Игор Стефановски – Иџе: Зад воланот седнав на 7 годишна возраст

Игор Стефановски – Иџе: Зад воланот седнав на 7 годишна возраст

Миленик на младата генерација, особено на оние кои ги сакаат брзите автомобили и трките, позитивен, непосреден и успешен, а на тркачката патека - недостижен, Игор Стефановски - Иџе за Hashtag.mk открива каков бил како тинејџер, кој биле неговите први успеси и со која брзина се стига до европскиот врв...

# Од каде и кога се роди љубовта кон брзината и автомобилите?

Самото место на живеење, верувам дека го предодреди спортот со кој ќе се занимавам. Имено, живеев многу блиску до стартот на тркачката патека на Водно и од најрана возраст го слушав звукот на автомобилите. Од како памтам за себе,ги сакам автомобилите и брзото возење.

# Се сеќаваш ли кога за прв пат седна зад воланот?

Моето прво искуство со воланот е на моја 7 годишна возраст со картинг.

# Знаеше ли како тинејџер од дома да ги ,,украдеш’’клучевите од автомобилот и да возиш брзо низ градските улици?

Како и  на секое машко дете, така и мене знаеше да ми се случи тоа. Кога ја имаш желбата за возење, нормално е и тоа да се случи во тие незрели години.

# Кој беше првиот тркачки автомобил што го возеше?

Првиот  тркачки автомобил беше Југо и би рекол дека кај нас секој тркач ја започнал својата кариера или со Фиќо или со Југо.

# Се сеќаваш ли на твојата прва трка?

Секако дека се сеќавам, тоа беше кружната трка Скопје во 2002 година, која е навистина длабоко врежана во мене и никогаш нема да ја заборавам.

# Со која брзина се стига до европскиот врв?

Секој успех е воедно и тежок и убав. За да се стигне до европскиот врв потребно е одрекнување од многу работи, напорни тренинзи, техничка подготвеност на возилото, психичка смиреност и секако концентрација на високо ниво. Но кога ќе се постигне она што сте си го зацртале, неописливо е чувството на задоволство и радост на самиот себе и секако на фановите.

# Со години наназад си еден од најдобрите, собра бројни титули и пехари, која победа ти е најдрага?

Најдрага победа ми е трката во Имола-Италија 2016 година, на која си докажав и на себе и на другите дека со конкурентно возило и секако вештината која ја поседувам може да се стигне до победа.

# Имаш ли некои ритуали што ги правиш кога ќе седнеш зад воланот пред некоја трка?

Имам ритуал кој го правам пред почетокот на секоја трка, но не би го откривал тоа.

# За овој спорт се потребни многу среќа и вештина, но колку се потребни талентот, вложувањето и напорното работење?

Да би рекол дека среќата и вештината се клучни, но сепак тука би ги навел, и перформансите на возилото и многу други фактори поврзани со возилото и патеката на која се вози. Талентот или го имаш или го немаш, но постојат уште многу фактори кои се од огромно значење за успешна трка.

# Ова е спорт исполнет со адреналин, забавен е, но знае да биде и опасен, па ти се случила ли досега некоја незгода?

Во автомобилизмот секогаш се надоградуваме со интересни искуства, понекогаш убави, но и неубави случки. Не би ја заборавил незгодата која ја имав на првата трка оваа година на патеката Пол Рикард во Франција на која имав излетување со моето возило Хјундаи кое се здоби со сериозни оштетувања, но за  среќа јас немав никаква повреда.

# Кој е твојот автомобил од соништата?

Тоа е тешко прашање, но сепак би кажал дека би сакал да ги пробам сите дисциплини во автомобилскиот спорт, без разлика за кое возило се работи и се разбира во некое од светските шампионати.

# Во твојата виртуелна академија за тркачи постојано се среќаваш со млади луѓе што го сакаат овој спорт, па има ли во Македонија таленти што би го нследиле Иџе?

Академијата е направена со цел симулаторите да им бидат првиот контакт со возење на младите талентирани луѓе, како тие би продолжиле со картинг и на крајот со тркачки автомобили. И да, има многу млади луѓе кои го сакаат овој спорт и сакаат да се занимаваат со него, а јас ќе бидам тука за нив да им помогнам и да им го пренесам моето искуство од трките.

# Од кого ја добиваш најголемата поддршка?

Се разбира дека без поддршка од моето семејство не би бил онаму каде што сум сега и благодарен сум им за тоа, а најголеми фанови ми се моите деца Олег и Нина кои ме бодрат на секоја моја трка ,без разлика дали се со мене или ме гледаат од дома.

# Која патека е твој следен предизвик?

Секоја патека си е интересна на свој начин, некоја полесна, некоја потешка, но сепак би рекол дека секоја нова патека која не сум ја возел досега би била мој иден предизвик.

# Кои се твоите идни планови?

Сè уште е рано да кажам кои би биле моите планови за наредна сезона, бидејќи сè уште сме во размислување со кое возило би настапиле, кој шампионат би го возеле и на крајот би рекол дека се ќе зависи од буџетот со кој ќе располагаме наредната сезона.


# Како професионалец, што ти пречи најмногу кога ќе седнеш зад воланот низ градскиот метеж?

Нетолерантноста, агресивното возење  и непочитување на основните законски прописи. Потребно ни е на сите да сфатиме дека возилото е само превозно средство и ништо повеќе.

# Кој е твојот совет до сите тинејџери што сонуваат брзи автомобили, трки и адреналин?

Советот кој би им го дал на сите млади кои што сакаат да се занимаваат со овој спорт и оние кои го сакаат брзото возење и адреналинот е тоа да го прават на тркачките патеки и да не се откажуваат од своите соништа, упорноста и издржливоста секогаш се исплатат.

Б.М.

Фото: Facebook

Можеби ќе ве интересира: