ГРАТИС ВО ПАКУВАЊЕТО ИЛИ ОДРЖУВАЊЕ НА ЦЕНИТЕ НА ИСТО НИВО – Како компаниите се справуваат со трошоците и потребите на граѓаните
Поголеми пакувања, замрзнати цени, плати два земи три производи, дополнително количество гратис во пакувањата, но и држење на цените на минимумот се мерките кои ги преземаат компаниите изминатиов период со цел да им излезат во пресрет на граѓаните во екот на една од најголемите кризи.
Растот на цените на производите наметнат најмногу од растот на цените на енергенсите, но и општиот раст на цените и на влезните трошоци доведоа до зголемување на скоро сите цени на производи во малопродажба.
Граѓаните се особено загрижени поради растот на цените, но истата загриженост ја делат и компаниите кои поради драстичното поскапување најмногу на струјата работат со минимална заработка и се обидуваат да опстојат во овие турбулентни времиња. И покрај бројните проблеми со кои се соочуваат компаниите на терен се забележува дека дел од компаниите се обидуваат да им помогнат на граѓаните преку разни пакети.
Еден таков пример е компанијата „Бимилк“ која деновиве во продажба ги пушти своите производи во поголеми пакувања, но со исти цени.
„Ова е период кога компаниите треба да ја покажат својата вистинска функција и да излезат во пресрет на сегашните потребите на граѓаните. Кризата ја чувствуваме сите и затоа потребни се решенија за сите. Како најголем производител на млеко и млечни производи, свесни сме и знаеме за секојдневните потреби на граѓаните и колку е опадната куповната моќ. Нашите производи се дел од секојдневната исхрана и знаеме колку е значајно намалувањето на цените, што го направивме во два наврати досега и зголемувањето на грамажата на најкупуваните производи, со сегашната кампања. Секој денар е важен, а ова се времиња кога тоа особено значи. Токму затоа оваа кампања има за цел да ја покаже нашата благодарност кон верните потрошувачи и нивната лојалност“, истакнува Полексена Јанкуловска, регионален маркетинг менаџер на „Бимилк“.
Бизнисмените за Фактор потенцираат дека ова е видно турбулентен период кој не им остава многу простор за пакет мерки, но сепак, онаму каде се може не отфрлаат разни пакети за помош на граѓаните, сепак, потенцираат дека трошците се екстремно зголемени.
„Нашиот главен продукт, јајцата досега имаа замрзнати цени, и тие ќе гледаме да останат исти и по завршувањето на одлуката на Владата за замрзнување. Трошоците се многу високи, како за струја, така и останатите влезни трошоци, но ние не се буневме против мерката на Владата бидејќи сме свесни дека мора да им помогнеме на граѓаните. Ќе се трудиме тие цени да останат исти, освен ако не се случи да има значителен раст на влезните трошоци“, вели сопственикот на компанијата „Везе Шари“, Арбен Абдурахмани.
Тој за Фактор појаснува дека доколку покрај замрзнувањето на цената на јајцата, ако немало и одлука за пласман на производи во иста количина имало опасност од недостиг на јајца на пазарот, бидејќи во соседството има голем недостиг на јајца и голем дел ќе биле извезени.
Дел од бизнисмените кои ги консултиравме потенцират дека можностите за посебни пакети за помош на граѓаните им се минимални бидејќи имаат ограничени маржи, и работат со минимална заработка. Сепак, истакнуваат дека се прави се цените да се одржат на минимално ниво во однос на влезните трошоци.
Петранка Огнаноска