Како љубител на слатките работи во животот, секогаш ќе бидам пресреќен кога ќе видам пакетче: Новогодишно интервју со Виктор Апостоловски
Виктор Апостоловски е име на македонската музичка сцена кое долги години твори и создава музика. Го запознавме од музичкото натпреварување „Македонски идол“, а во времето кога се натпреварување, буквално сите тинејџерки беа „луди“ по него.
Оваа година слободно можеме да кажеме дека е негова, бидејќи направи „бум“ со песната „Супермен“, со која влезе во трката за претставник од Македонија на Евровизија 2022. Иако не победи на изборот, сепак оваа песна стана хит, а заразниот ритам публиката имаше можност да ја слуша на сите радио станици.
Но, овој пат миленикот на девојките за Хаштаг повеќе зборуваше за неговите тинејџерски години и се потрудивме да се присети како ја прославувал Новата година низ годините. Што откри Виктор и која дочек нема никогаш да го зборави, прочитајте во продолжение.
# До колку години веруваше во Дедо Мраз и кога сфати дека тој всушност не постои?
- Искрено, многу брзо сфативме кој е Дедо Мраз во нашата куќа, иако моите беа ептен вешти во измислувањето оригинални начини да нѐ изненадат. И баш заради тоа што знаевме кој е Дедо Мраз верувавме уште повеќе во него!
# Кој ти е омилен новогодишен подарок што го имаш добиено?
- Ау има многу! Татко ми порано често патуваше и стално ни носеше интересни играчки. Ама бидејќи сум гурман од дете и обожавам благо, мислам дека засекогаш омилен поклон ќе ми останат пакетчињата!
# На колку години за првпат ја дочека Новата година со друштво? Какво искуство беше тоа?
- Мислам дека тоа беше прва година средно. Бевме големо друштво и решивме да организираме журка за Нова година. Изнајмивме простор, си донесовме озвучување, собравме пари за храна и пијалоци (кои ни траеја за уште 2-3 журки) и си поминувавме за мерак! Чуството беше прејако! И секогаш ни доаѓаа барем двојно повеќе луѓе од тоа што бевме договорени, што значи журките навистина биле одлични.
# Кој дочек досега никогаш нема да го заборавиш?
- Тие погоре споменатите дефинитивно нема да ги заборавам! Тинејџерските лудории. Исто така, многу интересен дочек имав за време на короната. Првпат без никакви музички обврски, со забрани за движења и чуда, па јас и мојата најдрага, за да не седиме дома отидовме во едно планинско село – Брезово. Си запаливме шпоретот да се стопли домот, јадење, пиење, природа, тишина, ѕвезди милион… прекрасно! То е дефинитивно еден поинаков дочек што ќе го памтам засекогаш!
# Дали и денес се радуваш на новогодишни пакетчиња?
- Секогаш! Како љубител на слатките работи во животот, секогаш ќе бидам пресреќен кога ќе видам пакетче!
# Што им подаруваш ти на саканите луѓе за Нова година?
- Пред сѐ многу љубов и разбирање во текот на целиот живот. Мислам дека тоа е најбитниот поклон што може некој да го поклони. А, кога сме веќе кај материјалните, секогаш се трудам да внимавам на работите што ги посакуваат во текот на годината или барем во тој период, па да ги изненадам.
# Што е она што сакаш да го оставиш во 2022, а што би си посакал за новата 2023 година?
- Па и нема многу што би оставил зад себе… би ги оставил непотребните нервози кои се создаваат од тоа што сум воспитан да бидам добар и толерантен кон сите, а многу луѓе воопшто не заслужуваат и го користат тоа. Сѐ друго е супер, 2022 беше прекрасна година и посакувам и очекувам 2023 да биде уште поубава! Посакувам многу здравје, среќа и успеси кај сите!
# Како ќе ја прославиш Новата година?
- Оваа Нова Година ќе ја славам работно! Цел ден на сцена! Денски сум во Битола во Добри Вибрации, а вечерта сум во Coffee Lab во Штип! Ќе биде тоа весело испраќање на 2022 и дочек на 2023!
Ивана Мисајловска
фото: Принтскрин / Инстаграм