Калиопи организира креативен натпревар со оригинални награди
Периодот на изолација поради мерките против ширењето на коронавирусот, Калиопи го користи да ја поттикне нејзината публика на креативност. Таа дојде до оригинална идеја која во текот на месецот ќе ја реализира со нејзиниот тим, натпревар за сите нејзини фанови.
Преку пеење, музицирање, танцување и цртање поврзани на тема со некоја од нејзините одбрани песни на youtube плеј листа ќе се организира онлајн Калиопи Фан Арт креативен натпревар за нејзините следбеници.
„Изминативе неколку недели се обидов да ве обојам со мојот шарен свет од музика и емоции , да ве внесам барем виртуелно во својот дом. Сакав за момент да ве однесам подалеку од секојдневието и сето неубаво да го надминеме преку песна. И тогаш сфатив колкави можности и креативност поседува секој од вас. Затоа одлучив, со помошта на мојот тим, да создадам место за вашите креативни мигови и истовремено да бидеме поблиску иако сме раздалечени едни од други под мотото #седидома. Со нетрпение ги очекувам вашите реакции! ДОБРЕДОЈДОВТЕ ВО - KALIOPI FAN ART“, изјави Калиопи.
Калиопи е една од првите која онлајн почна да се дружи сои своите фанови, вклучувајќи се во живо преку социјалните мрежи од својот дом, за да ги анимира низ песна и разговор. Натпреварот ќе трае во текот на месец април, сите креации ќе бидат објавувани на нејзините социјални мрежи, предвидени се навистина примамливи награди за победниците по четирите категории како што се часови по пеење од Калиопи, учество на нејзин концерт и спот, дизајн на нејзин ковер сингл, а главната награда ќе биде викенд во Македонија и дружење со Калиопи.
Правилата, наградите и останатите информации околу овој креативен натпревар можете детално да ги прочитате на социјалните мрежи на Калиопи на овие линкови
Facebook: https://www.facebook.com/KaliopiOfficialPage/
Instagram: https://www.instagram.com/kaliopi_official/
Twitter: https://twitter.com/Kaliopi_KMP
Уметниците, додава таа, како и oстанатите јавни личности се значаен дел во подигнувањето на свеста кај народот во овие тешки времиња на борба против корона вирусот. За неа е најважно и пред сѐ е секој од нас да помогне и да ги почитува правилата за изолација и седење дома.
(М.Џ.)