Осумгодишниот Ѓорѓи руши рекорди: „Ми требаат 2 секунди да ја решам Рубиковата коцка!“

Осумгодишниот Ѓорѓи руши рекорди: „Ми требаат 2 секунди да ја решам Рубиковата коцка!“

Објавена во: Интервјуа, Таленти

Тој има само 8 години, освоени три златни и еден сребрен медал, а има срушено дури 20 рекорди - Ѓорѓи Чешмеџиевски, македонскиот рекордер во решавање Рубикови коцки, за Hastag.mk ги откри тајните на ова навистина интересно хоби.

# Какво е чувството е да си биде шампион на првиот Меѓународен натпревар во брзо решавање Рубикови коцки одржан во Македонија и тоа на само 8 години?

Одлично! На натпреварот ми беше прв пат да освојам прво место во мојата омилена категорија што се вика Skewb (скјуб).

# Раскажи ни нешто повеќе за овој натпревар на кој неодамна учествуваше, кој беше организатор и од каде идејата да се пријавиш?

Организатор на натпреварот беше еден батко Александар Арсовски, а татко ми му помагаше. Идејата да се пријавам ми дојде од другите држави кои направиле натпревари, само Македонија немаше ваков натпревар. По натпреварот во Македонија имаше еден натпревар и во Косово и таму учествував. Исто така учествував и на натпреварите и во Бугарија и во Албанија.

# Реткост е деца на твоја возраст да имаат толкаво трпение и да држат во рака нешто што не е мобилен телефон или таблет и „нема Интернет“, па од каде љубовта кај тебе кон Рубиковата коцка?

Ха-ха- ха! Љубовта е дека таа се врти и се врти и се врти...и дека ти дава притисок. Им дава притисок на тие што не знаат да ја местат. Мене не ми дава притисок - ми дава мотивација.

# Ќе им откриеш ли на оние што не знаат, колку секунди ти се потребни за да ја наместиш коцката?

Ми требаат 12 секунди за 3х3 коцка, за скјуб 2.89 секунди, за 2х2 е 2.2 секунди, за 4х4 ми е 53 секунди, а за пирамида 4.25 секунди. Во скјуб сум рекордер во Македонија...јеееее....

# На колку натпревари си учествувал досега и што сè си освоил?

Сум учествуввал на многу натпревари, во Албанија, два пати во Бугарија, во Македонија и во Косово. Сум освоил три златни медали и еден сребрен, а сум срушил ехеј дури 20 македонски рекорди. Тоа е многу, знаеш нели...

#Имаш ли трема пред натпреварите?

Не знам ама мислам не...ха-ха-ха!

# Што правиш во слободно време, се занимаваш ли со нешто друго освен со местењето Рубикова коцка?

Во слободно време одам на карате во клубот „Кизаме“, понекогаш на пливање и член сум во Извидничкиот одред „Методи Митевски – Брицо“.

# Колку време во текот на денот ја држиш во раце Рубиковата коцка?

Па, сигурно по еден час, час и половина, а некогаш и по два.

# Како реагираат твоите другарчиња на тоа дека ти имаш малку поинаква занимација од нивната, наместо мобилен телефон или таблет во рацете држиш коцка?

Другарите ме прашуваат како може една коцка да биде спорт ,ха-ха-ха, инаку сите мои другари многу се вљубени во ајфон икс ес.

# Кое одделение си и каде учиш?

Јас сум трето одделение во училиштето „Кузман Јосифовски - Питу“ во Скопје.

# Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?

Сакам да бидам кјубер и учител по карате.

# Имаш ли некој совет за оние што сакаат да научат како да решаваат Рубикови коцки?

Сакам на сите деца да им кажам дека ако сакаат може да научат да местат Рубикови коцки, и дека може да бараат видеа на youtube. На почеток ако се лутиш и не ти оди можеш да ја оставиш коцката на некој ден и потоа пак да се обидеш и тогаш сигурно ќе ти оди добро.

Б.М.

Објавена во: Интервјуа, Таленти

Можеби ќе ве интересира: