Ја изневерив довербата: Вил Смит поднесе оставка од членството во Филмската академија, повеќе нема да гласа за Оскари
Американскиот актер Вил Смит поднесе оставка од членството во Американската академија за доделување на Оскар, откако на минатонеделната церемонија на сцената му удри шлаканица на комичарот Крис Рок.
„Моите постапки на 94. доделување на Оскарите беа шокантни, болни и непростливи“, рече тој во изјавата.
Академијата за филмски уметности и науки објави дека ја прифатила неговата оставка, но и дека ќе ја продолжи дисциплинската постапка против Смит.
Смит му удри шлаканица на Роко затоа што се пошегува со избричената глава на неговата сопруга, која е последица на алопеција - состојба која предизвикува опаѓање на косата.
Неполн час подоцна, тој доби Оскар за најдобар актер за улогата во филмот „Кралот Ричард“, во кој го толкуваше ликот на таткото на американските тениски ѕвезди Венус и Серена Вилијамс.
„Списокот на оние што ги повредив е долг и го вклучува Крис, неговото семејство, многу мои драги пријатели и најблиски, сите присутни и гледачи ширум светот“, рече Смит.
„Ја изневерив довербата на Академијата. На другите номинирани и победници им ја одзедов можноста да слават и да бидат прославени за нивната извонредна работа.
Срцето ми е скршено“, напиша тој.
Актерот рече дека сака да „обрнува внимание на оние кои тоа го заслужуваат за нивните достигнувања“.
Тој заклучи дека „за промената е потребно време“ и е посветен да работи за да се осигура дека „никогаш повеќе нема да дозволи насилството да го совлада разумот“.
Претседателот на Академијата Дејвид Рубин изјави дека оставката на Смит е прифатена, но дека дисциплинската постапка ќе продолжи.
Комичарот Крис Рок се осврна на инцидентот за време на настапот пред публика во Бостон, велејќи дека „сѐ уште се обидува да разбере што се случило“ на Оскарите.
Фановите го поздравија Рок со овации.
Рок претходно одлучи да не поднесе кривична пријава против Смит.
Сопругата на Смит, актерката Џејд Пинкет-Смит, во средата напиша на Инстаграм: „Ова е време за исцелување и јас сум подготвена“.
Оставката не е крај на приказната
Анализа на Питер Баус, BBC News, Лос Анџелес
Оставката од Академијата е голема работа.
Членството во ова тело, кое ги вклучува само избраните, само по себе се смета за достигнување.
Досега се протерани само неколку луѓе, меѓу кои и продуцентот Харви Вајнштајн, актерот Бил Козби и режисерот Роман Полански - иако не беше јасно дали истата судбина го чека и Вил Смит.
Ќе дознае за неколку недели.
Но, актерот реши сам да си ја запечати судбината и да ја изгуби ценетата улога на гласач за Оскар - со оставка.
Неговата меа кулпа е формулирана со силни зборови, но тоа не е крајот на приказната.
Академијата соопшти дека нејзината дисциплинска постапка ќе продолжи, оставајќи ја отворена можноста дека може да му бидат одземени Оскарите - иако тоа изгледа малку веројатно - или дека може да му биде одбиено идното појавување на Оскарите.
Но, Холивуд е место кое простува, а Смит досега беше многу омилен лик.
Можеби неговата следна главна улога ќе биде во шоуто со водителката Опра Винфри, за да објасни сè.