https://maskimagazin.faktor.mk/realizirani-200-besplatni-dermoskopski-pregledi-na-benki-so-mole-max-hd
По повод месецот посветен на подигнување на свеста кај пациентите за рано откривање на рак на кожата, меланом, во Клиничка болница „Аџибадем Систина“, 9. година по ред успешно се организираат и реализираат 200 бесплатни дермоскопски прегледи на бенки.
Во Kлиничката болница „Аџибадем Систина“ овие прегледи се прават со најсовремена техника на дигитална дермоскопија Mole max HD, со која се овозможува мапинг/бележење на локализацијата на бенката, следење/компарација слика во слика, дигитално архивирање. Проф. д-р Андреј Петров, специјалист по дерматовенерологија, вели дека на овој начин се следи секоја промена на бенката.
„Употребата на методата дермоскопија, со која се проверуваат бенки и други промени на кожата, за 60% го подобри раното откривање на некои типови рак на кожата. Многу е важно ракот на кожа да се детектира во рана фаза, бидејќи ако се открие навреме, големи се шансите да се постигне добар резултат на излекување и преживување. Нашата акција има за цел подигнување на здравствената култура кај пациентите, за еднаш годишно да прават редовни дермоскопски прегледи, а ме радува фактот што од година во година расте бројот на заинтересирани пациенти за бесплатните дермоскопски прегледи што годинава беше мотив двојно да го зголемиме нивниот број“, вели проф. д-р Петров.
Самопрегледите се исто така важен дел од раното откривање и дијагностицирање на ракот на кожа. Д-р Петров вели дека темелен самопреглед може да се направи со примена на таканареченото АBCDE-правило за бенки, кое е акроним од англиските зборови кои покажуваат промена на формата, рабовите на бенката, бојата, големината или нејзина трансформација со текот на времето. Доколкусе забележикаквабилопромена кај постојна бенка која се менува, почнува да расте или да крвави или, пак, појава на нова „бенка”, треба да се консултиратесо специјалист дерматовенеролог.
Оваа акција, која има превентивен карактер, традиционално се одбележува на Одделот за дерматовенерологија во Клиничка болница „Аџибадем Систина“, со цел алармирање за опасноста од појава на најопасниот рак на кожата, како дел од меѓународната кампања „Евромеланома“, која има за цел подигање на свеста за ракот на кожата и промовирање на практиката за рано откривање.