Има само 5 години: Малите уметнички дела од пластелин на Борјан ќе ве остават без зборови!

Има само 5 години:  Малите уметнички дела од пластелин на Борјан ќе ве остават без зборови!

Борјан Томески има само 5 години и прави мали уметнички дела со пластелин.  Анимираните детски филмови му се помеѓу омилените активности, но она што посебно му го привлекува вниманието се видеа на YouTube во кои се изучуваат боите, формите, техниките на цртање, но најмногу начинот на изработка со пластелин.

Неговата мајка вели дека е весело и љуботно момче. „Ние, неговите родители, бевме пријатно изненадени кога увидовме дека тој веќе на три години умее сам да направи фигура од пластелин која најчесто е некое животно, затоа што тој ги обожава животните.“ – додава таа.

Најголема испирација му се птиците, а имињата и посебните видови на истите ги знае и на англиски јазик. Самоук е и често поминува неколку часови, работејќи со пластелин. „Посебно ни беа интересни фигурите кои ги изработува со минимални димензии и истите сакавме да ги фотографираме, но бидејќи се минималистички тешко можевме да го доловиме ефектот преку слика со обичен смарт телефон. Фигурите ги чуваме на посебно место, кое тој сам си го нарече ‘Моја изложба’.“– раскажува Марија, мајката на ова талентирано момче.

Талентот на Борјан не останал незабележен ни од најблиските роднини и пријатели на семејството Томески, кои со неверување им се воодушевуваат на фигурите кои ги изработува малиот генијалец. Воспитувачките и негувателките од градинката исто така брзо го препознале неговиот талент, а од почетокот на оваа година, Борјан започнал да посетува и курс за визуелна и ликовна уметност во просториите на Детскиот креативен центар при МКЦ.

Неговите родители искрено се надеваат дека преку овој курс Борјан ќе ја продлабочи и развие неговата вештина за изработување на фигури од пластелин, а нашата редакција му посакува многу успеси на овој млад и талентиран генијалец и секако многу големи и посетувани изложби. 

И.М.

Можеби ќе ве интересира: