„И Петар Пан порасна, а во нашава Недојдија само политичарите одбиваат да созреат“: Бисера Шегмановиќ

„И Петар Пан порасна, а во нашава Недојдија само политичарите одбиваат да созреат“: Бисера Шегмановиќ

Објавена во: Совети // School zone

Училиштата се затворени, вклучувајќи ги и сите настани кои се одржуваат во нив. Онлајн наставата е во полн ек, а учениците, професорите и родителите полека се привикнуваат на овој нов момент.

Целата оваа ситуација не го спречи ораторскиот клуб на СЕПУГС „Васил Антевски - Дрен“, „Гарда на мудроста“ да ја откаже својата традиционална ораторска вечер. Оваа година таа го прослави своето полнолетсво и истата се одржа по електронски пат.

Учениците се натпреваруваа со своите аудио говори, а истите беа пратени до комислијата составена од членови на Клубот на оратори на Правниот факултет. Најуспешна помеѓу сите пријавени беше Бисера Шегмановиќ, која е ученик во 4 - та година во ова училиште. Говорот со кој го освои првото место може да го прочитате во продолжение.

„Добредојдовте во Недојдија, но не онаа на Петар Пан, туку оваа нашава, Македонија, ова де Северна. Во оваа нашава Недојдија на репертоарот се прикажуваат најразлични филмови. Кој од кој покомичен, кој од кој потрагичен. Ако сте странски турист тогаш филмот ќе ви измами широка насмевка, но ако по државјантство сте македонец коса црта граѓанин на Република Северна Македонија тогаш прогнозата е  дека ќе пуштите по некоја солза. Вашите солзи ќе бидат анализирани од страна на нашите врвни аналитичари. Тие ќе одредат дали солзите потекнуваат од црвените лавови или сините рози, дали можеби се поради тоа што не сте можеле да го истуркате месецот, сте изгубиле судски спор поради тоа што нечиј џеб бил подлабок од вашиот или социјаното не ви е доволно да ги врзете краевите. Можеби го чекате месијата да се врати од Будимпешта, да Ве спаси Вас и  вашата држава или пак сте нестрпливи зајакот да оствари уште неколку телефонски повици со странски комичари, ова де политичари, со цел да влеземе во европското семејство.

Европската унија пак е приказна за себе. Таа веќе имаше спремено црвена лента и ножички поставени на свилено перниче. Арно ама, француската професорка не сака да сече ленти. А режисерите на оваа претстава ни подметнаа тапи ножички. Ние, ни ваму ни таму, ни лево ни десно, 30 години си се вртиме во круг како што земјата се врти околу сонцето, како што лудо куче трча по својот опаш, надевајќи се дека ќе го фати. На кучето по толку трчање ќе му здодее, ќе се измори, ќе сфати што прави, ама не и ние. Ние си остануваме доследни на нашиот круг, а тој се состои од редовни предвремени избори, истите политичари на  кои со текот на времето им белее косата, но не им поминува рокот на траење. А ние како во индиска серија едвај чекаме да ги замени друг. Тие пак нестрпливо чекаат кругот да се доближи  до нив, да ги заземат фотељите на претходниве, да профитираат што побргу додека нивниот ред не заврши, со тешко срце да го предадат водството на кругот на опозициските и пак да си го чекаат својт ред. 

Одвреме навреме во кругот се појавуваат и пм 10 честички, протести за воздух, и тоа најчесто во зима, ама ништо страшно, државата веднаш превзема мерки и го решава проблемот. Ќе се увезе италијански отпад, пола ден ќе има бесплатно возење во ЈСП, а препораката „граѓаните да не излегуваат од своите  домови ако немаат потреба“ која кружи по телевизиските канали е најважна. 

Но овој круг не е толку црн, добро можеби личи на некоја црна дупка, ама има и свои светли моменти. Владата, сегашната, претходната, а и идната од петни жили се потрудија да го искоренат засекогаш феноменот каде народот едвај сврзува крај со крај. Секако, затоа превземаат безброј ефективни техники за подобрување на животниот стандард. Еве на пример МојДДВ. Си скенираш фискални и оп стануваш богат. Збогум сиромаштијо. 

Сепак, најважната улога во оваа наша Недојдија ја одиграа К.Ј. и Б13. Сценариото по кое тие играа беше напишано од страна на нашите врвни сценаристи, кои пак се едни од најоригиналните луѓе на нашиве простори. Од нив потекнуваат многу идеи, како на пример  пораката на Атиџе од Медена земја „пола за мене, пола за пчелите“. Во својата оригинална форма постоела уште пред повеќе години, а истата е дело на елитната македонска политичка гарнитура и гласела „пола за мене, пола за моите“.

Ех драги мои, и Петар Пан порасна, а во нашава Недојдија само политичарите одбиваат да созреат. Продолжуваат да не изигруваат со детски игри, но не било какви, туку опасни. Не разделија, не отуѓија, зло  ни нанесоа, еден со друг не сакаме да се видиме, брат со брат очи си вадиме, гробови си копаме, живи се погребавме. Ама не е доцна, не е доцна да се промениме. Мршојадците на власт ние ги донесовме, силата ние им ја дадовме. Ајде да им ја покажеме границата, да им докажеме дека од нас зависат, дека ние сме едно и дека нема да можат да не разделат и скараат. Тие нека си подразмислат, а нам ни останува само едно, да пробаме да ги отплатиме гревовоте што ги сторивме. А ти Боже прости ни, не знаевме што правиме.“

Доколку овој говор ви се допадна, во продолжение може да го прочитате и нејзиниот минатогодишен говор.

Објавена во: Совети // School zone

Можеби ќе ве интересира: