Добивав навредливи пораки дека камерата не ме сака и изгледам смешно, зашто сум премногу ниска- искрено со Александра Јанева
Моќниот вокал и експресивната изведба на песната „Врати ми го сонцето“ на Александра Јанева и ја донесоа првата победа на „Макфест“ во 2013 година.
Полека но сигурно, почна да ја гради својата кариера. Се реда песни, хитови, а потоа и настапи низ земјава.Паралелно беше посветена и на студиите, а пред две години дипломираше на факултетот по дентална медицина.
Кога сте под будното око на јавноста, критиките се неизбежни. Покрај позитивните, постојат и негативни кои во повеќето случаи може да бидат и мотивирачки, ако се кажани од компетентни луѓе.
Јанева вели дека низ годините добила повеќе навредливи пораки за тоа како се смее и како пее.
- Ми пишуваа и дека камерата не ме сака колку и да се трудам да го постигнам тоа, дека изгледам смешно зашто сум премногу ниска.Но, секогаш биле напишани од лажни профили и самото тоа ги прави помалку важни за да го добијат моето внимание. Почитувам туѓо мислење и потполно ми е јасно дека не може и не треба сите да ме сакаат. Но, барем тој што пишува, да е достоен и да го каже своето мислење без да го сокрива идентитетот. Тогаш може и да го сослушам. Секоја критика ме допира и сметам дека треба да биде така, ако сакам да го живеам сонот. Но, не дозволувам да влијае премногу на расположението и да ме оттргне од патот кон мојата цел – вели пејачката и дополнува дека е личност кој многу често се шегува на своја сметка и затоа не ги сфаќа навредите многу сериозно.
-Знаеме дека колку повеќе растеш и работиш, толку си поинтересен да те коментираат. Но, и позитивните и негативните критики ме инспирираат да правам подобри проекти – вели Јанева.
Нејзиниот нов проект е темата „Глумиме“. Инспирација за оваа тема е токму една навредлива порака која ја добила на социјалните мрежи , со содржина „Те слушам во интервјуа се правиш пејачка јака, ау... пееш на плочки у мрак. Бар стави некоја гајба поткачи се девојко“.
-. Со „Денот што ни носи“ и „Глумиме“ отворив едно ново поглавје во музиката, со Лазар Цветкоски како мој соработник, композитор и продуцент на сите песни кои ќе се најдат на вториот албум. Следуваат доста интересни проекти и сум помотивирана од било кога. Задоволна сум и од тоа што на моите настапи, во кој било град песните се пеат. Ако некоја пропуштам, ме потсетуваат дека сум ја заборавила да ја отпеам. Имам публика која будно следи се што правам и ми ја дава поддршката која ми е потребна. Но, не можам да кажам дека тоа ми е единствената амбиција. Можеби одам скалило по скалило и побавно се искачувам од некој друг. Но, барем знам дека комплетно стојам зад секој мој проект и горда сум на сето тоа што од мене излегло до сега. Секој од нас има паузи, периоди со недостиг на инспирација. Или пак периоди кога колку и да се трудиш, ништо не оди од рака. Најголемата борба ја водиме самите со себе и сметам дека е подобро да се појавиш ментално подготвен, отколку да преземаш чекори за кои не сиподготвен.. Музиката е како љубовта. Не можеш да се вљубиш присилно и не можеш да направиш добра песна, ако не си спремен да се дадеш себеси во неа – посочува пејачката и потенцира дека музичката хиерархија кај нас веќе долги години е испомешана, растурена и се почесто местата понапред се резервирани за оние што уживаат ,,стара слава" или таквите кои полесно знаат да се ,,избуткаат".
-Некогаш тоа знае да ме демотивира, но пак ќе кажам премногу ја сакам музиката што ја правам и ништо нема да ме спречи да продолжам да се борам. Секојдневно добивам поддршка од мојата публика и мислам дека најдоброто допрва доаѓа. Стојам на тоа дека вистинскиот квалитет потешко се препознава, но затоа пак и подолго трае – заклучува Александра..
Во моментов е многу повеќе посветена на музиката, отколку на стоматологијата. Себеси се гледакако пејачка и би сакала да стане толку добра да може да кажат дека станала доктор во оваа професија.
Соња Алексоска Неделковска