Интервју со „Најдобриот наставник во поранешна Југославија“ - Македонката Клементина Петрушевска: Моја најголема награда е детската насмевка
Клементина Петрушевска е сопруга и мајка, воспитувач во градинка повеќе од 20 години. Посебен интерес и љубов, има за креативно изразување преку пишување поезија, проза и музика (пеење, компонирање, танцување). Љубителка е на филм, музика и долги прошетки во природа, патувања и сонце.
Неодамна се закити со наградата на која би се гордеел секој, „Најдобар наставник во поранешна Југославија“. По повод оваа награда, но и нејзината кариера, како е да се биде просветен работник, што ја исполнува во професијата, разговараме во денешното интервју.
# Почитувана Клементина, вие сте дбитничка на наградата „Најдобар наставник во поранешна Југославија“ на престижната конференција во Требиње. Што претставува за Вас оваа награда?
- Да се биде дел од наградените, најдобрите наставници од регионот на поранешните Југословенски држави претставува најпрво голема чест и привилегија, а секако и уважување и потврда за мојот долгогодишен работен ангажман и посветување во професијата како воспитувач во градинка и реализатор на низа воспитно образовни активности, проекти и настани кои директно влијаат на унапредување на раниот детски развој.
# Вие сте воспитувач во градинката „Весели Цветови“ од Кисела вода, како се одвиваше изборот, колку наставници бевте од Македонија, на што беше ставен главниот фокус ?
- За конференцијата и конкурсот за избор на најдобар наставник во регионот бев информирана од моја драга колешка и соработник од градинката која исто така е добитник на оваа награда пред некоја година што е доказ за важноста од меѓусебна соработка, поддршка и мотивација со цел да се унапредуваме во професијата. Инаку самиот избор се одвиваше по електронски пат, и за да се учествува во истиот потребно беше да се задоволат низа критериуми, поточно од 15 до 27 критериуми во делот на добрата пракса во воспитно образовната работа.
# Колку се корисни ваквите средби/конференции на наставници од регионот, за кои теми најчесто дискутиравте таму, споделивте ли слични мислења и проблеми, позитивни примери?
- Лично сметам дека ваков тип на средби, конференции се клучни за напредокот во воспитанието и образованието на децата бидејќи наставниците имаат можност одблиску да стекнат сознанија за различни искуства, предизвици, но и позитивни пракси кои се реализираат во градинките и училиштата. Дел од самата конференција беше и образовниот саем на кој се презентиравме како тим од нашата земја „Македонија мотивира“ каде на свој штанд презентиравме информативни материјали од институциите кои ги претставувавме и работата која ја реализиравме, а посебно место зазема делот за мотивација на учесниците на саемот и конференцијата преку изработки и мотивациски пораки со кои ги поттикнавме и поддржавме учесниците на конференцијата за кој бевме и наградени како тим од Македонија со посебен сертификат.
# Што сметате дека би требало да се примени во Македонија од образовните системи на другите држави?
- Во многу од тоа како функционираат образовните системи во регионот може да се забележат слични предизвици со кои се соочуваат наставниците. Лично сметам дека секогаш има што и каде да се унапредуваме во праксата. Професионалниот развој и вложување во дополнителна едукација и унапредување на знаењето, меѓусебна поддршка во воспитно образовните институции како и од ресорните министерства за градинките и училиштата сметам дека е клучно и токму затоа самите наставници се јавуваат и како основачи и иницијатори на различни форми за поддршка, соработка и унапредување во праксата како и вреднување и наградување на вложувањето на секој наставник/ воспитувач. Лично очекувам овој тренд на поддршка да го поддржиме како земја која има капацитети да биде и учесник, но и иницијатор на многу форми за унапредување на воспитно образовниот процес во градинките и училиштата.
# Што претставува најголема награда за еден наставник во кариерата?
- Бидејќи работам со деца од предучилишна возраст во градинка, морам да одговорам со емоција на ова прашање бидејќи навистина го чувствувам тоа. Мојата најголема награда е детската насмевка и радост бидејќи само она дете кое е здраво и среќно, расте, се развива и учи преку игра. Се радувам искрено на овие награди кои доаѓаат од практичари од наставничката професија кои добро го познаваат патот на успехот и влогот кој треба да се даде за да се истрае и успее во пракса. Награда е секој успешен ден во соработка со колегите, родителите и децата за да се надминат предизвиците и да се носи со гордост името наставник/воспитувач.
# Колку време сте просветен работник, може ли да ни раскажете повеќе за вашиот професионален развој?
- Како воспитувач во градинка работам повеќе од 20 години. По завршување на студиите на Педагошкиот факултет имав можност да работам во две приватни градинки каде го започнав својот професионален ангажман а потоа започнувам да работам во јавната детска градинка „Весели Цветови“ во Општина Кисела Вода каде работам и денес како одговорен воспитувач кој ја организира работата на еден од објектите, и воспитувач во воспитна група на деца од 5 до 6 години во објектот каде сум одговорна. Во текот на работниот ангажман постојано сум посветена на личниот професионален развој преку учество во низа проекти, настани, авторски проекти, обуки и сл. Учесник, реализатор и едукатор сум за програмата за социјална кохезија и културен дијалог во нашата градинка каде со децата во секојдневната пракса реализирам техники и стратегии за социо-емоционален развој, имплементирам содржини за поддршка и прифаќање на различностите преку реализација на прирачници од програмата „Мисли еднакво“ и „Мултикултурализам“, имплементирам примена на вежби и активности од педагогијата на Марија Монтесори, автор сум на игровни активности и видеа наменети за деца од предучилишна возраст на Едуино платформата за Ран детски развој, автор сум на поезија и проза за деца, автор сум на музика и текст за песни на детски фестивали, автор и уредник на текстови во детско списание, модератор и водител на низа настани за прослави и празници кои се одбележуваат во градинката и во соработка со родителите и пошироката околина, а едно од омилените искуства е учеството на ТВ училница во делот за активности за деца од предучилишна возраст за време на пандемијата.
# Често се вели дека да се биде учител, наставник, воспитувач, професор е едно од најблагородните занимања. Што најмногу ви се допаѓа во вашата професија?
- Она што е мој фокус и професионален идентитет е детската игра. Играта е најмоќната алатка која придонесува секоја цел и задача да се постигне успешно и да се ужива во исто време. Во играта сите сме еднакви, добиваме нови перспективи, си поставуваме предизвици, ги утврдуваме знаењата, учиме нешто ново, истражуваме, експериментираме, доживуваме, докажуваме претпоставки и се унапредуваме во компетенциите. Секој наш ден е нова приказна во која преку различни форми на игра создаваме стимулативна средина за учење и развој на децата во сите воспитно – образовни аспекти. Еден ден сме актери, пејачи, раскажувачи, ликовни уметници, истражувачи/ научници, конструктори, спортисти и уште многу други улоги и професии. Јас секојдневно играм и учам со моите другарчиња во нашата куќа на другарство и токму затоа уживам во мојата професија.
# Колку се сменети работите во образованието кога вие бевте ученик, а како е денес, што е различно според вас?
-Сметам дека има голема разлика во целиот аспект на живеење. Поинакво е опкружувањето, а со самото тоа и целокупното живеење па оттаму и образованието и воспитанието. Поголема е информираноста, интеракцијата е во поинаква форма па со самото тоа сменети се тенденциите во воспитно-образовната пракса. Имаме голема понуда и избор на едукативен материјал и ресурси и форми за работа, а секако тука се дилемите за решавање на предизвиците за работа со особеностите на децата. Денес е особено важно да се пронајдат форми на добра пракса преку кои ќе се вратиме кон функционално знаење. Детските умови се преоптеретени со информации кои не поттикнуваат и стимулираат развој туку создаваат забуна и продуцираат ниско ниво на фокусирано внимание и не стимулираат логичко размислување. Во голем дел од плановите и програмите за работа со децата со цел постигнување знаења се користат и современи методи и средства за работа, но сѐ повеќе се работи на враќање кон форми и стратегии преку кои децата учат искуствено и се стекнуваат со функционално знаење.
# Како изгледа еден ваш ден со најмалите во градинка?
- Нашиот ден во градинката е организиран според дневниот режим за секоја од воспитните групи според соодветната возраст. Децата од најмала возраст имаат природна свесност и потреба да следат активности кои се хронолошки подредени и се чувствуваат спокојни кога се подготвени за секоја активност која следи. Активностите се поделени на слободни и насочени активности кои на децата им даваат можност за насочување и учење преку игра, но и за релаксирање преку игри за забава и релаксирање. Најчесто децата се ставаат во улога на креатори на играта, им се дава насока, материјали за работа / игра, се мотивираат, им се дава поддршка и охрабрување со цел да го прифатат и да одговорат на предизвикот. Од голема важност е амбиентот/ стимулативната подготвена околина и секако пристапот на воспитувачот кон децата.
Денот е исполнет со забава, игра, комуникација, соработка и предизвици за решавање на проблем ситуации. Често нашата игра се реализира во дворот на градинката каде децата ја задоволуваат потребата за движење, истражуваат и експериментираат во природа. Спортските, ликовните и музичките активности се секојдневна потреба за децата каде можат да ги задоволат своите потреби и да ги утврдат знаењата и компетенциите преку повторување на научени вештини. Она што е од драгоцено значење е комуникацијата со деца и останати врсници каде ги усовршуваат комуникациските и социјалните вештини а со самата комуникација ја развиваат свеста за себе и околината. Градинката е детското царство во кое секој е важен, прифатен и сакан.
# Која е повратната реакција од дечињата за сета ваша вложена енергија на часовите и креативност?
- Децата ја чувствуваат љубовта и искреноста и секогаш одговараат соодветно преку изрази на љубов. Секојдневно си даваме внимание преку прегратка, насмевка, убав збор, споделување на тага, возбуда, гнев, радост. Реализираме посебна активност „Круг на доверба“, во која децата ги споделуваат своите емоции, идеи, желби и доживувања, вежбаат техники за опуштање и насочување на вниманието и позитивниот говор. Сѐ се споделува во нашата куќа на другарство. Децата се огледало, одраз за нашиот говор, однесување и поведение. Знаат да ви возвратат во неизмерни количини за секој влог. Секојдневно учиме едни од други. Ги сакам моите мали палавковци... Секој ден е нова авантура исполнета со безброј доживувања. Растеме, играме и учиме заедно едни од други секој ден.
# Проект, награда или слично на кој сте најмногу горди...
- Наградите се потврда за успехот и секако се радувам за секоја од нив. Продолжувам да се надградувам и да учам. Особено се радувам за можноста да учествувам во проекти кои ја поттикнуваат мојата мотивација да реализирам и да се докажувам во реализација на добри воспитно образовни практики. Мојата единствена желба е здрави и среќни деца кои растат, се развиваат, играат и учат преку игра.
Ирена Ставрова