Д-р Жарко Костиќ: Ова е време кога секој треба да помогне како може

Д-р Жарко Костиќ: Ова е време кога секој треба да помогне како може

Мотивацискиот говорник и тренер за личен развој, Д-р Жарко Костиќ, им се обрати на пријателите и граѓаните преку социјалните мрежи, по повод моменталната состојба.

Целиот текст Ви го пренесуваме во целост:

„Би сакал и јас да се обратам до моите пријатели на социјалните медиуми по повод моменталната состојба.

Откриени тајни како емисија се снима однапред, па тоа е и причината зошто во наредните емисии нема да гледате нешто конкретно поврзано со кризата која ја наметна корона вирусот. Но, воедно и тоа е причината зошто би сакал и да ви се обратам на овој медиум.

1. Подгответе се, но не паничете. Подготовката е дел од контролата. За да имаме контрола мора да сме спремни. Велат дека кога морнарите не се спремни секогаш има бура, а кога се спремни нема, а и да ја има ќе се справат со неа. Овие денови гледаме дека скоро сите се спремни со залихи од храна и средства. Доколку тоа не ви е завршено, завршете го.

2. Останете дома. Тоа се секако и препораките, но и е дел од личната одговорност. Одговорноста е да мислиме и за другите. Колку сме по одговорни, толку повеќе ќе имаме контрола врз ситуацијата.

3. Лична хигиена. Миење на раце, туширање после работа или излегување од домот, чевлите пред врата или нивна дезинфекција итн. се според препораките од министерството и министерот за здравство.

4. Самоизолацијата е дел од одговорноста и дел од човечноста. Себичните и неодговорните луѓе не опстануваат најдобро. За ова исто така има упатства од министерството за здравство кога мора да има самоизолација.

5. Добра исхрана и земање на витамини и минерали. За ова можете да најдете многу релевантни текстови на социјалните мрежи.

6. Не бидете премногу на интернет. Бидете информирани, но немојте да го преоптоварите вашиот ум со текстови и информации. Информирајте се наутро едно 10-15 мин за моменталната состојба или следете ги официјалните прес конференции на надлежните и немојте повеќе од тоа да сте на социјалните мрежи. Фактички ништо ново нема да дознаете. Истите информации ќе ги сретнете повторно и повторно. Тие текстови ќе ве фиксираат и ќе ве тераат само уште повеќе да сте на социјалните мрежи, а и вие сами знаете дека ништо продуктивно не правите. Но, едно се случува кога повторно и повторно ќе се сретнете со информациите кои за никого не се пријатни, се појавува стравот кој зема замав и вие лесно ќе изгубите контрола врз него. Поради тоа, само 10-15 мин. информација за да вие бидете во тек и да знаете што треба да правите и толку! И најдобро е да се информирате само од официјални и релевантни извори.

7. Не зборувајте по домот или на социјалните медиуми за тоа повеќе од што е потребно. Е ова е тешко... Работите треба да се соочат и не треба да ја игнорираме опасноста, но ние веќе тоа го правиме со сите претходни чекори. Се повеќе од тоа е само хранење на стравот и кај себе и кај другите!

8. Најдете нешто да правите. Чекањето да дојдат наредните вести и листањето на социјалните медиуми е психичка тортура која си ја правиме. Ова е време за читање на книги, играње на друштвени игри со фамилијата, да завршиме некои работи за кои никогаш порано „немавме време“, а доколку сакаме да бидеме и креативни, можеме да пишуваме книга, песна, да нацртаме некое ремек дело итн.

Мотото е да го контролираме она што можеме и да не се обидуваме да го контролираме она што не можеме. Ништо не контролираме кога си се напаѓаме со страшни текстови. Барем нешто контролираме кога ќе ја сработиме точката 8 од погоре. Поентата е да направиме нешто, а не да останеме само да чекаме.

Голема потврда за заложбите на целиот медицински персонал!

Ова е време кога секој треба да помогне како може. Во овие моменти се гледа нагонот да опстане човештвото. Само до вчера проблемите беа дали момчето или девојчето се јавило или зошто свекрвата ја искритикувала снаата. ( сигурен сум дека донекаде овие проблеми се тековни и за време на ситуацијата). Но, оваа ситуација ни дава ново гледиште за релативноста на проблемите. Проблемите сега добиваат нова димензија. Камо среќа да ги имавме проблемите од пред еден месец. Но, и ова ќе помине, за некое време повторно истите стари проблеми ќе ни бидат интересни и ќе бидат нашата игра. Ова е добар момент за да почнеме да живееме со друга точка на гледиште и да ги цениме работите кои до вчера ги земавме здраво за готово. Ова е нешто кое можеме да го земеме како сознание - како ќе го живееме животот во иднина кога сето ова ќе помине! Дали од ова ќе заклучиме нешто што ќе го смени нашиот живот и ќе ги зголеми нашите цели, не само лични, туку и општествени, а во овој случај и планетарни. Едно е сигурно, почнуваме да функционираме подобро како тим. Кога непријателот е надвор од групата, групата се обединува. Тоа се однесува на фамилијата, на фирмата или на нашето општество или на човештвото. Се додека противникот е надвор од тимот и се соочуваме и справуваме со него тимот се обединува. Не мораме да чекаме вакви ситуации за да се обединиме. Има поголеми цели и за општеството и за човештвото кои бараат да се сплотиме! Моето сознание е ова. Искористете го секој ден за да постигнете нешто големо, ајде да почнеме од денес!

Ви посакувам продуктивен ден.

Д-р Жарко Костиќ, мотивациски говорник и тренер за личен развој“, напиша на својот фејсбук профил мотивацискиот говорник и тренер за личен развој.

Можеби ќе ве интересира: