Добро глумам кога треба да се одбранам: Интервју со Сара Гигова
Има само 14 години, а зад себе има низа успеси. Сара Гигова е една новите млади музички надежи. Учествуваше во неколку балкански и македонски музички натпреварувања, но има освоено и големиот број награди кои ги има освоено низ Европа, а од истите Сара го сподели своето искуство. Прочитајте во продолжение што таа ни откри ова интервју.
# Најпрво македонската јавност те запозна од музичкото натпреварување „Неки нови клинци“, а потоа следеа и сите останати. Што е она што го научи од сите овие натпреварувања?
Секое натпреварување има посебни предности. Со оглед на тоа што во „Неки нови клинци“ настапував кога имав само 11 години, односно кога почнав посериозно да се занимавам со пеење, ова натпреварување ми ја даде сликата како треба да изгледа едно големо и добро организирано шоу и со тоа ме поттикна уште повеќе да работам на себе. Сите натпреварувања ми донесоа преголемо искуство, но најважно од се е што ги гледам како предизвици, така што се трудам да го дадам својот максимум и секое натпреварување претставува нов почеток за мене. Никогаш не сум се чувствувала како победник, напротив секогаш барам нешто повеќе и нешто поголемо што би го постигнала понатаму во животот.
# Музичкото натпреварување „Пинкове ѕвездите“ е во таа листа. Колку тоа ти помогна кога е прашање твоето музичко искуство?
„Пинкове ѕвездице“ е исто едно од поголемите искуства. Ова натпреварување го сметав како тренинг на гласот, бидејќи една година постојано активно имавме снимања во Србија и мислам дека освен што ми донесе преголемо искуство и нови пријателства, гласот ми се смени на подобро, добив поголема самодоверба и научив што значи да си постојано во карантин и доколку сакаш професионално да се насочиш кон музиката, мора да вложиш многу труд и работа. Секој совет од жирито го имам прифатено и се обидов да го применам.
# Не смееме да го занемариме и учеството во мјузиклот „Тајно моја“. Што ќе ти остане длабоко во сеќавањата од ова музичко искуство?
„Тајно моја“ е моето омилено искуство. Иако имав само 12 години го освоив второто место и ја добив една од главните улоги во мјузиклот и ја имав таа чест да глумам на големата сцена пред голема публика, како и да ги пејам песните на Тоше Проески. За прв пат видов како изгледа ѕвезденото небо и тоа секогаш ме тераше да плачам на крајот од претставата, бидејќи бев горда на себе и мојот тим за изведување на еден таков мјузикал, за најголемата ѕвезда на Балканот и пошироко. Пробите беа напорни, 3 месеци буквално спиевме во МОБ за да се подготвиме најдобро што можеме.
# Покрај музичките натпреварувања, во изминатите години учествуваше и многу фестивали како во Македонија, така и во странство. Можеш ли да одвоиш една награда или признание кое ти е омилено?
Имам учествувано на повеќе натреварувања во Македонија и надвор од неа. Ќе го издвојам натпреварот во Москва, Русија каде што победив и освои Гранд при.
# Минатата година се појави и на реномираниот македонски фестивал „Макфест“, каде што ја изведе својата прва песна. Какво искуство ти донесе овој фестивал, со оглед на тоа што сцената ја делеше со многу звучни музички имиња?
На Макфест 2018 година ја имав таа чест да бидам најмладата ученичка во историјата на тој фестивал, со само 14 години. Ја изведов мојата прва песна „Љубовна бура“ од Кире Костов и Миодраг Врчаковски. Ова исто така е големо искуство за мене, бидејќи се натпреварував со познати имиња од естрадата и секако тоа што успеав да се пласирам во финалето.
# Колку си задоволна од тоа како помина твоето првенче?
Презадоволна сум како помина мојата прва песна. Иако не имав во план да настапувам на Макфест таа година, некако спонтано се случи се и со оглед на тоа „Љубовна бура“ ја подготвив за 2 недели. Поради тоа сметам дека за толку мал период оваа песна ја претставив најдобро што можев.
# Последно се натпреваруваше во „Ѕвезда број 1“. Дали твоите очекувања се поклопија со постигнатото место?
Ѕвезда број 1 е најновото натпреварување во кое се натпреварував. Моите очекувања беа дека ќе стигнам до финалето и до топ 6, а така и беше. Го освои 4 - тото место.
# Дали по ова музичко искуство, можеби ќе се вратиш во некое од балканските музички натпреварувања?
Со оглед на тоа што имам 14 години, а учествував во многу натпреварување, не гледам причина зошто да не се вратам на некое од нив, а можеби и на некое ново. Секако дека ова е само желба, но не ветувам ништо.
# Каде се гледа Сара за 10 години?
За 10 години се гледам на својата магистерска, а на музичко поле се надевам рамо до рамо со светските ѕвезди.
# Каква е Сара приватно?
Приватно сум многу дружељубива, сакам да сум со луѓе кои шират позитивна енергија и секогаш сакам да помогнам на било кој доколку можам. Многу сум приврзана со семејството и блиските пријатели, премногу сум емотивна и затоа сум многу затворена, ретко споделувам тајни со другите, а доколку се доверам на некој треба да знае дека го сметам за вистински пријател. Знам многу добро да глумам за да се одбранам или да одбегнам несакани настани. Најдобри особини ми се храброста и упорноста за да постигнам се што ќе посакам и да успеам во она што сакам да го правам и поради овие особини очекувајте многу од мене во блиска иднина.
# Кој хаштаг го користиш најчесто?
#музика
Ивана Мисајловска