ФАКТ НА ДЕНОТ: Како се прави најскапото кафе на светот?
Чаша од најскапото кафе во светот до неодамна чинеше 30 долари. Тоа се правеше од кафе зрна, кои прво ги јаде, а потоа ги дигестира посебен вид азиска ласица. Токму желудочните сокови од ласицата, на кафето му давале посебна арома и вкус. Но, приматот на азиското „злато“ неодамна го презема најскапиот бренд досега „Black Ivory Coffee“. И ова кафе поминува низ дигестивниот систем на животните, но овој пат кај слоновите. Познавачите велат дека „Black Ivory“ е највкусното кафе на светот , појаснувајќи дека поголем дел од азиското кафе од ласица, кое се нуди на пазарот е лажно. 900 грама од кафето кое минува низ дигестивниот систем на слоновите, чинат 1100 долари, а една чаша кафе се продава за 50 долари. Една од причините за високата цена е одгледувањето на слоновите кое воопшто не е евтино. Нив им се дава да јадат само кафе од сортата „Таи Арабика“, одгледувана на високи надморски височини. За да создадат 1 килограм од скапото кафе, слоновите треба да изедат повеќе од 32 килограми зрна кафе.