Искрено интервју со Таско: Срцето ми беше долг период под опсада, сега сум слободен

Искрено интервју со Таско: Срцето ми беше долг период под опсада, сега сум слободен

Објавена во: Музика, Интервјуа

Кога ќе го слушнете или прочитате името и презимето Кристијан Тасковски можеби нема да обрнете внимание, но неговото уметничко име (Таско) со гаранција ви е познато. Ова младо момче последниов период направи вистински бум кога се новите музички правци во прашање.

Омилен е помеѓу тинејџерите, а кога ќе се пушти некоја од неговите песни на забава сите играат и пеат во ритамот на Таско. За кратко време ја освои публиката, а веќе се подготвува за уште еден голем спектакл, каде ќе настапи на иста сцена со една балканска ѕвезда. 

Додека сите со нетрпение го очекуваат тој музички спектакл, ние му поставивме неколку прашања, а работите што ни ги откри Таско веруваме дека ќе ве заинтересираат.

# Слободно можеме да заклучиме дека за кратко време ги освои симпатиите кај публиката. Која е тајната на твојот успех?

Постоја две правила за успехот.

1. Никогаш не кажувај се што знаеш.

2. Прочитајте го првото.

Хахаха. Не би се дефинирал како успешен бидејќи тоа што јас го имам зацртано во глава се уште не сум го исполнил, но се стремам кон тоа и мислам дека имам уште многу за работа и надоградување за да станам комплетно успешен музички артист.

# Кога ќе те вратиме неколку годинини наназад, од каде ти се појави љубовта кон овој музички правец?

Па, отсекогаш сум сакал да пишувам поезија, гледајќи едно 10+ години наназад, на мои 12 години добив прво место на републичко ниво за стихотворба. Со тек на времето и влијанието на различни екипи, другари и таа хип хоп култура, природно доаѓа да таа поезија која што ја пишував да се склопи во начинот на живот тогаш и да еволуира во тоа што сум денес.

# Чии стапки ги следиш кога е музиката во прашање?

Своите. Искрено сум презадоволен од тоа што го постигнав досега, целам повеќе и погоре, но со тек на времето мислам дека ќе се отворат поголеми врати и поголеми можности. Една приказна која што секојдневно пишувам нови подеми и падови и задоволен сум од тоа што сум на ова ниво денес.

# Цело лето агендата ти беше преполна со настапи. Имаш ли трема пред истиите?

Тремата е секогаш присутна. Јас верувам дека тоа не се забележува на бина, бидејќи кога публиката е добро подготвена (загреана), веќе е showtime и тука престанува сѐ, меѓутоа најмногу трема имам пред да излезам на бина.

# Деновиве се подготвуваш за претстојниот концерт на кој ќе настапиш на иста сцена со Раста. Дали одговорноста е поголема кога ја делиш сцената со некое звучно име?

Одговорноста ја имаме пред фановите. Со Раста го имавме оној концерт во Охрид, каде што поминавме спектакуларно, така што веќе знам што ме очекува. Одговорноста ја имаме пред сите луѓе кои ќе дојдат да не гледаат, бидејќи се дојдени за забава и тие се главната причина поради кои се случуваат вакви настапи, без разлика дали сум јас или некој друг артист.

# Има ли нешто што сакаш да го промениш кај себе кога е во прашање музиката?

Искрено не. Музиката е вид на уметност каде што можеш да ја пробуваш константно и да експериментираш помеѓу жанрови. Го сакам тоа што го правам и се чувствувам свој кога можам комплетно да се ослободам од сите стресови и да креирам. Кога би можел би живеел во студио.

# Чии совети ти се најважни?

На брат ми. Човекот кој отсекогаш имал осет за тоа која песна пробива, а која не, поранешен танчер, кој знае каде што треба и кога треба да се егзекутира.

# Кој совет ќе го памтиш и ќе го пренесеш и на твоите деца во иднина?

Бидете свои и не дозволувајте да ви газат на делата.

# Кога е љубовта во прашање, дали некогаш имаш добиено „корпа“ од девојче и секако доколку одговорот е да, како се справи со тоа?

Ако не си добил корпа во животот лажеш хахахаха. Имам добиено корпа, но тоа не значи дека требало да се откажам. Едноставно некои луѓе не се подготвени за вашата енергија и внимание, но кармата врти во круг.

Deal with it, and move on.

# Важиш за освојувач на женските срца. Постои ли некоја која го освоила твоето срце?

Максимално го почитувам женскиот пол и најверојатно затоа е тоа така хахахах.

Срцето ми беше долг период под опсада, меѓутоа сега сум слободен и едноставно се фокусирам на својата кариера.

# Можеш ли да раскажеш некоја интересна случка од тинејџерските денови?

Многу се хахахаха.

Но, како најинтересна би ја издвоил журката во Кензо Танге (сега мислам дека е Mood).

Имаше хип хоп журка, јас малолетен каде настапуваа мои другари и отидов да ги гледам. На крајот од журката имаше open mic, за секој што сака да рецитира и да прави freestyle. Буквално другарите што настапуваа ме повлекоа на бина и немаше назад. Тогаш се запознав со Тракер и ме покани во Urban Records. Тоа беше околу 2012 година и од тогаш до денес ме демне микрофонот. 

# Каде се гледаш за десет години?

4 албуми, 5 златни бубамари, 1500 настапи, своја продукција, и идол на многу млади луѓе кои ќе ги поддржам безусловно во тоа што го прават. (Се разбира ако е квалитетно)

# И како за крај, кој „хаштаг“ го користиш најмногу?

#ganggang #urbanrecordsvibe


Ивана Мисајловска

Објавена во: Музика, Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: