Антониа Гиговска: Живееме заедно со Иван, обврските ни се поделени, но рано е за брак
Ако ја следите редовно на социјалните мрежи, се чини дека Антониа Гиговска има настапи постојано. Младата пејачка која се истакна како еден од нашите најдобри женски вокали, изминатово лето успеа да одмори кратко, но музиката е она што го окупира речиси нејзиниот цел ден. Среќна и вљубена, Антониа ни потврди дека веќе не живее во семејниот дом со родителите, туку со Иван Јованов од „Либеро бенд“, нејзиниот колега со кого е во врска неколку години. Антониа за кусо време стана една од највлијателните на Инстаграм, а во разговорот за Женски магазин открива каква е кога е без шминка и кога не е на настап, и раскажува дека е многу чувствутелна на негативните коментари од луѓето кои не ја познаваат.
* Имаше активно лето, со константни настапи насекаде, се чувствуваш ли заморено, која ти е агендата во овој период?
- Искрено уморно, меѓутоа тоа е нешто што ме исполнува и прави среќна. Следно настапувам во Неготино и Скопје.
Настанот во Скопје ќе биде исполнет со многу дружба, пеење и смеење со дечиња. Многу се радувам. Ги поканувам сите деца на Школка во 13 часот во сабота.
* Ја доведе линијата до совршенство, и ја одржуваш подолго време, имаш ли сега специјален режим на исхрана и на физичка активност?
- Конечно се чувствувам здраво, а во исто време задоволна од својот физички изглед. Вежбам веќе 8/9 месеци со персонален тренер и здравиот начин на исхрана веќе ми е дел од секојдневниот живот.
* Чекор понатаму во твојата врска со Иван од „Либеро бенд“ е вашето заедничко живеење. Како ви оди, имате ли поделба на обврските по дома?
- Хаха, супер е, обврските се поделени, потребен е секогаш компромис. Јадеме надвор, ретко кој се фаќа да зготви нешто, среќа не сме често дома па е секогаш чисто. Со настапите повеќе сме надвор отколку дома. Боно чува куќа.
* Со оглед на тоа дека живеете заедно со Иван, размислуваш ли веќе за брак и семејство, во некоја подалечна или и поблиска иднина?
- Сè уште не, моментално сум посветена на музиката, тоа не ми бега, сите нас не чека тоа порано или подоцна.
* Во неколку наврати изјави дека те повредуваат лошите коментари на социјалните мрежи. Кој лош коментар најмногу те повредил, како се бориш прорив злите јазици?
- Ух... па дефинитивно најмногу ме повредува лош коментар за моето семејство. Сè друго е прифатливо и навика со оглед на тоа што јавните личности се подложни на секакви коментари. Ме погодува тоа што некој некогаш т.е најчесто се дрзнува да искоментира мој карактер и тоа каква сум јас приватно, а не ме познава, меѓутоа не можам да спречам нечие мислење. Секој го има правото на мислење, но не е секој така како што изгледа, јас имам свој гард, но сум личност што страшно многу брзо се приврзува, така што сакам да сум меѓу луѓе, стравот да сум сама ме убива.
* Која е Антониа кога не пее, кога нема шминка, кога не е во јавност?
- Антониа е истата насмеана и позитивна личност и кога пее, а кога не пее прави глупости. Тврдоглава глава.. тоа што ќе го намислам мора да го истерам по мое.. Вежбам, играм друштвени игри, сакам шопинг.. Сакам храна ..
* Следна песна, албум... што посакуваш да ти се оствари на музички план?
- Следна песна се надевам наскоро.. Спремам неколку, работам и посветена сум.. Доаѓа нешто лудо сигурно.. Што би рекол Лазе Цветкоски „Шефче, ти не знаеш да седиш мирна".
Милица Џаровска
Фото: Приватна архива