ЈАС СУМ МИА (Епизода 4.)

ЈАС СУМ МИА (Епизода 4.)

Објавена во: Совети // ЈАС СУМ МИА

Додека ја гледав Тамара како плаче, со главата во скут кај Сара, не можев, а да не помислам колку сум претерувала со нервирање за Стефан. Тој до пред некој ден не ни знаеше дека постојам, а јас си дозволував и да се нервирам и да плачам дури, и да си правам филмови.

А сега, другарка ми лежи и плаче за вистински дечко, дечко со кој што била година дена заедно, затоа што вистински ја повредил.

Колку ми беше жал!

Моите „проблеми” во моментот ми изгледаа многу мали.

„Како можеше ова да ми го направи?!” липаше Тамара, додека Сара ја галеше по глава, а Ивона тажно ја гледаше.

Излегувањето ни заврши уште пред да почне.

Половина час претходно, Тамара стоеше над Оливер и непознатото девојче, и тоа неколку секунди, додека да ја забележат.

Како на филм беше.

Оливер скокна како попарен и се обиде да ја фати за рака, но Тамара се оттргна, и пак тргна кон нас. Ние стоевме како закопани во место. На девојката не ни успеавме да и го запаметиме лицето. Но, добро запаметивме дека се бакнуваа. Марко и Давид не знаеја што се случува додека не се свртеа да видат во што гледаме.

Оливер тргна по Тамара.

Тамара се сврте и го бутна.

„Да заборавиш дека постојам!” му се развика, па помина покрај нас и излезе надвор.

Ние по неа.

Келнерите збунети.

Шанкерот се потпре на шанк, спремен да прекинува тепачка ако треба.

Цел кафич гледаше во нас.

Оливер тргна да оди по Тамара, ама Марко и Давид застанаа пред него.

„Врати се назад,” строго му рече Марко и тоа беше последното што го слушнав од внатре.

И толку. Со Тамара, Сара и Ивона во такси, од такси дома, дома кај мене во соба и таму, се уште облечени за излегување, се обидувавме да ја утешиме Тамара.

Звуци излегуваа од сите телефони. Марко и Давид праќаа пораки кај сите да прашаат како е, а Оливер на секои 30 секунди и ѕвонеше на Тамара. Кога не и ѕвонеше и праќаше пораки.

„Знаеш што, Тамара,” рече Ивона станувајќи. „Јас ќе го исклучам звукот на твојот телефон сега. Додека не си го треснала од ѕид.”

Еднаш веќе го имаше треснато од ѕид, на првата и единствената расправија со Оливер, на почетокот на врската.

„А, немам намера,” рече Тамара и стана, триејќи ги очите. „Немам намера да си го кршам телефонот за еден идиот.”

„Стварно, кој би рекол,” се замисли Сара. „Баш за него бев уверена дека е добар.”

„Па беше,” се вмешав јас, истовремено одговарајќи на пораките на Марко. „Полудел. Одвратен.”

„Виде некој која беше?” праша Тамара. „Јас не се ни сеќавам убаво што се случи од што се избезумив.”

Сите занишавме со главите и кренавме раменици.

„Никогаш веќе нема да верувам на ниедно машко!” викна Тамара.

„Ќе видиш дека ќе си најдеш подобар,” ја тешеше Ивона.

„Како да не!” се спротистави Тамара. „Што па мора да се има дечко?! Да се потресувам? Да се нервирам вака, на 16 години? Еве ви ветувам. Во наредните десет години, јас подолга врска од неколку часа немам намера да имам.”

„Добро, не претерувај сега,” реков јас.

„Ај, ќе видиш,” се заинати Тамара.

Сара веќе пет минути фанатично типкаше на телефонот. Фрчеа пораки и нотификации, со звуци кои таа брзо ги прекинуваше типкајќи и понатаму. И со сите извори што ги имаше (а Сара секогаш има неверојатно многу извори), на крај имавме одговор.

„Анастасија се вика,” свечено објави.

Ние три се претворивме во уво.

„Не е од наше школо,” продолжи Сара. „Од музичко е. Поточно, балерина. И Тамара, извини што морам да ти кажам… Ама се гледаат веќе еден месец,” заврши, покажувајќи и ги пораките со информациите што ги имаше добиено.

Тамара луто стана, отиде во бањата и ја тресна вратата. Петнаесет минути подоцна излезе со избришана шминка и горна пижама, легна на едниот наместен душек и се сврте кон ѕидот.

„Ќе спијам,” му рече на ѕидот. „Слободно седете си. Сакам да заврши вечерва.”

Сакавме нешто да и кажеме, ама знаевме дека ќе биде залудно. Кога Тамара ќе реши да затвори една тема - затворена е. Не сакавме да и пречиме и се симнавме во кујната.

„Сакате сок?” прашав јас да ја прекинам тишината. Да, нас Оливер не ни беше дечко, ама сите бевме благо шокирани.

„И знаела дека Оливер има девојка… таа Анастасија,” рече Сара. „Не знам како не сме дознале порано. Не знам со кој памет ја донел на такво јавно место.”

„Оливер мислеше дека ќе одиме во Кашмир,” се сети Ивона. „Затоа се охрабрил.”

Глуп.

Пораки уште стигаа. Кај Сара од Давид, кај мене од Марко.

Си легна, му искуцав на Марко со една рака додека ставав сок. „Ивона, ај пушти телевизор.”

На телевизија го имаше „Сексот и градот” првиот дел. Јована го обожава. Јас не баш. Ама седнавме да го гледаме. Телефонот си го заборавив во кујната.

Пак порака од Марко.

„Значи аман, ќе видам после,” си реков гласно и потонав во фотелјата да гледам филм. И онака не планиравме да спиеме до доцна. Само што, планиравме ова време уште да не бидеме прибрани.

Некаде на половина филм, уште една порака.

„Аааах, добро, ајде, знам дека се секира,” реков и станав да го земам телефонот. Мислам и дека Марко беше потајно вљубен во Тамара.

Екранот светеше.

Пораките беа:

Еј :)

Што правиш? :)

И пораките не беа од Марко.

Пораките беа од Стефан.

@jassummia

by

@janamisho

Третата епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука

Втората епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте јатука

Првата епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.

Објавена во: Совети // ЈАС СУМ МИА

Можеби ќе ве интересира: