Ќара и возот од стакло (Епизода 2)

Ќара и возот од стакло (Епизода 2)

Патував, повеќе од еден час возот јуреше кон убавата Италија, а јас како дел од него, заедно со него ги совладував струјните линии. Можев да приметам дланки кои висат од останатите прозорци, глави кои ѕиркаат во „недопрената“ убавина на природата, а го слушав и звукот кој го создаваа тркалата од возот додека ги допираа железните шини.

Фото апаратот обесен на мојот врат, шеширот на глава, книгата в раце, а слушалките в уши, уживав во секој здив, во секој поглед и во секое трепнување. Ова беше моја авантура, ова беше мојата „судбина“, конечно ќе си го остварам сонот. Интузијазмот пулсираше од моето срце, се ширеше низ моите вени и на крај го обзеде целото мое тело. Секој такт од рок композицијата која свиреше преку моите слушалки ме правеше уште посреќна. Го живеам животот како што јас сакам, зарем може да се чуствувам поубаво?

За момент или само мене ми изгледаше како момент, јас целосно се предадов во ракописот на Џејмс Патерсон. Бев толку сконцентрирана на тие убаво навезени зборови, кои танцуаа низ страниците од таа волшебна книга што го заборавив светот околу мене, заборавив на сè. Кога солзите навираа како две брзи реки од моите очи, и кога ми стана јасно дека тоа е крајот, погледнав низ изгребаното стакло од прозорецот на возот, мракот веќе се спуштил, сонцето си заминало, а јас не забележав ништо. Си имав ветено дека ќе фотографирам и ќе пишувам за ова патување, но јас се предадов во рацете на Џејмс и неговата книга. Сепак, не жалам и за ова можам да напишам нешто. Ги избришав солзите и станав за да купам чоколадо од жената која врвеше покрај кабините со голема дрвена количка на четири тркала  и продаваше разни ужинки со цел да ги задоволи потребите на патниците. Ја отворив вратата од кабината и чекав да се доближи кон мене. Погледот го насочив кон мојата облека која беше изгужвана од долгото седење во возот, портокаловите шорцеви најмногу настрадале, а белата, кратка маица со Дамбо беше во прилично добра состојба. Уште чекав, и сфатив дека морам да одам до неа, бидејќи поради гужвата која настана околу неа нема да добијам ни трошка, а не па цело чоколадо. Успеав да се пробијам низ гладната сурија на патници и го купив она што го сакав: вода со вкус на лубеница и црно чоколадо. Кога се вратив во кабината, на седиштето спроти  мене седеше една возрасна жена со сива коса. 

„Добро вечер!“- Реков. (Бев малку разочарана бидејќи треба да ја делам кабината, но се трудев тоа да не го покажам).

„Добро вечер!“- Мил и нежен глас се рашири низ нашата кабина со број 68. 

„Сега ќе ослободам место за вашиот багаж. Бев сама веќе 5 часа во кабинава, па не мислев дека некој ќе ми се придружи и затоа се распостелив на сите страни. Извинете“.- Бев напната поради мојата неуредност и мојот расфрлан багаж. Иако носев само еден ранец и еден мал куфер, сепак во овие неколку часа јас исто како да се преселив во кабинава.

„Не, не, нема потреба. За неколку минути ќе слезам, влегов во кабинава со цел моите внуци да имаат каде да седнат кога ќе дојдат. Јас работам во возот и како што гледаш имам само една мала ташна со себе“.

„Вашите внуци? Зарем тие не можат сами да си пронајдат место во возот?“

„Прв пат ќе патуваат со воз, па мислам дека немаат никаква идеја како ова патување функционира“.

„Хм, океј“.

Тука заврши нашиот разговор со старицата од возот. Застанавме. Телефонот на старата жена заѕвони.

„Да?“ (Пауза) „Да, да во возот сум“. (Повторно пауза) „Дојдете во кабина број...(молчи) Почекајте да проверам“.

„Кабина број 68“. – Дофрлувам.

„Молам?“-Ми се обрати старицата.

„Бројот на кабината е 68, трет вагон“.- Ѝ појаснив.

„Ти благодарам“ (Кратка пауза) „Не, не ти зборував тебе. Бројот на кабината е 68, трет вагон, ве чекам“ (Пауза) „Да, да, ајде се гледаме!“

Жената го прекина телефонскиот повик и уште еднаш ми се заблагодари за помошта. Го отворив чоколадото и грзнав еднаш. Тогаш на вратата од кабината со бро 68 се појавија две сенки, не се гледаа лицта бидејќи го имав тргнато пердето. Старата жена им ја отвори вратата и во мојата кабина влезе едно познато и едно непознато лице.

„Нина?“- Збунето реков.

„Ќара?“- Ми се обрати.

Станав и ја прегрнав. „Што правиш ти тука? Зарем не си на студии во Лондон? “

„Бев, сум, долга приказна, ти кажи ми каде патуваш?“

„Секаде. Прва дестинација ми е Италија, а потоа каде ќе ме однесе патот“.


Ивона Марковска - Нона, 16 години, ученик во СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“-Битола, автор на „Пронаоѓање“- самостојно издадена книга и „Аурора“- издавачка куќа Култура. Исто така автор на приказната „За да те пронајдам“, како и на голем број колумни и текстови. Го уредува и инстаграм профилот @a_soul_of_paper.

Можеби ќе ве интересира: