Две златни медали за Македонија: Нов успех во ритмичка гимнастика на Илина и Ева Соколовски во Германија
Две златни медали за Македонија! Ова не е ништо
невообичено кога станува збор за нашите девојчиња Илина и Ева Соколовски, кои
живеат во Геманија, а на Македонија и носат злато, сребро и бронза.
Минатиот викенд Илина и Ева настапуваа на два републички турнири по ритмичка гимнастика на Северна Рајна Вестфалија, во Германија, на кои Илина два пати се закити со злато, додека Ева, според поените се пласира во финалето на Германија, кое ќе се одржи идната недела.
-Среќни сме што и овие резултати, овие медали ги освоивме за Македонија, бидејќи се натпреваруваме со македонски пасош, иако живееме тука. Овој резултат уште повеќе ни е поттик на претстојните европски натпревари, каде треба да настапиме под знамето на Македонија, ни рекоа Илина и Ева.
Веднаш по натпреварот Илина замина за Баку, Азербеџан на подготовки за Евроското првенство во ритмичка гимнастика, кое ќе се одржи од 20-25 мај во Будимпешта, а на кое ќе се бори за пехар за Македонија.
-Заминав во организација на Федерација на Македонија, која во соработка со Федерацијата на Азербеџан ни обезбеди престој и тренирање со истакнати светски тренери, тренираме по девет часа на ден. Пропуштив два големи натпревари, еден во Бугарија и еден во Азербеџан поради тоа што полагав матура и не можев да се ослободам, токму тие два дена кога беа натпреварите јас полагав, ама еве сум сега на подготовки, тренирам заедно со девојките од Азербеџанскаа репрезентација. Презадоволна сум од гостопримството и несебичноста, многу ми помагаат. Се надевам дека Македонија ќе ја претставам во најдобро светло, рече Илина.
Илина има 17 години и една деценија во светот на ритмичката гимнастика реди само успеси. Настапувала на многу интернационални натпреварувања, каде се закитила со медали, а и повеќе години е и дел од Бундес лигата во Германија.
Ева(14) зачекори по стапките на својата сестра и досега во нејзината категорија реди само успеси.