75-годишна пензионерка од Скопје секој ден одвојува по еден час за плетење: Создава уникатни ремек-дела за нејзините најблиски

75-годишна пензионерка од Скопје секој ден одвојува по еден час за плетење: Создава уникатни ремек-дела за нејзините најблиски

Објавена во: Stars // Интервјуа

Невена Стојановска е 75-годишна пензионерка од Скопје, баба на четири внуци и поранешен лаборант. Иако е во пензија, деновите ѝ се исполнети максимално, а секој ден одвојува по еден час за плетење - тоа е период од денот кога се осамува од секојдневието, вели дека тоа ја смирува, така одмара, а најважно од сè ужива во креирањето на нови фигури и накит од волница.

Баба Невена изработува секакви фигури - од играчки (октоподи, лавчиња, зајчиња за Велигден, пилиња и многу други), до украси за ѕид, корпи за накит, накит и други видови интересни работи. Со оглед дека плетењето е нејзино хоби, изработките се најчесто наменети за нејзините најблиски на кои им ги подарува за разни пригоди и свечености, но секој кој ќе ги види нејзините изработки не останува рамнодушен, па своевремено и ги продавала иако, како што вели таа, тоа ѝ одзема многу време и енергија, па сепак е насочена кон креативниот дел од оваа приказна и плете за нејзина душа.

- Плетењето како хоби го спознав уште во детството, односно од мојата мајка која плетеше. Како растев, а особено кога станав мајка се усовршував па за моите деца плетев шалови, капи, џемпери, но и одредени тренди парчиња облека кои во тоа време како и сега повторно се во мода - ни раскажа Невена.

Фигурите односно играчките започнала да ги прави последниве години, откако е во пензија. Претходно не била запознаена со таков начин на изработка, но, следејќи  ги трендовите во плетењето брзо навлегла во тајната на нивната изработка.

- Иако сум во пензија денот ми е исполнет секојдневно. Но, покрај секојдневните обврски одвојувам дневно по еден час за плетење. Изработувам секакви фигури, од играчки (октоподи, лавчиња, зајчиња за Велигден, пилиња и многу други), до украси за ѕид, корпи за накит, накит и други видови интересни работи. Со оглед дека е ова мое хоби изработките се најчесто за моите најблиски, на кои им ги подарувам за разни пригоди и свечености - вели таа.

Од материјали користи волница, конец за плетење, монистри, копчиња и сè она што ѝ изгледа интересно за да го вметне во нејзините дела. Инспирација најчесто добива од Интернет, особено од Пинтерест, а понатаму во самиот процес ги надополнува со нејзини идеи.

Во процесот на изработка на накит бил вклучен и нејзиниот сопруг.

- За изработката на накит бев поттикната од мојата снаа која донесе плетени обетки еден ден и ме праша дали би можела да ги направам јас, бидејќи знаеше дека претходно сум плетела. Тоа за мене беше нов момент во плетењето и секако предизвик затоа што претходно не сум имала такво искуство. Полека навлегов во тајните на изработката на накит од конец и волница, снаа ми набавуваше материјали, сопругот изработуваше метални алки.
Така започнав да правам ланчиња, обетки, брошеви од волница и конец.

- Како и фигурите така и накитот го правев најпрво за блиските. Но, потоа колешките на снаа ми гледајќи од неа беа заинтересирани за ваков вид на накит, па еден период правев и за нив по нарачка.

Рачната изработка на Невена е уникатна и такви парчиња ретко можат да се најдат во продавниците, но креативното хоби, таа не планира да го претвори во мал бизнис. 
Еден период, мал дел од накитот одел на продажба, па и на базар, но сепак, како што ни раскажа, тоа ѝ одземало многу време и енергија. 
- Сепак сум насочена во креативниот дел од оваа приказна - вели Невена и додава дека токму процесот на изработка за неа е период од денот кога се осамува од секојдневието, тоа ја смирува, така се одмара, а најважно од сè е дека ужива во креирањето на нови фигури и накит.


*Љ.И

Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: