Демото за „Ранливи“ го снимивме кога имав 15 години: Сара Гигова за новата песна

Демото за „Ранливи“ го снимивме кога имав 15 години: Сара Гигова за новата песна

Објавена во: Stars // Интервјуа

Сара Гигова е една од новите млади музички надежи, која својата популарност и своето место на естрадното небо го обезбеди преку регионалните музичките натпреварувања, од кои многумина и ја препознаваат. Покрај тоа, таа има освоено голем број награди низ Европа, а сега веќе наголемо работи на својата музичка кариера.

По првенчето „Ладно лето“, Сара на почетокот на месецот заедно со видео запис ја објави песната „Ранливи“. За Хаштаг откри кога настанала оваа песна, како поминало снимањето, кои се нејзините идни планови, но и дали се советува со својата братучетка Антониа Гиговска.

# Изгледа и кај тебе важи она „Тимот што победува не се менува“. По првенчето „Ладно лето“ довербата за музиката и текстот, повторно им ја довери на Лазар и Магдалена Цветковски. Како е да се работи со нив двајца?

Лазар и Магдалена Цветковски се мојот тим засега, кои се потпишуваат зад песните „Ладно Лето“ и „Ранливи“. Одлична е нашата соработка. Навистина професионално се одвиваат нашите снимања, бидејќи разменуваме мислења и сме во еден „посебен свет“ додека сме во студиото. Прекрасна е атмосферата и забавни се и двајцата, а и многу искрени како едни со други така и со мене, па затоа и им верувам како тим, бидејќи сакаат максимално да го искористат својот талент и заедно да го создадеме најдоброто.

# Дали песната „Ранливи“ е правена специјално за тебе или можеби го чекала во фиока вистинскиот момент?

Песната „Ранливи“ е првата песна која ја создадовме со мојот тим. Првото демо е снимено кога имав 15 години, но не беше ништо официјално и не бевме сигурни кога да ја извадиме поради ситуацијата со вирусот. Оваа песна почнавме да ја правиме специјално за мене, со тоа што разговаравме претходно за темата на песната и одлучивме да е поемотивна, бидејќи сметам дека преку баладичните песни можам најдобро да ги претставам моите гласовни способности и талент. Сметам дека „Ранливи“ излезе во вистински момент, бидејќи сега сум позрела и поемотивно можам да го пренесам текстот и емоцијата на оваа песна кон публиката и верувам дека пораката на песната ќе допре до многумина. 


# Како помина снимањето на видео записот? Имаш ли некоја интересна случка од снимањето која би сакала да ја споделиш?

Снимањето беше премногу забавно и иако траеше со часови, мило ми е што уживав во целиот процес. Вториот ден од снимањето беше во Скопска Црна Гора и беше премногу ладно, па моравме да правиме пауза заедно со моделот за да се стоплиме со јакни, па потоа пак да продолжиме со снимање. Режисерот на спотот, Ѓорѓи Вацев, одлично ги залепи кадрите и бев позитивно изненадена, бидејќи на снимањето постојано се воздржувавме да не се тресеме од студ. Не беше едноставно, но како што велат „Се трпи за убавина“. 

# Најави дека нема да мируваш и дека со твојот тим веќе размислуваш за локации за следниот спот. Каква песна ќе може да очекуваме - баладична или во побрз ритам?

Со тимот пробуваме различни идеи и сум спремна да експериментирам за да создадаме нешто поразлично и автентично за мене како артист што верувам дека ќе биде интересно да се слушне и да се види. Како и за песните така и за спотовите се трудам да вметнам интересни идеи. За претходните два спота сценаријата се главно моја идеја. Се инспирирам од различни слики и видеа на YouTube и други социјални мрежи, но се трудам и да реализирам некоја моја нова идеја и покрај пеењето да ја прикажам мојата кретивност. Нема да најавам што сѐ следува, нопубликата може да очекува нешто ново наскоро. 

# Дали планираш да учествуваш во некое музичко натпреварување надвор од Македонија или ќе се задржиш само на учеството во „Неки нови клинци“ и „Ѕвездичките на Пинк?

Засега немам во план да учевствувам на некое музичко натпреварување. Претходно сум била на повеќе музички натпреварувања како „Неки нови клинци“, „Ѕвездичките на Пинк“, „Ѕвезда број еден“ и „Кастинг талент шоу“. Отсекогаш ваквиот тип на натпреварувања биле огромен предизвик за мене, бидејќи преку нив стекнав најголемо музичко искуство и ме мотивираа уште повеќе да работам на себе и на музиката во иднина. Се разбира дека би сакала во иднина повторно да се појавам на некое музичко натпреварување, бидејќи имам натпреварувачки дух, верувам во својот талент и би сакала тоа да го видат многумина. 

# Сите добро знаеме дека Антониа Гиговска ти е братучетка? Дали се советуваш со неа околу изборот на песните?Кои совети ти ги дава?

Мило ми е што и двете се занимаваме со истата работа. Се поддржуваме за сѐ досега и имаме одлична комуникација. За песните работам со мојот тим и засега не сме разговарале со Антониа за песните во студио, бидејќи сме сосема различни артисти и имаме различни вкусови на музика. Сметам дека тоа е многу подобро, бидејќи секој артист треба да е карактеристичпен на свој начин. 

# Како за крај, можеш ли да ни откриеш со која позната музичка ѕвезда би сакала да снимиш дует?

Би сакалa да соработувам со многу познати музички ѕвезди, но моментално би ги издвоила Billie Eilish, James Arthur и Harry Styles. 

И. Мисајловска


Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: