Ќара и возот од стакло!
Ќара,
Животот е хаос. Ќе се соочиш со многу болки и многу радости, ќе бидеш скршена, повредена, ама и среќна и исполнета. Не можам да ти ветам ништо. Ти ги носиш одлуките за себе, тоа не го заборавај. Можеби те познавам многу добро, можеби знам со што ќе се сретнеш на овој пат, ама не заборавај, ти одучуваш за себе, никој, никој друг освен ти.
Биди храбра. Секоја авантура има своја мистерија, а ти дете за многу скоро ќе се вплеткаш во пајажината од минатото, сегашноста и иднината. Секоја вистина е послатка од било која лага, затоа не дозволувај да живееш во илузија, немој да оставиш стравот да управува со тебе. Полесно е да ти напишам, одколку да се соочам со хаваријата на која ќе бидеш сведок, знам, но јас тоа веќе го изживеав.
Посвети внимание на деталите, тие се пресудни. Ќара, ти си на должност. Ти си детектив во потрага и немој да дозволиш било што да ти го отргне вниманието од оваа истрага. Не си свесна, уште, но наскоро, за многу кратко ќе сфатиш дека ова патување на кое тргнуваш не е само истражување на светот и луда журка. Патувањето е сандак закопан во еден од мрачните тунели на подземјето, а ти си неговиот клуч.
Што и да се случи, со што и да се сретнеш, што и да видиш, вистина е. Не се плаши, биди објективна и разумна, биди внимателна и не заборавај која си.
Среќно!
Искрено твоја (и моја секако),
Ќара од иднината
Го стуткав листот хартија на кој беше напишано чудното писмо и го зафрлив некаде низ раницата. Бев малку збунета, но решив да не ја анализирам и декодирам оваа порака „од иднината“. Времето истече, на главата го ставив големиот, сламен, црн шешир и се качив на стариот воз. Ја кренав раката и им испатив поздрав на моите пријатели, потоа, на самото тргнување на возот јас влегов во една од кабините, го сместив багажот и на крај го отворив џиновскиот, изгребан прозорец и ја извадив главата надвор. Ветрот ми ја носеше косата, те на една, те на друга страна. Долгите, брановидно прекршени прамени од мојата оштетена, виолетова коса танцуваа низ воздухот, ми го галеа лицето... Со двете долги, бели испружени раце надвор, кон плантажите со сончоглед, јас го допирав ветрот, го галев животот и се смеев сама на себе. Одам во Италија.
Ивона Марковска - Нона, 16 години, ученик во СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“-Битола, автор на „Пронаоѓање“- самостојно издадена книга и „Аурора“- издавачка куќа Култура. Исто така автор на приказната „За да те пронајдам“, како и на голем број колумни и текстови. Го уредува и инстаграм профилот @a_soul_of_paper.