БИСЕРА ШЕГМАНОВИЌ: „Се срамам да кажам дека живеам во држава каде што образованието полека, но сигурно се спушта се подолу“!

БИСЕРА ШЕГМАНОВИЌ: „Се срамам да кажам дека живеам во држава каде што образованието полека, но сигурно се спушта се подолу“!

Објавена во: Таленти, Сакам да читам

Бисера Шегмановиќ е уште една во низата успешни и талентирани средношколци, која освен ораторството, го негува и дебатирањето, за што ни откри во интервјуто кое го направивме со неа. И, таа беше дел од учесниците на ораторската вечер која ја организираше Клубот на оратори „Гарда на мудроста“, при СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“.

Со јасна порака, директна и преку одлични примери, Бисера се обиде да допре до сите присутни и да ја покаже важноста на образованието. Во продолжение прочитајте го нејзиниот говор, кој со сигурност ќе ве поттикне да размислите, како што ги поттикна сите што присуствуваа на ораторската вечер.

„Образованиетo - пасош за иднината

Некогаш порано образованието било пасош за иднината, но како и секогаш работите се менуваат. Во денешно време изгледа тој пасош е со истечен рок. Државата ни издава нов, но тој повеќе не се нарекува образование. И пасошот за иднината го смени своето име, па сега се нарекува партиска книшка.

Еднаш прочитав една изрека која вели:“Ако сакаш да уништиш држава, уништи го образованието.” Но чекајте, зарем нам ни остана нешто што во оваа држава може да се уништи. Останавме само ние, наводно високо интелигентни, но сепак заедница со племенски менталитет која политичарите ја користат исклучиво како гласачко тело, и тоа одвреме на време, кога имаат потреба.

Неандерталецот евоуирал. Станал современ граѓанин во цивилизираниот свет. Тој денес живее во 21от век, во ерата на наука и технологија. Но за жал се уште не успеал да ги искорени ставовите и мислењата на пештерските луѓе. Се шета наоколу мавтајќи со пасошот за иднината кој може да биде во сина или црвена боја, со ружа или лавче, горд на себеси што без труд и мака успеал да добие престижна функција во јавната администрација. Важно е дека тој има работа, а образованието само по себе ќе дојде. Дипломата за него претставува лист хартија со која може да ја докаже својата вредност, своите интелектуални способности, но никако немојте да се осмелите да започнете дебата со него, бидејќи само ќе се насмевне и ќе ви покаже дека не сте достојни да разговарате со него. Но тоа не е затоа што вие немате познавања, туку затоа што со тоа купено парче хартија му е полесно да го прикрие своето површно знаење, секако ако воопшто го има.

Нашиот образовен систем тоне. Пандорината кутија е веќе отворена, спој од незнаење, општа незаинтересираност, купување дипломи, заземање високо работно место со помош на партиски врски и многу други зла кои се меѓусебно испреплетени  се појавуваат како причинско – последична врска. Сето ова го обзема нашето општество како заразна болест.

Се срамам да кажам дека живеам во држава каде што образованието полека но сигурно се спушта се подолу и подолу на листата со важни работи, а корупцијата, непотизмот, говорот на омраза и секако незнаењето ги зазаемаат првите места. Жалам што нашиот лимитиран ум, што нашиот менталитет во светот во кој постои спектар на бои, може да ја види само црната и белата. Жалам што купената диплома, партиската книшка, бугарскиот пасош и летот во еден правец со Wizz air се единствениот пат што младите го гледаат пред себе.

Надежта последна умира, но треба да го фатиме последниот воз пред таа сосема да исчезне. Би било добро да го оживееме образованието, да му дозволиме на знаењето го исполни нашиот ум и да ја нахрани нашата душа. Ништо не не спречува да инвестираме во нас, во нашата едукација. Да престанеме да го бираме полесниот пат, бидејќи иако е послан со рози, полека но сигурно не носи до бездна. Да престанеме да вршиме злосторство врз нашите идни генерации скратувајќи ги од вистинското знаење, бидејќи казната е тешка, но еден ден сигурно ќе не стаса.“

Објавена во: Таленти, Сакам да читам

Можеби ќе ве интересира: