Горда сум што успеав со медалот да докажам дека како девојче имам подеднакво право да бидам успешна на вакви натпревари: Ања Спасовска за успехот на Меѓународната олимпијада по Хемија
Ања Спасовска е 18-годишна матурантка од Куманово. Ученик е во СОУ „Гоце Делчев во Куманово, а со посебна љубов и внимание ја изучува хемијата. Таа досега има учествувано на многу натпреварувања по хемија, на кои има освојувано многу награди и признанија. Моментално, таа е првата средношколка од Македонија која освои медал на Меѓународната олимпијада по Хемија.
Хемијата ѝ бил омилен предмет уште во основно училиште и уште тогаш длабоко навлегувала во оваа наука, со тоа што читала од стари учебници по хемија или на Интернет различни теми во кои е вклучена хемијата.
„Лично хемијата како предмет уште од основно училиште ми беше еден од омилените и со нетрпение го очекував секој нареден час. Секогаш кога имав слободно време во текот на школувањето сè до започнување на гимназиското образование, обично читав или од стари учебници по хемија или од интернет на најразлични теми во кои е вклучена оваа наука, но тоа беше само „детско хоби“. Дојде моментот кога во прва година средно бев малку преокупирана со натпревари по математика, физика и хемија и добив совет од еден од моите тогашни професори да одберам една наука и да се фокусирам на неа. Изборот ми беше несомнено лесен и тогаш сфатив дека хемијата е мојата најголема љубов и она со што сакам да се занимавам цел живот.“
На натпревари по хемија почнала да оди уште во осмо одделение, кога и почнала да ја изучува оваа наука.
„Во нашиот образовен систем со изучување на хемијата започнуваме од осмо одделение, а тогаш започнуваат и натпреварите по хемија. Јас уште тогаш се пријавив да учествувам на натпреварот, но единствената цел ми беше да научам малку повеќе од она што го работевме на часовите во училиште.“
Како што веќе кажавме, Ања има учествувано на многу натпревари како по математика, така и по хемија. Од сите освоени награди и признанија, најгорда е онаа последната – бронзениот медал на ICho 2022.
„Имам учествувано и на натпревари по математика уште од седмо одделение сé до минатата година воедно имам и освојувано награди на истите. Во прва година учествував на државниот натпревар по физика, но тоа беше само лично тестирање да согледам дали сакам да продолжам со хемијата или физиката. Инаку имам завршено и нижо музичко образование паралелно со основното училиште каде што учев свирење на пијано. Имам бројни награди на државно и меѓународно ниво од областа на пијано, но и во камерна музика ( во оваа категорија имам освоено најмногу први награди, а и навистина уживав да соработувам со моите соученици кои свиреа на други инструменти). Секако, имам награди и од натпреварите по хемија, а најгорда сум на последната – бронзениот медал на IChO 2022.“
За натпреварот на кој ја освои наградата на која е најгорда, откри дека се подготвувала многу долго, уште од втора година средно образование.
„Подготвувањето за натпревари од вакво ниво најчесто трае со години. Во мојот случај, во втора година успеав да влезам во десетте избрани за подготовки за олимпијадите што ги организираа професорите од хемискиот факултет кај нас. На тие предавања прв пат се соочив со малку потешки теми од оние кои ги работевме на училиште и сакам да напоменам дека воопшто не ми беше лесно на самиот почеток, но никогаш не се откажав. Наредната година успеав да влезам во тимот и бев дел од IChO 2021. Бев, но и сé уште сум многу благодарна што ја имав таа можност и чест да бидам дел од минатогодишната олимпијада. Целиот летен распуст пред да тргнам во трета година работев на подобрување на моите знаења од различни области од хемијата. Исто така секој зимски распуст го поминував учејќи хемија. Со еден збор, секој слободен момент го користев да научам нешто ново или да решам некоја задача, но во ниту еден момент сето ова не ми претставуваше потешкотија. Како за крај на моето средношколско образование добив бронзен медал, но стојам цврсто на ставот дека ова мое постигнување ќе беше скоро невозможно без изминатите две години поминати во подготовки.“
Таа не очекувала да ја освои оваа висока награда, и истакна дека главна цел ѝ било да ѝ биде забавно и интересно додека ги решавала проблемите на денот кога се натпреварувала.
„Искрено, не. Оваа година покрај олимпијадата се спремав и за полагање на матурата, па скоро 2 месеци „ги потрошив“на учење и повторување за предметите што ги полагав и ставив поголем фокус на истата за да имам поголеми шанси за запишување на факултет. По завршување на матурските испити, почнав да се спремам за олимпијадата (тогаш имаше помалку од месец дена до отворањето), но беше многу порелаксирано за разлика од минатата година бидејќи до некаде ме фати мала носталгија дека ми е последна година и се трудев да уживам највеќе што можам во целиот процес. Затоа главната цел ми беше да ми биде забавно и интересно додека ги решавав проблемите на натпреварувачкиот ден и не тргнав со мислата дека сето ова го правам за да освојам медал. Секако, многу сум среќна дека на крајот и си ја исполнив личната цел, но и се стекнав со награда.“
Ања не ја криеше својата благодарност до професорите од средното училиште во кое учи, како и на родителите и пријателите, кои воедно ѝ се најголема поддршка додека се подготвува за натпреварите.
„Најголема поддршка во текот на целиот мој живот се моите родители, вклучувајќи ги и периодите кога се подготвувам за натпревари. Но, имам огромна поддршка од професорите од моето средно училиште, како и од моите пријатели и бескрајно сум благодарна за секој од нив. Секој од професорите кои ми предаваа во текот на изминатите четири години имаше разбирање во тој поглед, некои дури во периодите кога имав најмногу обврски ме ослободуваа од тестови и ми дозволуваа да ги правам подоцна.“
Иако порано сакала да се занимава со музика, сега единствена професија во која се пронаоѓа дефинитивно е онаа во која е вклучена хемијата.
„Моментално навистина нема ниту една друга професија со која би сакала да се занимавам и верувам дека така ќе остане до крајот на мојот живот. Порано, додека одев на часови по пијано, сакав да станам музичар, но од оваа перспектива мојата љубов кон хемијата и науката воопшто не може да се спореди со љубовта кон музиката.“
Своето образование планира да го продолжи на универзитет во Љубљана, Словенија, а желбата за студирање во друга држава ја имала уште од мала.
„Планирам образованието да го продолжам на универзитетот во Љубљана, Словенија, на факултетот за хемија и хемиска технологија. Што се однесува на тоа како ја донесов одлуката, уште од мала сонував да студирам во друга држава, да видам како ќе се снајдам во нова средина, малку подалеку од мојот роден крај и сметам дека Словенија е доволно блиску, но истовремено и доволно далеку. Исто така многу сакам да патувам и тоа беше уште еден фактор кој влијаеше на мојата одлука.“
Музиката од професија за која мечтаела ѝ преминала во хоби, па така сега главно хоби ѝ е свирењето гитара.
„Музиката од потенцијална професија ми премина во хоби. По завршување на нижото музичко образование, почнав самостојно да учам да свирам на гитара и моментално тоа ми е главното хоби. Често возам велосипед бидејќи ми овозможува да уживам во природата на Куманово.“
Оваа млада и надежна девојка, за 10 години вели дека ќе биде доктор по хемиски науки и активно ќе работи на остварувањето на своите желби.
„Моите две големи желби во поглед на тоа во која насока би сакала да ми оди кариерата се: да бидам професор на факултет и да имам свој истражувачки тим. За 10 години јас веќе ќе бидам доктор по хемиски науки и би сакала да бидам во процесот на остварување на овие мои желби.“
За крај, Ања испрати порака до сите млади тинејџерки, преку која сака да им го привлече вниманието и да посочи на тоа што е многу мал бројот на девојки кои одат на натпревари по хемија, а со самото тоа да ги охрабри да се пријавуваат и да покажат дека може да бидат подеднакво успешни како и момчињата.
„Она што посебно сакам да го додадам е кратка порака до децата, а особено до девојчињата кои ги интересира било која област од науката. Подготвувајќи се за олимпијадите, забележав дека има „дефицит“ од девојчиња кои учествуваат на вакви натпревари. На пример: минатата година гледајќи го отворањето на олимпијадата каде се претставуваат сите држави со своите учесници, имаше голем дел од тимовите каде сите преставници беа машки. Покрај ова, лично имам случај кога се соочив со постаро лице и нејзиниот став дека „математиката и хемијата се машки предмети и јас немам доволно капацитет да се занимавам со истите“. Целта на ова мое излагање не е со никаква лоша намера, туку сакам да го свртам вниманието повеќе кон освестување на професорите, но и општеството воопшто кон поттикнување на девојчињата да се занимаваат со науката и да пробаме да ја отстраниме стигмата која за жал сé уште нé кочи дека науката не е за сите. Затоа сум особено горда што успеав со медалот да докажам дека јас како девојче имам подеднакво право да бидам успешна на вакви натпревари и се надевам дека ќе служам како поттик за останатите дека сé е можно со труд и упорност.“
И. Мисајловска