102 деца, 44 земји и ЕДЕН океан
На иницијатива на организацијата Planeta Oceano, 102 деца од 44 земји во светот снимија видео кое содржи пораки за важноста на океаните и опасноста која човечкото невнимание и негрижа можат да ја имаат врз нив.
Кики од „Дајте музика“ се приклучи во оваа иницијатива за зачувување на 3,6 милијарди години старите океани кои значат живот за планетата Земја. Одбележувањето на Светскиот ден на океаните од planetaoceano.org e иницирано од Керстин Форсберг, биолог-конзерватор и член на мрежата на Млади глобални лидери, која во 2007 година ја открила загрижувачката стапка на смртност кај морските желки на северот на Перу и веднаш превзела инцијатива за нивно спасување. Г-ѓа Форсберг денес имаше обраќање на Виртуелниот Самит за океаните одржан под покровителство на UNESCO.
Океаните покриваат 70% од површината на планетата Земја и ја содржат 97% од нејзината вода, што според волумен, претставува 99% од нашиот животен простор. Тие произведуваат најголем дел од кислородот кој сите ние го дишиме и апсорбираат повеќе од 30% од штетниот јаглерод диоксид произведен од луѓето со што го намалуваат влијанието на глобалното затоплување. Денес, повеќе од 40% од океаните се загрозени од човечки влијанија: загадување, прекумерен лов на морскиот свет, населување на крајбрежјата, испуштање на хемикалии во водите..
Пораката која ја носи видеото се однесува на возрасните: „Ако океаните ни се здрави, и ние ќе бидеме здрави!“
Видео: @planetaoceano