ГЕНИЈАЛНО: Македонски студенти создадоа велосипед кој го прочистува воздухот
Група македонски студенти создадоа велосипед кој може да го прочистува воздухот додека се вози.
Овој пронајдок е пријатно изненадување во период кога Македонија се бори со алармантно загадување на воздухот. ГЕТ (градски еко транспорт)-велосипед е проект на група студенти при Машинскиот факултет во Скопје, предводени од професорот Иле Мирчески, чија крајна цел е воспоставување систем на еколошки градски транспорт со електрични велосипеди со вградени филтри- прочистувачи на PM 10 честици.
„Во моментот се развива прототип на овој велосипед во соработката со компанијата Венито Комерц ДООЕЛ Кавадарци. Од огромно значење за досегашниот развој на овој проект е поддршката од страна на Фондот за иновации и технолошки развој во рамките на „О2 Предизвик“. Нашата идеја за изработка на ваков велосипед е желбата за чист воздух кој претставува сѐ поголем проблем за Македонија, особено за поголемите градови. Целта е развивање на градски систем на електрични велосипеди кои ќе го прочистуваат воздухот со филтри, паралелно намалувајќи го бројот на автомобили во градскиот сообраќај. Развојот на овој проект започна пред повеќе од една година во просториите на Машинскиот факултет, кој подоцна прерасна во еден од добитните проекти на “O2 Предизвикот”. Во самиот проект учествуваме шест студенти: Марко Насески, Мартин Спасовски, Филип Попоски, Ина Крстевска, Игор Џамбаски и Александар Јанкилиќ кои сме на различни насоки. Како главна поткрепа на целиот проект е професорот Иле Мирчески и фирмата “Венито Комерц”-Кавадарци“, вели Марко Насески.
Објаснува дека специфичноста на ГЕТ велосипедот е уникатниот дизајн и системот за наплата како и самите филтри вградени во тркалата на велосипедот кои имаат улога да го прочистуваат воздухот.
Студентот додава дека прочистувањето на воздухот се врши со проактивните филтри кои се поставуваат на велосипедите кои во суштина го искористуваат движењето на велосипедот за да го прочистуваат воздухот. Самиот филтер материјал се вградува со посебни држачи на тркалото на велосипедот, а при самата ротација на тркалото го зафаќа и прочистува воздухот. Многу значаен аспект на овие филтри, покрај тоа што не трошат било каква енергија и не создаваат отпор при самото движење, е тоа што истите може да се монтираат на било кој велосипед, без разлика дали истиот е електричен или класичен.
„Идејата на овој проект е истиот да се имплементира од страна на локалните власти во нашата држава. Суштината е на локалните власти да им понудиме систем за еден вид на изнајмување на велосипедите. Овој систем во еден дел би наликувал на ЈСП. Разликата помеѓу овој систем и некои други постоечки системи е во тоа што овој систем нуди воедна голема флексибилност и ниска цена за изведба. Корисниците би го изнајмиле велосипедот од станица за велосипеди или од локацијата на која ќе го „пронајдат“ велосипедот. Ова изнајмување за почеток се одвива со скенирање на картички со кои може да се отклучи велосипедот. Кога корисникот ќе го отклучи велосипедот, тој може да го вози до посакуваната дестинација. По завршувањето на употребата, корисникот го заклучува велосипедот, со што завршува возењето и наплатата на услугата. Тоа значи дека наплатата зависи од патот кој го изминал при возењето на велосипедот. Разликата помеѓу паркирање на велосипедот на станицата и на одредено растојание од неа, е во наплатата. Територијата на која се користи системот е поделена на неколку зони, одредени во однос на оддалеченост од станиците, во зависност од овие зони, се извршува различна наплата кај корисникот“, вели Насески.
Еден ваков велосипед би чинел околу 1200 евра кога би се продавал на поединечни корисници. Иако навидум тоа е висока цена за еден велосипед, истата е значително пониска од тоа што денес се нуди на нашиот пазар, додава Насески.
„Кога станува збор за цената, важно е да се напомене дека најдобро за нашиот пазар е имплементација на градски систем од кој се изнајмуваат велосипедите“, додава Насески.
Но, порачува дека патот до реализацијата на една ваква идеја е доста тежок и макотрпен, но со напорна тимска работа и голема посветеност успеале да постигнат задоволителен резултат. Се надеваат дека во иднина ќе добијат поткрепа од големите домашни и странски компании со цел оваа идеја да биде секојдневие.
Сања АтанасовскаЦелиот текст прочитајте го на Фактор.