„Животот е дебата, сè друго е време за подготовка“: Интервју со Бисера Шегмановиќ
Дека средните училишта се полни со таленти, доказ е нашето следно интервју. Бисера Шегмановиќ е уште една во низата успешни ученици од СЕПУГС „Васил Антевски - Дрен“. Нејзините 17 години не се никаква пречка за таа да се посвети на неколку работи истовремено, а од оваа година е и заменик дете правобранител. Но, доколку ве интересира детално ќе мора да прочитате како Бисера одговори на нашите прашања, не грижете се нема да биде залудно!
# Ораторка, дебатерка, што друго може да се додаде во твојата биографија?
Покрај ораторството и дебатирањето постојат низа други работи со кои се занимавам во моето слободно време, а со гордост можам да кажам дека сум член на Младински образовен форум каде посетувам „Напреден учиме право клуб” и секако „Напреден дебатен клуб”. А исто така волонтирам на повеќето настани што се организираат од МОФ. Дел сум од повеќе училишни проекти како што е проектот „We are different, we are Europe all together” и проектот „Градиме мостови на Балканот”. Од оваа година ќе ја извршувам функцијата заменик дете правобранител во моето училиште СЕПУГС „Васил Антевски Дрен”.
# Како успеа да ја споиш љубовта кон ораторство и дебатирањето? Имаат ли тие некоја теоретска поврзаност?
Ораторството ми беше првата љубов, со него запливав во водите на јавното говорење, а веднаш потоа надојде тој огромен бран наречен „дебатирање” кој ме однесе на уште поубави и подалечни места. Ораторството е само еден мал дел од дебатата. Во ораторските говори се обидувам да ја импресионирам публиката со моите реторички вештини, а дебатата подлежи на многу спремање, истражување, креирање аргументи, развој на идеи и правење сеопфатни анализи, за на крај да дојде делот каде што сето ова ќе биде зачинето со еден вид „ораторски говор”.
# Се чини како да си понавлезена во дебатирањето, веќе предаваш и на млади луѓе кои прв пат се среќаат со оваа форма, колку време требаше да помине за да бидеш подготвена за ова?
Постои една мисла што дебатерите ја употребуваат, а таа гласи „Животот е дебата, се друго е време за подготовка”. Моментално сум асистент на почетнички дебатен клуб, каде што заедно со главниот предавач се обидуваме да го пренесеме нашето знаење на средношколци кои се почетници во дебата. А паралелно со предавањето, посетувам Напреден дебатен клуб каде што јас сум ставена во улога на „слушач”. Навлезена сум во дебатата повеќе од една година, успешно го завршив првото ниво, т.е. почетничкиот дебатен клуб, но не сметам дека сум доволно добро подготвена. Мислам дека има уште време додека да бидам вистински подготвена, но засега сум задоволна со текот на настаните.
# Кога се чувствуваш поубаво, кога го пренесуваш твоето знаење или пак кога твоето знаење го користиш за да го кажеш својот глас во некоја јавна дебата?
Чувството е преубаво и во двата случаја. Знаењето е богатство, тоа го прави секој човек помоќен, посилен и посигурен. Пренесувањето на знаењето кое го имаме стекнато, според мене е најблагородното нешто што можеме да му го оставиме на овој свет. А од друга страна користењето на истото во некоја јавна дебата придонесува за развој на личните способности и проширување на гледиштата.
# Од каде веќе изграден дебатер, црпи инспирација за ораторските говори? Која е твоја омилена тема за која сакаш да говориш?
Инспирацијата е насекаде околу нас. Таа не опкружува, излегува од секоја пора на општеството, само треба да ги отвориме широко нашите зеници и да ги впиеме сите нејзини нијанси. Не можам да се пофалам со големи вештини за пишување, но најчесто инспирација за мене се општествените проблеми. Пишувам критички текстви полни со бес и гнев, а се помалку текстови со лирски елементи. Можеби влијанието доаѓа од денешното општество во кое сите ние живееме, од незадоволството, дискриминацијата, предрасудите и стереотипите кои се шират како пиреј во нашите животи. Но, едно е сигурно, до крајот ќе останам поборник за правда и на секој можен начин ќе се спротивставувам на проблемите кои му пркосат на бурното време во кое живееме.
# Иако си млада, можеш ли да издвоиш еден успех, на кој си посебно горда?
Можеби ќе звучи нескромно, но горда сум на сите мои успеси, а како најголеми ќе ги издвојам победата на Ораторската вечер во втора година од моето образование и победата на Националното дебатно првенство за почетници истата година. Иако требаше да издвојам само еден успех, како иден правник се обидов овие два успеха да ги ставам на вага, но страните се еднакви. Некако овие две работи за мене се неразделни.
# Моментално си 3 - та година во СЕПУГС Васил Антевски Дрен. Колку училиштето ти помогна во остварувањето како дебатер и оратор?
Училиштето заедно со Младински образовен форум ги сметам за мој втор дом. Успесите кои ги имам постигнато, личниот развој, вештините со кои се здобив и целокупното мое остварување како дебатер, оратор а пред се како личност се благодарејќи на овие две институции. Тие се еден вид на основна клетка во мојот организам. Професорите и членовите на МОФ за мене претставуваат движечка сила и мотив да продолжам понатаму. Морам да кажам дека бескрајно сум им благодарна на овие две институции.
# Сега имаш 17 години, каде се гледаш за 10 години? Ќе се одлучиш ли за една професија или сè уште ќе бидеш присутна насекаде?
Го сакам правото, и имам голема желба во иднина да бидам правник. Себеси се гледам како адвокат или јавен обвинител. Но од друга страна, мислам дека мојот нескротлив дух и темперамент, мојата голема амбиција и ентузијазмот кој го поседувам ќе ме тераат да бидам присутна насекаде. Тоа е нешто што не зависи од мене, горенаведените фактори се виновниците зошто јас сум постојано во „акција”.
Ивана Мисајловска