повторно се враќа во етерот со нова песна, и овој пат на тема љубов. Зашто ја немаше одреден период, дали овој пат конечно е среќна прокрај партнерот кој неодамна го покажа на јавноста и каде нејзините следбеници можат да ја слушаат ова лето, открива само за Женски магазин.
Ж.М. Некое време те нема на музичката сцена, а ретко можеме да те забележиме и на социјалните мрежи, која е причината?
Се појавувам кога имам причина. Причината генерално е музика. Таа недостасува. Од се останато оптоварени сме дури и премногу...
Ж.М. Денес е промоцијата на твојата нова песна, повторно тема љубовта, со што ќе не изненадиш овој пат?
“Има Љубов Во Нас” за мене ја носи најважната порака, а таа е дека секој сам може да им стави крај на војните во себе, да биде лек за овој свет, постојано свесен дека има љубов во нас. Не е изненадување, потсетување е.
Ж.М. Дали инспирација можеби е твоето момче, кое пред неколку месеци за прв пат го покажа на Инстаграм, иако љубовниот живот го криеш од јавноста?
Искрено, страдам што страдаме во илузијава дека сме немоќни, неспремни, зли и сурови. Песнава е инспирирана од вистината. Изворот е Весна Малинова а таа вели дека изворот е еден...
Ж.М. Најголем дел од пејачите се откажаа од промоциите со новинари, што е непишано правило отсекогаш доколу се промовира нова песна. Што мислиш која е причината?
Не знам за останатите, но за мене она што се нарекува промоција е отворена средба на соработници, луѓе од иста и слична работна сфера што имаат заедничка цел... Потреба за истакнување на вредноста на музиката, во мојот случај. Комуникација е секогаш клуч а заедно сме секогаш подобри.
Ж.М. Дали може да се каже дека конечно го пронајде човекот покрај кој се чувствуваш исполнета?
Исполнетост доживувам при себе - реализација низ музичката професија. Емотивниот партнер е најдобар другар, соговорник и поддршка.
Ж.М. Секоја жена одреден период поминува низ некои љубовни фази, која е твојата мотивација во тие моменти?
Секој човек, не само жена - поминува низ безброј разно-разни фази. И тоа е добро. Така зрееме. Љубовта иако потценета секогаш е решение. Има љубов во нас...
Ж.М. Како ти поминува еден ден?
Различно... Понекогаш убрзано а понекогаш успорено. Работно е највозбудливо. А домашно е најудобно. Сите ги сакам. Така постојам.
Ж.М. Со кого го пиеш првото кафе?Во зависност од денот и расположението. Сепак кафето ми е социјална пијачка, па неговата арома е најубава во друштво.
Ж.М. Дали и кога планираш да почнеш со настапи низ Македонија?
“Има љубов во нас” е сингл кој денес најавува албум за остатокот од годинава. Првата станица за ова лето е Крушево на 30ти Јуни. Се гледаме...
Премиерно „Има љубов во нас“...
Елеонора. А.