(ХЕРОЈ НА ГОДИНАТА) Марко Пејчиноски: Со нарушено здравје го преплива Охридското езеро

(ХЕРОЈ НА ГОДИНАТА) Марко Пејчиноски: Со нарушено здравје го преплива Охридското езеро

Тие се меѓу нас, наши соседи, пријатели, роднини. Исти сме. Сепак тие се своевидни херои на денешницата. Во годината што измина многумина ги пробудија нашите емоции, ни предизвикаа радост, тага, солзи. Со нивните дела не инспирираа до срж. За Фактор, Женски магазин и Хаштаг тие се херои на годината. 

Еден од нив е дванаесетгодишниот Марко Пејчиноски од Охрид. Тој на празникот Голема Богородица го преплива Охридското езеро. И покрај здравствените проблеми, некроза на коска на долните екстремитети, ништо не го спречи да си го оствари сонот. Марко помина осум часа во езерото, кое го преплива од Свети Наум до градското пристаниште. Младиот херој беше пречекан од голем број сограѓани и стана пример за упорност и неизмерна желба за постигнување на саканата цел. За Женски магазин ,Марко изјави дека повторно би се нафатил на истиот предизвик.

„ Кога почнав да пливам водата беше многу студена. Но, ниту еден момент не помислив да се откажам. Додека пливав ми студеше и си мислев како да си олеснам. Си реков дека како што пливам, ќе ми станува сѐ потопло и потопло. Така и беше“, ни изјави храбриот пливач. 

И покрај здравствените проблеми, некроза на еден дел на коската од ногата кој му ја забавува моториката, тој тргна од Свети Наум тргна во 9.20 часот, а на охридското пристаниште, по испливани околу 25 километри, стаса во 18.20. 

„Ногата не ме болеше. Не сакав воопшто да излегувам од вода и да правам пуаза. Кога огладнев, сакав да јадам во вода, но можев од брановите. Само тогаш, влегов во кајче на една минута, набрзина јадев и се вратив во езеро“, ни раскажа Марко. Главниот мотив за неговиот ентузијазам вели дека му го дал татко му, Тони.

„Јас сакав да се пријавам на маратонот, но за жал, ја немам брзината поради проблемите со ногата. Затоа, кога татко ми ме праша: дали сакаш да го препливаш езерото, јас веднаш му кажав: Да ,сакам“, додаде Марко. 

Еден ден по подвигот, и покрај големиот пречек на охридскиот кеј, Марко помина  сосема обичен со неговите другари од седмо одделение од основното училиште „Григор Прличев“.  „Бев да се видам со другарите од училиште, ми недостигаа. Сите ми рекоа: Браво, алал да ти е. Тие многу ме поддржуваат“, додаде Марко.

Пред да го преплива езерото, тој се подготвуваше со интензивни тренинзи. Марко продолжува со исто темпо и со плановите за својата следна пливачка цел. 

Милица Џаровска 

Фото: А. Момироска- „Охрид њуз“


Можеби ќе ве интересира: