„Гатанки за сѐ и сешто и за уште нешто“ од Магде Ангова е игрива книга за деца што ги оживува и ги осовременува гатанките

„Гатанки за сѐ и сешто и за уште нешто“ од Магде Ангова е игрива книга за деца што ги оживува и ги осовременува гатанките

Објавена во: После „Школо“ // PR

Новата илустрирана книга за деца „Гатанки за сѐ и сешто и за уште нешто“ од младата авторка Магде Ангова ќе биде промовирана на 8 април (петок), со почеток во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк суперстор“ во „Скопје сити мол“. Промоторка на книгата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде уредничката Оливера Ќорвезироска. Пред присутните на промоцијата, дел од гатанките ќе интерпретира шестгодишната ќерка на авторката, Илина. Изданието е збогатено со илустрации од Елена Давчева-Стојановска.

„Гатанки за сѐ и сешто и за уште нешто“ е игрива, тематска збирка што ги оживува и ги осовременува гатанките како специфичен жанр, омилен и популарен за децата од ниските одделенија. Со досетлив, лирски избор на заглавните зборови – решенија на гатанките, и со опуштен, врзан стих со рима, Магде Ангова создала интересен поетски свет за видливите и невидливите нешта што децата треба само да ги препознаат или допрва да ги научат.

Книгата на забавен и интересен начин го отсликува светот околу нас. Многу предмети, животни, растенија и личности кои нѐ опкружуваат и се среќаваме со нив во секојдневниот живот се прикажани, опеани со необична и игрива рима. Со „Гатанки за сѐ и сешто и за уште нешто“ децата ќе се забавуваат, ќе научат многу интересни работи за светот што ги опкружува, а родителите, читајќи им ја книгата, ќе поминат квалитетно време со своите најмили.

Магде Ангова e родена во 1987 година. Живее во Гевгелија, а работи во Општина Дојран како личност за односи со јавноста. Таа е магистер по медиуми и комуникации, а во моментов ја завршува и магистратурата по психологија. „Гатанки за сѐ и сешто и за уште нешто“ е нејзина прва книга.

Книгата веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.
https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14832

* ПР - објава


Објавена во: После „Школо“ // PR

Можеби ќе ве интересира: