Европа од утре со олеснувања на корона-мерките, СЗО не е среќна поради тоа
Земјите на Европа, во кои се смета дека веќе е постигнат пикот на епидемијата, почнуваат да размислуваат за постепени олеснувања на строгите рестрикции, воведени за смирување на ширењето на коронавирусот.
Сепак, новата нормалност секаде ќе значи и поинакво однесување - оние кои наскоро ќе се вратат на работа ќе треба и натаму да ги почитуваат правилата на социјално дистанцирање и несобирање се додека не биде создадена вакцина против ковид-19, вели кинеска студија, изработена врз основа на тамошните искуства. Кина успешно се справи со првиот бран на епидемијата, но оваа студија проценува дека опасноста од втор бран е многу реална.
Земјите во Европа веќе бараат соодветна излезна стратегија за ублажување на досегашните ограничувања.
ДАНСКА наскоро ќе ги отвори јаслите, детските градинки и училиштата. За премиерката Мете Фредриксен тоа е внимателна прва фаза. Со нивното отворање на 15 април, данските власти сакаат да ги растоварат родителите кои досега се грижеа за децата и работеа oд дома. Границите на земјата ќе останат затворени до 10 мај. Ограничувањата остануваат на сила за рестораните, кафеаните, баровите, театарите и другите јавни простори, а собирања на повеќе од 10-мина и натаму не се дозволени. Големите настани се забранети до крајот на август.
АВСТРИЈА – како и Данска, и Австрија бргу реагираше на пандемијата и рано воведе строги мерки. Првите чекори за враќање во нормала почнуваат утре кога ќе се отворат продавниците со алат, опрема за домот и градината, но со строги предуслови. Сите продавници, трговски центри и фризерски салони се отвораат на 1 мај, а од средината на мај се предвидува да продолжат со работа и хотелите, рестораните и баровите. Ограниченото движење останува во важност до крајот на април, што значи дека домот ќе смее да се напушта само од оправдани причини. Носењето маски ќе биде задолжително за сите продавници и за јавниот превоз - од утре.
ШПАНИЈА – некои олеснувања се очекуваат по 26 април, кога истекува вонредната состојба. Владата ќе даде прецизни упатства за однесувањето на граѓаните во јавниот простор.
ЧЕШКА – граѓаните на оваа земја уште од утре ќе може да играат тенис и голф. Продавниците со опрема за домовите, градините, за хоби-активности, за делови на автомовбили и велосипеди ќе се отворат од четврток. Ќе биде засилена хигиената во малопродажбата. Купувачите ќе мора и натаму да ја почитуваат препорачаната оддалеченост едни од други, а на влезовите во продавниците ќе мора да има дезинфициенси и ракавици за една употреба. Од утре ќе бидат дозволени и патувања во странство за лекување или за бизнис.
КИНА – во епицентарот на пандемијата, во градот Вухан последните ограничувања се укинати минатата недела, два и пол месеци по воведувањето карантин. Градскиот транспорт се нормализира, авионите повторно полетуваат и слетуваат на аеродромите. Градот може да го напуштаат и возила во лична сопственост, а се враќа во функција и железничкиот превоз, со тоа што сите патници мора да докажат дека се здрави со зелениот код на апликацијата за коронавирус, воведена во целата земја.
Секој што бил во контакт со заразен има црвен код и не смее да патува. Превентивните мерки остануваат строги, на граѓаните и натаму им се мери температура, сите носат маски, а градинките и училиштата се затворени.
Кај нас, министерот Венко Филипче срамежливо најави можност за некои минимални олеснувања на рестрикциите на почетокот на следниот месец, но дотогаш ни претстои се поизвесниот тридневен велигденски карантин и очекуваниот пик на епидемијата на крајот на април.
Директорот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус минатата недела посочи дека укинувањето на мерките за изолација во земјите погодени од коронавирусот не е паметна идеја.
-Знам дека некои земји се подготвуваат за излегување од изолацијата. СЗО, како и сите, би сакала да се укинат рестрикциите. Но, нивното прерано укинување би можело да предизвика фатално враќање на пандемијата – изјави Аданом.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејенвикендов советуваше -не букирајте одмори за летово, никој не може со сигурност да предвиди каква ќе биде ситуацијата во јули и август.